Оливера Николова. „Вежби за Ибн Пајко“ Поминувам често во Скопје крај една зграда што ја нарекуваат Ибн Пајко. Во приземјето ѝ е сместен дуќан за продажба на очила, чие лице гледа во прекрасните сводови на знаменитиот Камен мост врз Вардар. Денес, тоа е една од запуштените згради во модерниот град. Како и нејзината околина, денес наречена Пајко-маало. Порано пак, овој простор од левата страна на реката, бил прочуен и пожелкуван. Во некои стари карти и ракописи пак тој е именуван и како Бајково маало. Си помислувам: а можеби е негде спомнат и како Тајково маало? Порано. Уште порано, многу порано, постоел само еден човек, по име син на Пајко или ибн Пајко, ибн Бајко, а можеби и ибн Тајко. Кој е вистинскиот? За него не знам ништо, а сакам да знам. Што бил тој? Каков бил? Што работел? Имал ли семејство? Имал ли пријатели? Пријателите и така повеќе кажуваат за една личност од непријателите, кои, и без поголема причина, се поведуваат најчесто од потребите на самата омраза, не од објектот и личноста. Не, ништо не знам како размислувал тој син на Пајко, Бајко, или Тајко, кого љубел, кого не поднесувал, бил ли образован, дарежлив, љубопитен, милостив, бил ли препреден, наивен, зол. Читал ли книги, ја криел ли својата нарав зад мудростите прочитани во нив? Имал ли воопшто можност да дојде до книга? Некоја таква, што ќе му ги отвори тајните чекмеџиња на душата? Се знае дека бил христијанин, тоа да. Првин бил христијанин, а потоа се потурчил. Но зошто? Морал ли? Верувал ли повеќе во мухамеданството? Го сторил ли тоа поради користољубие, или поради други ниски страсти? Може да се набројуваат најразлични претпоставки за овој негов потег. Токму тие пак, верувам, бидејќи наполно неразјаснети, и го одржале досега споменот за ибн Пајко, Бајко или Тајко, иако и самите, сè повеќе тонат во маглата на вековите. Постоела во Скопје и Пајкова џамија. Тоа уште се памети. Но, каква врска има таа со тој далечен и нејасен човек? Дали се вистинити, или само подоцна измислени приказните дека тој во неа е погребан? Зошто во неа, кога сè уште не е сосема исчезната верзијата за неговиот христијански погреб што му го приредиле тогашните скопјани? На каде да го завртиме умот за да нè исчисти здивот на вистината? А најпосле и - кога заправо живеел тој си на Пајко, Бајко или Тајко? Во кое време? Дали во 15-от век, дали во следниот, шеснаесетти век, или во годините измеѓу, како што претпоставуваат некои? Или пак е тој веќе човек на сите времиња, за кого може да се каже што и да е, и да се претпостави што било? Човек врз кого, едноставно, се вежбала историјата, а се вежбале и луѓето. Размислувам за него многупати. Вежбам и јас. Вежбањето и така често го придружува незнајното. Го придружува, се врзува за него и така обично го раѓа знајното, како едно од многуте чеда на вистината. „ПРВА ВЕЖБА“ (Изглед, потекло) 1. Беше ти бил ибн Пајко човек мек како душа. Мек како душа, ама и силен како душа. Солза да му капнела врз камен, се велело, дупела бразда во него. Воздишка ли да испуштел спрам некого, од мака, или од севда1 1 некаква, врз овега круна од ѕвезди небаре се правела, небаре да му свети како на светец и да го пази со сечилото на светлоста. Тој ибн Пајко беше ти бил попрво Марко. Со име на пресветиот апостол. Бидувајќи прв и единствен син на татка си Павлета, Пајкота, го провикале ибн Пајко, син на Пајкота. Сè му личело нему што ќе направел. Сè, небаре од самиот господ бог подржано. Жена му пак, Калија, и таа со златни раце како него, кои во коприни донесени од Измир со срма правеле чудесии, на ибн Пајко му била десна рака и десно раме, ама и чувар за нивната неизмерна меѓусебна љубов. Иако не се погодувало никогаш кој кого повеќе сака. Марко беше во ставата висок и тенок. Со извлечен врат, како ибриците што ги правеше. Опулот му беше чист и отворен, раката пак секогаш пречеклива. Калија во работата му помагаше без да знае. Светла како бел бигор, а мека и нежна како мирис од мошус и амбра, Калија, со збор што беше певлив и пријатен, чиниш по неговите синии бесшумно се тркалаше и ги мазнеше, ги мазнеше - така му се присторуваше на нејзиниот Марко, кога ќе почнеше да ги светнува дали синиите, дали ибриците, свеќниците, дали каделниците, ѓумовите, котлите, араниите, тавите, фенерите или легените. Стариот на Марко беше ти бил дојден, пред години, од Кратово, а во овој град имаше мајдан од бакар, та бакарните садови што се изработуваа таму, според личотијата ги надминуваа и оние од Босна, па и и оние од Кастамонија, во Мала Азија. Марко го изучи занаетот и изработуваше свеќници од тенки и испреплетени жици, а ибрици дури и од чисто злато, украсени со скапи камења и шари, умот да ти зајде. Како што се правеле во Кратово, а и поубави. По ридовите врз градот, таму, имаше многу не само чист бакар, туку и сребро, и да се прават вакви личотии комесарот на градот дозволуваше со голем ќејф. Занаетот што го наследи Марко им носеше доста корист како на градските турски првенци, така и нему, на комесарот, кому градот, иако беше под скопскиот санџак2, му беше даден на управување со уште двеста негови луѓе, ама и под закуп за 70 товари аспри3. Седумдесет товари! Каква ли пара беше тоа! Само еден товар содржеше 500.000 аспри! Ама, ако се има на ум тарапаната4 за пари што постоеше овде, тарапана во која беа сечени аспри од чисто сребро, е тогаш, комесарот не мораше многу да се јадосува. Во тарапаната работеше многубројна раја што тој ја ослободи од секакви други обврски. Дење и ноќе таа раја само вадеше и вадеше од бакарот и среброто, и не правеше ништо друго. Многу милееше комесарот, некаде привечер, да седне на чардакот и да го разгледува новиот куп сечени аспри што му ги беа донеле. Ги фаќаше тој во грстови, ги заграбуваше, па пушташе среброто да му тече низ прсти како вода. Се грбавеше врз тркалезните сплескани пари небаре првпат ги гледа, и со здржан кикот, ѕверејќи се спрам ридовите, ја вртеше парата и читаше во занес: „Нека му биде победата славна - сечено во Кратово". Така и Марко, не знаејќи колку му е сличен, седнуваше на привечер, пред да го замандали дуќанот во Скопје, седнуваше сам крај своите ибрици и синии што ги беше направил, покроце и на јаваш да прими малку од огревањето на нивниот матен сјај. Не би ги дал за ништо на светот, да не мораше. Додека образот почнуваше да му се осветлува, и однатре, како од некое чудесно ламбиче, тој ги гушкаше како деца што ги задржува уште малку, уште малку, пред да му избегаат од куќи. Имаше и во душата на Марко една таква сребрена жица што не жрѓосува. Бендисуваше тој секого, ете каква беше таа жица. Крив ли е некој, сакат ли, лажго ли е натемаго, валкан, никаквик, мурто, или човек што за образот и честа не води многу сметка, за ибн Пајко беа небаре само чеда господови желни за прошка. И тој им подаваше рака како на браќа родени. Не дека не се прелажа многупати поради тоа, не дека вниманието што го покажуваше за сè не го плесна како шамар. Ама нели татко му беше веќе одамна застанат на нозе, што се вели, и бидеејќи силна заветрина му правеше и со милоста, и со богатството, Марко веќе не мораше да оди во опинци како татко му кога беше дошол во Скопје и се вчудовидувал, како што кажуваше самиот, од Безистенот и од чаршијата, туку се облекуваше повнимателно и поубаво. Многу го сакаше ибн Пајко скопскиот жолт сафтијан, гласот за кого веќе беше одлетал надалеку, а богами и другите кожарски марифети ги ценеше. Ако Кратово се прчеше со бакар и со сребро, Скопјево, пред сите други занаети, си ги имаше кожите и кожарите - околу 700 на број. Додека младите турски јунаци шетаа пред неговиот дуќан со кренат нос - и да им падне, велеше народот, немаше да се наведнат да си го земат - носејќи на главите од црвена саја-чоја самурови или кожени калпаци, тој се смешкаше, зашто знаеше дека не само што не е подолу од нив, туку и дека нивната напрченост е само несигурна сестра на суетата. Нивните груби, тесни бечви, го тераа да ги сожалува. Срцето му го правеа меко на нивните беслаци. На појасот со заденат широк нож, тие личеа на страшила за јунаци, не на стамени момци чиј сон е да станат непобедиви газии5. Старците пак ги милееше речиси без мерка. Тие, иако веќе многу посурови од младината, чиниш ја криеја стежнатата глава од гајлиња, завиткувајќи ја во украсени мухамедански саруци. Џабе ви чалми, ефендии! му идеше да им довикне. Сè се гледа, сè е на видело! Се пулам низ вас како низ неџефски џам, ефендии! Џабе ви е криењето! Сељам аљукум!6 А не гледаше за себе, кутриот. Сребрената жица од милост и добрина, му се завиткуваше полека околу гушата, и колку тој повеќе наоѓаше оправдување за секоја мана на луѓето, и колку полесно им проштеваше, толку жицата сè повеќе се засукуваше и сè поблизу му се стегаше околу гркланот. Дали почнуваше да кркори? Засипнатиот глас небаре не беше негов. Ибн Пајко и натаму си продолжуваше по свое, додека не изгуби сосема здив. И на пазарот за робје Марко не го сети својот лош к'смет7. Зошто отиде таму? Ниту имаше намера евтино да си купи измеќар, ниту да биде прост сеирџија. Робовите тазе беа донесени од борбите по Србија и неколку дена на ред ги продаваа овде, врзани во синџири и целите испарталени. Душата би му се сторила парампарче на ибн Пајкота да мислеше на некоја своја корист од оваа работа. Здрвен целиот, стоеше меѓу луѓето, и оставаше да го туркаат де одлево, де оддесно. Разни бадијалџии, редум со амали и ѓупци, и со секаков друг џган, се кикотеа одвај во неговиот врат, зашто не достасуваа да бидат високи како него. Воздухот небаре се загадуваше од тоа тесто на подбив и напернатост, плитки смешки и срамен кикот, наменет за врзаните и нивниот разголен пол. Ситна и одвратна среќа што не се на местото на робовите, си рече Марко во себе и згаден. На едно повисоко место, божем стокмено за караѓози, се туркаа изврзаните, стуткани мажи со момчиња, жени со девојки, и настрана децата, голуждрави и исцибрени како тукушто породени мачиња. Срцето му се стегна на Марко. По едни дрвени мердевини, потпрени на гредата, се качуваа до нив тие што сакаа да ги купат, да ги штипат, да им ги видат мускулите и забите, или да ги поплукаат како душмани на Падишахот8, та ибн Пајко, со сведен поглед од срам, виде многу калци и налани во бели чорапи како се пентарат по тие мердевини, ѕвечкајќи им ги синџирите на фатените. Се слушаше „ишала"9 и „машала"10, а зурли и тапани сосила свиреа некаков марш, додека еден келеш од другата страна на мердевините бесно тресеше дајре. Разни низами, чувари на редот, стоеја отстрана, ама низ народот сновеа и сејмени со кубури на појас и пушки преку рака, заптии11 и гавази12. Некој викна од толпата: „Плаќам богато, да знаете!" „Сус13, море!" го прекинаа од бината. Тој што го рече тоа, еден со сурат на ајван, ама сепак Турчин со турбан и еден отворен ќитап в раце, тој уште и дорече, откога се изнакашла убаво и почека луѓето да се смират. „Ош гелдинис, кардашлар! Добредојдовте, браќа!" Онбашијата14 ли беше, или муљазимот15, што тропнаа така силно со чизмата? Дали дајрето пак се затресе? Дали зурлите и тапаните си го голтнаа здивот, та зацари таква тишина? Некој до ибн Пајко рече притулено: „Не плаши се, ибн Пајко!" И го фати пријателски за лакотот. „Не плаши се за нив. Тие улеле на Алах, ова им е казна". А Марко го изгледа и се замисли: „Повеќе ќе е црн абер од ѓаволот, не од Алах", рече. Тоа беше Турчин со зачалмен фес и ибн Пајко тојчас го препозна амамџијата Селим од Чифте-амамот, кој секогаш го триеше со топли ленени крпи кога овој со Калија одеа во саботите на бања, едниот во женскиот, другиот во машкиот дел. „Да не ги жалиме многу", рече сега потивко амамџијата, и намигна шеретски. „Подобро ли да биле во бојот чадено месо? Алах и така на сите ќе ни го фати крајот, така вели праведниот". Ибн Пајко го полази некој топол ветер. Овој честит Турчин, небаре сакаше да му ја распрета душата. Та, зарем се тие прави робови робови?, си рече Марко, стемнет, ама и наеднаш нурнат во себе. Врзани се во синџири, на нивните лица, би рекол амамџијава, се чита кедар, чиста болка, крвави се, парталави, издраскани и црни од кал, саѓи и барут, ама и синџирот и црнилото, зарем не се надвор од нив? Душманите ја држат нивната снага само однадвор, а до она што е внатре имаат ли моќ да допрат? Кој може да ја пороби нивната мисла, севдата или маката? Тие се само нивни, и тие се слободни. Тие им се внатре во снагата, таму фатени, ама со нивни катинари и резиња, не со овие синџири однадвор. Мислата им се мајтапи и така куртулува, а оваа надворешна ѓурултија не ѝ може ништо: севдата се опнала како ластегарка и лета каде ѝ душа сака: маката пак, најтешкиот синџир, џврчнат со жежок белег, пак е само нивни и никој нема патечка до него. Златна ле мајко света, ами ако е така и со Турциве? - се штрекна Марко. Што дека се тие господари? Оној онбашија, оној муљазим, зарем и тие не се робови? Робови на робовите. Оној сејмен што се поти, зарем и тој не е сличен роб што мора да мавта со кубурата и со анџарот, и така стокмен да заплашува сè живо? Зар му е тоа толку по ќејф? Или, баш маката што не му е по ќејф, го прави уште повеќе зол, како лишка што од инает блуе пред котел со бакардан? Робовите се омрцлавени, небаре свеќи што се топат на шандан16, ами Турците? Кои татлии и кои пиљави, и кој коњ делија ќе им ја избрише сликата за овој срамен мегдан? И му рече валијата Мехмед паша на ибн Пајко: - Аферим17 за сребрениов ибрик, ибн Пајко, ефенди. Ала бин бериќатверсн18 што ми го даваш од срце. И ова биљурно коритце за ибриков е тамам. Ќе нарачам со него да му потураат на султанот да се измие, кога ќе ми дојде на гости. Ама, чекај малку, да не го правиш ти ова за нешто друго? Имаш ли нешто друго ниет19? Белки не те јаде некоја мака? Извини, што те прашувам вака отворено." Па го покани со дебелата рака: - Седни на миндеров, да испиеме по еден чибук. Скрсти нозе Марко, се навали на перниците: „О, мој вели пашо! Се колнам! Немам јас некоја голема мака, ако не се земе онаа најголемата што ме јаде. Знаеш и самиот, уште господ не ми дал чедо. Тоа е мојот таксират20. Сега сум дошол само да те видам тебе, да те прашам за доброто здравје и за раните, ако ми дозволиш. Голем бој вие имавте таму на север со Паша бег и со Кирич Догана, а видов на скопскиов пазар за робје и дете од четири години се продава за дваесет аспри." Рече Мехмед-паша бег, воздивнувајќи: „Добро си чул, ибн Пајко ефенди. Де не имаш ихтиза21 да купиш некое парче?" Го изгледа убаво бледилото на Марко, па му дојде некој ќејф од тоа, и пуфна со чибукот. „Такво клање и пљачкосување и јас досега не бев видел. Нашите коњи од мртвите тела не можеа ни да чекорат." Марко зина: „Исусе златен." „Да му се клањаме на Алаха и на Падишахот," се издиша бегот, нервозно. Помолча Марко, наречен и од бегов ибн Пајко, па рече: „Знаев дека ќе биде големо уште кога дојде онаа султанска заповед по Армуџи-оглу Нуман до кадиите. За собирање овци. Си реков: дваесет и пет илјади глави само од скопско, ами и од другите нахии речиси по толку? Мора да се готви нешто од големо поголемо! Овците да се отераат, со луѓе и пазачи, уште пред стасувањето на војската, право кон Белград. Што може да биде тоа освен голем султански поход?" Го праша тогаш Мехмед паша, гледајќи го под око ибн Пајкота: „Ако мислиш да си купиш дете од пазарот за робје, дете да ти слугува и да ти мете низ дуќан, јас дозвола давам. Ти си аза22, чело на рисјаните. Само речи." Марко одмавна со раката: „Не, светол вели пашо. Не." Се исмеа пашата: - Будала! Знам дека си дошол за тоа! Еве, да речеме, не мораш ни да ги купиш! Ти си аза, аферим треба да ти речеме за многу работи. Само Армуџи-оглу заплени петорица, а колку посече и да не ти кажувам, кардаш! Сите петорица, ми кажаа, ги продал вчера на пазарот за деветстотини аспри. Не е забрането да бараме за тебе и бесплатно. Ги има уште стотина непродадени, чмаат во градската апсаана. Ама Марко пак повтори, стемнето: „Не, светол вели пашо, не." Ама веднаш потоа, како ровја да го удрила, туку се провика: „Аферим, светол пашо, аферим. Согласен сум, да!." Остана Мехмед паша зачуден. Час вака, час така. Што е со ибн Пајко? Тој го знаеше ибн Пајкота добро и од порано, ама ни на крај на умот сега не би му дошло дека Марко ова ново решение го донесе поради сребрената жица која го стегаше во гркланот. Кутар паша, си мислеше Марко. Гледај го, и тој роб, за жалење. Свети целиот како мојов ибрик зашто имал сила да ми подари роб! Кутриот. Да му го направам ќејфот? Барем и човекот ќе биде спасен. Ибн Пајко беше од побогатите првенци рисјани, стана и аза во шеријатот23, канонот го знаеше, еснафот го сакаше, рајата и чаршијата го почитуваа, ама Мехмед паша, кој веќе имаше седумнаесет деца, ако се земе и последното кое од најмладата анамка за ден-два ќе видеше свет, го насетуваше кај ибн Пајко само копнежот по свој пород, а сето друго никако не можеше докрај да го разбере. Сè му се чинеше - ибн Пајко нешто таи, се преправа, му бега некако, му се измолкнува, реди само убави зборови, а друго мисли. Поднаучи Мехмед паша многу за историјата на градов: сам бараше, читаше и вртеше стари ракописи што ги порачуваше дури од Цариград: беше и еден од малкуте Турци што не беа докрај опијанети од славата на полумесечината: и кој знаеше дека и пред нив овде имало не само живи, туку и славни. Имаше притоа Мехмед паша постојано при себе и еден стар ферман со султански оловен печат стасан до дедо му, славниот Исхак-бег, кога овој стана заповедник на Скопје: ферманот24 беше пишуван со рака и зелено мастило, а дојде во футрола од ѓон, со сребрени скопци, и залепена со восок: не само што постојано го препрочитуваше тој ферман, туку и го учеше на памет. Внимавај да не те фати суетата, велеше на едно место султанот. Не мисли дека земјата и рајата ги држиш само со својата сабја, туку подобро имај на ум дека земјата е првин сопственост на бога, а потоа од пророкот, и овој само по заповед на Алах ти ја подарил. Да бидеш господар на една земја и народ е исто што и да седиш на терезија со два таса. Едниот тас е џенетот25, а другиот џенемот26. Со својот јунаштилак не туку се сили, но својата сабја сепак држи ја остра. А твоите беговски намесници учи ги да не ѝ прават зулуми на рајата и да не ѝ додеваат многу. И пизма27 да нема спрема никого. Ама, запомни го и овој мој совет: кога ќе сакаш врз некого да се потпреш и да го употребиш, немој да го земаш на ум само она што го знаеш за него од порано: човекот може се изменил: зашто телото на синот човечки се менува постојано, небаре од една состојба во друга. Според тоа, за лице што за некаква работа сакаш да го овластиш, отвори и око и уво. Може се променил. Затоа земај му ги зборовите за точни дури отпосле. Тоа важеше за ибн Пајко. Отворај очи и уши. Глупаво ќе беше од него, внук на еден од тројцата синови на Исхак бег, најголемиот градител на Скопје, да не отвора очи и уши. Татко му, Мустафа-паша бег, не го знаеше тоа баш најдобро и затоа славата му избега, покрај браќата Иса-бег и Паша-бег. Тој стана славен дури кога се раскара со нив и налутено ги предаде на шеријатот своите фермани за поделба на наследството. Па сепак, прекрасниот Чифте-амам му припадна на чичко му Иса, најнапернатиот од сите, кој не веруваше никому, и кој имаше десет очи и десет уши. Никогаш тој не би му поверувал на овој ибн Пајко, па дури и ваков сребрен ибрик во биљурно коритце да му донесеше, како и сега нему. Би го гледал в очи, би бил благ со него, ама би мислел како да му ја извади ѓаурската28 смрдлива маст. А Марко, баш затоа што ја знаеше маката на Мехмед-паша, божем му ги чита мислите, рече сега: „Слушам, светол пашо, откога ќе се одмориш од бојот, си наумил да вршиш некои поправки во Исхак-беговата џамија? Можам ли јас да ти бидам од корист? А и саат кулата што одамна сакаш да ја градиш, да не дојде најпосле време и за неа? Добро ли сум чул?" Мехмед бег се прелапа. Ете, си рече, фати го сега шејтанов за опаш. А гласно се насмеа: „Добро си чул, ибн Пајко ефенди, добро." И го управи замислено погледот надвор од сарајот. Замолчан. Калето, во кое се наоѓаше неговиот сарај, чувано добро од сите страни, со заптии и железни порти, му го креваше и погледот повисоко од сите што живееја долу, во подкалето, од сите, па и од овој ибн Пајко: но тој не беше задоволен. Шеташе со погледот од Туз-пазар па сè до мостот, но џигерот му гореше, така чувствуваше. Желбата да стори нешто со себе беше преголема. Да поправа, да доправа, да суредува џамии, текиња29 и амами30, да гради мостови, да прави нешто што никој од предците не направил, па ако не да се издигне повисоко од нив, барем да им биде рамен. Штиркосаните пердиња запавтаа на пролетното ветре, удри некаква божја свежина врз миндерот, реката под него зашумоли, и пенџерето со решетки наеднаш му го замагли опулот на бегот. Се сврте Мехмед паша спрам ибн Пајко и нешто го жегна. „Туф, туф," си воздивна за себе, „та умот кај Турчинот изгледа доаѓа отпосле!" Да биде ли баш ибн Пајко тој што ќе му ја зголеми славата? 2. А тој пусти снег си редеше, си редеше... Шшш, без многу врева, шшш, секој шум го попиваше како цариградско кадифе: секоја викотница ја правеше мека како урда: а секоја смеа како истурање на ѓулсуи1. Боже, боженце, шшш, тивко и со молбите и со молепствијата, и со поплаките и жалопојките, да си ми вековен, шшш, амин. Пргавиот Петре, син на Благоја, Бајко, ќучук Блаже, туку си куцкаше низ скопскиот панаѓур. Панаѓурот на манастирот Свети Ѓоргија - Горг се одржуваше еднаш годишно во градот, прикрај ноември, и траеше осум дена. Се изнесуваа таму манастирски вина, погачи, а најмногу грнчарија. Петре, ибн Бајко, иако манастирот беше, што се вели, не само близу туку поблизу и од трепката до окото, веднаш спроти Скопје, над реката Серава, а на ридот што се вика Вергин, одвај дочека да го пратат на панаѓурот со манастирските чоеци, па да слезе во градот како што тој милее, да слезе и да го разгледа градот што ти имал сто и дваесет чешми и сто и дваесет џамии, над четириесет меани и маала, себил анои2 и амами, за кои беше многу слушал. Тој ибн Бајко, цврст и полничок, ама и сплескан како некој тежок туч уште од малена да го приземјил, малечок и нагнетен како колбас од потонот на игуменот, куцкаше од тој пусти туч секогаш со главата надесно, а со телото налево, зашто колкот му беше начнат. Куц, куц, ама тој докуцка не само до панаѓурот, ами и до тие две илјади прочуени дуќани на скопската чаршија. Ако нешто му се стемни, си рече, ако му се стемни од тоа големо ѕверење, нели беше слушал и за бесплатните гостилници и анови какви што ги имало овде за сиромаси? Зарем не беше и тој сиромав? Црквено глувче, куц, куц. Додуша, секогаш сито, ама што му го знаеш? Нели така велеше татко му? Татко му на Петре, Благоја, Бајко, Блаже, благ како пипер, беше ковач: дојден во манастирот од струмичката нахија, село Градец, небаре го извади Петрета како копија од себе. Што му го знаеш? Тоа беа негови зборови, а и Петреви. И двајцата превртуваа исти семки во тиквата. Што му го знаеш? Каурот сега и на грбот треба да става очила, би рекол, да беше жив Благоја, Бајко. Добро де, сега! Ами зар под бившите кралеви и цареви ни беше поинаку? Давачки колку сакаш! Дури и земјата се премеруваше според скоковите на болвата. Струмичката жупа, во српското со хрисовула се потврди во имотот на Хилендар, па секоја година на двапати, во половината на септември и во половината на март, сè што се збираше од народот се носеше во Хилендар, и тоа беше утврдено со оловен печат за да не се измрда. Бајко ковачот, влезен во дефтерот со брата си Јована и жена си Марија, со единствениот син Петрета, без снаа и внуци, со еден вол и две говеда, со петнаесет овци, четири свињи, лозје и нешто земја - плаќаше данок три перпери3. Биваше ли тоа? Го прашуваа ли дали има нешто и за под носот? Но, ако тогаш данокот на глава се викаше офелија или ур, под турсково се вика џизие. Ако порано имаше даноци за пасишта, тревнина, десеток од свињи, десеток од пчели, па дури го имаше и оној што го закачи и него кога го одведе добичето на пасење желади, сега еве, би рекол да беше жив Бајко, сега еве, го има арачот, данокот за земја на немуслиманите, кој пак ги надминува сите поранешни. Бајко беше голем итрец и, на времето, смисли итроштина, иако за тоа плати дванаесет перпери казна: го запусти лозјето, ја префрли земјата на брат му, ги закла свињите, ги олапа говедата и овците, ги грабна само суџуците, пастрмата и, едно, две, еден ден ги собра Бајко Марија и малечкиот Петрета кој изгледаше помалечок и од што беше, и се префрли во манастирот Свети Ѓоргија - Горг над реката Серава и ридот Вергин. Му рече Бајко на игуменот: „Ние сме меропси4 од царската пронија5 во Струмичко, село Градец. Знаеш, пречесен, на меропсите им остана во закон, освен што го даваат царскиот перпер, неделно уште по два дена да му работат на пронијарот, еден ден да му косат, друг да копаат во лозјето, да му вршат или збираат жито, а само она што ќе им остане да им биде нивно. Сега, пресветол, не дека сме недугави или непослушни, но еве, молиме твоја заштита. Ако нè најде господарот, на меропсот што избегал има право да го муњоса6 и носот да му го распори на две. А, знаеме дека ти како игумен имаш право да си населиш некого било од каде и да е, било од Грција, или од Србија, било да бил слободен или од некој починат господар, ако поминале три години. Ќе го сториш ли тоа за нас? Сè што е наше го оставаме на манастиров." „А што е ваше?" го праша игуменот. „Вошките", рече Бајко, без срам. „Ами, ќе ораме ли со нив?" „Секое живинче е господово", се прекрсти ковачот. „Ама, јас сум ковач, тие мене не ми се од многу корист, ги оставам на манастиров". Не се искикоте Благоја, Бајко, како што знаеше. Многу беше сериозен. „Слушај", рече игуменот, „ајде овците и свињите се изеле, ами каблите лозје, каблите земја?" „Отидоа", кратко одговори Бајко. „Еве, синчево мое Петре ќе порасне, ќе дојде ред ќе се жени, ќе изроди дечиња. Тие ќе му бидат слуги на Свети Ѓорѓија, збор ти давам". Неговиот збор, како и оној на ибн Бајко. Манастирот имаше нива со глина и Петре уште од мал се нафати со грнците. Но изучи и книга, па го пуштаа во придружба на сокалникот, собирачот на соќето, данокот во натура, исто како да е попски син што не смее да стане меропхт. Куц-куц, иако куцаше, кај него маната не беше и несреќа: зашто итрец како татко му, а притоа и напрчен баш колку што треба, од тоа своја мана имаше само корист: во секоја работа притрчуваа да му помогнат за да ја сврши побргу. Кога убаво израсна и мустаќот горделиво го пушти, а мајка му и татко му веќе беа се простиле пред бога, го пратија и на панаѓурот во Скопје. Пред да излезе од манастирот, новиот игумен му рече: „Имај на ум, Петре, неколку работи. Што и да те снајде, никој не смее да крене рака врз тебе, или да ти суди, зашто ти си човек на манастирот Свети Ѓоргија-Горг. Ние сме навистина малку помали од архиепископијата во Охрид, но имаме под нас цели 22 села, а за бројот на клириците7 и париците8 да не ти зборувам. И Турциве мораа тоа да го признаат, и фала му на бога, толку се умни, та не се мешаат во нашите црковни работи. Кога ќе се затечат во градот Скопје луѓе на славниот маченик Христов Ѓоргија, тие не работат никакви државни работи и нема над нив власт, ни судски чиновник, даночник или управник на тврдина, ни пазач на магацини, ни собирач на соколи, на коњи, на пци, или кој и да е друг чиновник. Тоа запомни. Таквите луѓе не плаќаат наметок ни житен, ни вински, ни месен, ни сирен, ни затвор пазат, ни гласници бидуваат, не се дозволува што било да им се земе - било коњ, магаре, вол, а и државна такса не плаќаат, ниту глоба на кој било чиновник, како и самоволно да бидат апсени поради клевета, непослушност или друго, па и никој да не им суди, зашто на ваквите луѓе им суди само манастирскиот суд и игуменот." „Разбрав, пресветол оче", трепна Петре горделиво. Игуменот продолжи, кркорејќи од старечката кашлица: „Имај на ум и ова: секој што доаѓа на панаѓурот, било Грк, или Бугарин. или Србин, Латин, Арбанас, Влав, да ја плати законската такса. Кефалијата9 да не се меша во панаѓурот и да не зема од каков било доход, ниту пак некој друг службеник тоа да го стори. Сè е наше, самиот игумен си е кефалија, разбираш?" „Онака", се исцибри Петре, веќе заморен од поуките. „Онака, онака, ама и вака", рече игуменот, кој не се лутеше лесно, зашто беше еден редок човек што знаеше дека смешките ја крепат човечката самотија. Беше ли и тој усамен, или само божјата промисла го учеше? „Ако некој му го забрани ова право на игуменот", рече тивко игуменот, гледајќи го под око овој дрзник, „Свети Ѓоргија да му е осветник, разбра? И на овој, и на оној свет, и во борбата да му е противник, наместо помошник. Толку". „Амин", рече Петре и олеснето издивна. „Чекај уште нешто", го запре игуменот. „Ти не си женет". „Не сум, оче". „Во градот и по ановите има сенешто. Знаеш ли како со жените, ако те спопадне некоја?" „Имам совет од татко ми за таа работа", сигурно отцепи Петре, ама и закуца околу игуменот вцрвенет од возбуда. „Каков е тој совет?" „Жените не се ни цвеќе за мирисање, ни полн амбар. Ама, ако мораш, цвеќето мирисни го и фрли го, а од амбарот повеќе земи одошто наполни - ете, тој е советот." Игуменот се смрачи: „Е па, тогаш, време е наскоро да ти најдеме невеста", рече. „Господ да ти даде и ќерка, тоа ти е мој благослов". Така и би. Жена на ибн Бајко му стана Тодора, ќерката на богатиот папуџија Јосиф, а првото момиче што им се роди го крстија Костадинка, Коца. Снегот си редеше, си редеше, а Петре си мислеше: „Ама ме трефна старчето! Како не, како не! Не вреди ни пет пари, ако човек не види со свое око и не слушне со свое уво". И, куц-куц, ајак-ајак10 по снегот и по мразот, вртејќи крај големата панаѓурска сергија со грнци, вино, месишта и лебови од манастирот, Петре си коваше еден свој план. Дали ќе е сега Бајазит во Скопје? - си думаше. Тој зимите ги минува час во Одрин, час овде, климата овде многу му погодува. Туку да го сретам, а? Нешто да го видам очи в очи и да му се поклонам, а? - си кроеше Петре, гледајќи се себеси, горделиво исправен пред затворениот султански шестопрег на поминување, ама и самиот напред, меѓу носачите на царските нишани. Небаре се оближуваше околу чадена пастрма Петре. Убав свети Ѓорѓија, туку тоа да се случи, а? Што ли немаше на панаѓурот - панаѓур како панаѓур, очите да ти истечат. Вреќи жито, грутки шеќер, сусам, слануток, ориз за пиљав и сутлијаш, ќупови масло и маслинки, суви плодови во кошови, сливи, урми, смокви, а потаму и грниња мед, лој и овча маст. По едно време туку дојдоа да се преметкуваат и некакви турски пеливани, дополу голи и намачкани со масло, со кожени гаќи опшиени со сребрени врвци. Растегнаа жица, појдоа по жицата, оф боженце! На Петре очите му фаќаа павлака од шаренилата по тезгите, ама тој нели си кроеше свој план? Нашинци, селани, Турци и Арбанаси, а најмногу Власи, па и по некој дубровчанец во таа нивна китнеста одора, туку влегуваа и излегуваа од опулот на Петре: големите зулуфи им стрчеа како сабји, долгите косишта им правеа цели кошари на главите, и тие намќоресто се пазареа гледајќи го него, не грнците и вината, така што можеше лесно да му се збоктиса - ама нели си имаше план Петре, сè беше готов да издржи. Вториот ден од панаѓурот, веќе вознемирен дека времето брзо поминува, а тој ништо не прави, кандиса некако еден од манастирските измеќари да остане на сергијата наместо него, колку тој да ѕирне лево и десно. Градот беше полн со јаничари, тоа го знаеше, и шетањето без цел за млади луѓе, и тоа на изглед помлади, како него, беше многу опасно. Ама, вистински би се препалил да го знаеше и ова: илјада и петстотини јаничари беа пуштени по Румелија и тие требаше да испофаќаат и донесат назад во Турција уште двапати по толку млади робови на околу петнаесет години, што ќе ги држат после под строг надзор уште шест години, додека да станат јаки, скромни и послушни. Не смееја тие да носат ни чизми, а секоја година добиваа по едно басмено алиште, по две горни кошули, по една мала наметка, два лака, една сабја, штит и неколку шлемови. Така скротени и нив еден ден ќе ги пуштат да им ги грабаат децата на рисјаните: зашто секоја година султанската Порта се подновуваше со јаничари. Некои од нив, навистина остануваа во Дворецот како стража, некои султанот ги праќаше за војници по тврдините, за три, до четири аспри на ден. Меѓу нив, навистина, имаше и трубачи, па и мајстори за правење топови со платичка и до педесет аспри - убава платичка! - но нели и тие сепак беа робје на господарот? Но Петре, наместо да си рече дека е среќлија што не е во таа тајфа, само мелеше со умот: дали ќе го види Бајазит, боженце! Што му го знеш? Дали ќе е султанот во Скопје. Првин докуцка низ Одун-пазар, па низ Туз-пазар, и колку што ќејф му направи што овие пазаришта си имаа одделни делови за разна стока, толку и некоја с'калма го фати: крупните ајвани од ајван-пазар, иако големи, му изгледаа осамени така одделени од ситнежот во којин-пазар; сушените риби пак од балук-пазар уште поосамени што не можат да се наредат како украс крај маќениците, урдата, сирењата и топките овча маст на чомлек-пазар. Куц-куц, ајак-ајак, тој најмногу се задржа на тереќе-пазарот каде што ја бендиса здравата слама за убави сламарици, а на лал'н пазар пофати и еден до два чифта шарени налани. Убав свети Ѓорѓија, сполај ти боженце! Ама, зошто да биде баш вака на светов? Глупава работа! Кој го измисли овој ред? - си мрмореше Петре, наеднаш попаднат во некоја чуден копнеж по правда. Размислуваше: нели е најубаво кога сè се меша едно со друго? Како луѓето. Што би било кога во градов, на едно место би биле собрани само куци луѓе како него, и згора на тоа да немаат право да се мешаат со други? Куците луѓе да земаат само куци жени, а куците жени да раѓаат само куци деца!? Колкот веќе го болеше и стапалата му мрзнеа, ама тој од Туз-пазар, наместо да се управи кон мостот на Вардар, оној мост што ти имал четиринаесет сводови, а бил од вакуфијата на гази Иса-бег, појде да ги разгледува маалата. Се стемни додека ги исшета само неколку од четириесетте, појде од Тахта-кале маалото, па по Капан-џаде и Гази-Лала, слезе на Карадак и Кебир Челеби, а додека севезден се ѕвереше нагоре, небаре од ова или она ќоше на сокаците ќе го види туљбето11 на Гази Баба, снегот редеше и редеше, и врз неговите опинци и опутите, и врз клепките, ушите завиткани во шал, така и врз керамидите на куќите што му се бендисаа, убави куќи, ниски и двокатни, градени цврсто од тврд керпич, од чии пенџериња го гледаа вцрвенети детски обравчиња што крцкаат оревчиња, а лушпите не ги фрлаат надвор, преку џамот, туку ги собираат и метат како што е редот на чистотата и како што игуменот ги подучуваше во манастирот. Папсан, го заврши денот пред надурленото лице на манастирскииот измеќар, кој не го пушти да оди сега и на спиење во некој ан, како што сторија другите. Напразно лутење. Запалија борина колку да каснат, штрбнаа од чаденото месо за продавање, пивнаа од студеното винце. Наместо напразно да се лутат еден на друг, мораа и двајцата да се стуткаат под тезгата, во веленце што мирисаше на чпртовина, моч, и уште нешто што потсетува на непофатено женско месо. Одозгора си ги фрлија тешките мутафи12. Многу мисли немаше Петре таа вечер: ни за впечатоците од денот не оддели многу место во главата: небаре мозокот му беше вкочанет, како и нозете. Дали е Бајазит во Скопје, дали е Бајазит во тврдината, убав свети Ѓорѓија? Единствено тоа му дамареше и бараше пат до свеста: зашто самиот ритам е помоќен од неа и ја затапува. Но луѓето како Петре и така немаат повеќе од една мисла во исто време. Колку и да се итри, пргави и брзи, мислата им оди споро, дури и наназад, ако ја пресретне друга и ѝ го препречи патот. Спротивно на него, манастирскиот измеќар, кој не беше ни толку умен како Петрета, целата ноќ ја помина во фантазии во кои немаше пречки, а мислите му се надоврзуваа бујно една на друга и се мешаа, додека тој беше секогаш најумниот и најснаодливиот, та душата му се топеше во чисто блаженство. Дали е Бајазит во Скопје, убав свети Ѓорѓија, дали е Бајазит во тврдината? шепна еднаш Петре под веленцето, но за манастирскиот измеќар таквата важност истиот час се губеше. Третиот ден од панаѓурот на Петрета му се причини како судбински. Реши да се качи на тврдината, па што сака нека биде. За среќа, најстариот калуѓер забележа дека бардето со вода беше замрзнато, па Бајко се предложи, наместо измеќарот, тој да тркне до чешмите на крајот од панаѓурот, да наполни тазе вода, и за пиење, и за миење. Но, ни на манастиорскиот измеќар, ни на другите, не им беше судено тој ден да оплакнат образ. Еве го, ене го, Петре си ја лизна опашката, и куц-куц, ајак-ајак, заборави по што отиде, а само запамети каде оди. Тврдината првин ја гледаше од долу, зашто кулите нејзини и бедемите, токму во средината на градот, стрчеа високо. Боженце, има ли нагоре едно педесетина аршини? се праша Петре, трештен, и загреан од некоја незнајна топлина. Веќе не врнеше и мразот стегна уште повеќе, а Бајко, за чудо, целиот вриеше и чадеше. Му се чинеше и повисоко одошто е, кога уште ќе замислеше дека горе, изделено од рајата, е сè што вреди, седиштето на валијатот13, уќуматот14, беледието15, а заградени од ѕидиштата се и сите големци на градов, нивните куќи и сараи, богатствата, анамите и слугите, а покрај нив војниците, магазите со жито, складиштата на муниција, топовите, ѓулињата, јаничарите и нивниот јаничарски началник, што го викаат коџа-ага, па јузбашата16, церибашата17, дури и спахискиот ќаја18 е тука, ама и големиот мула19 не може да биде надвор од ова место, зашто нему му даваат дваесет ќесиња годишно. Ами султанот Бајазит? И султанот Бајазит! Сигурно е тука, сигурно! Убав свети Ѓорѓија, дали е тука? Да не е на гости кај санџак-бегот? Или санџак бегот е кај него? Та санџак-бегот управува со петстотини војници, тој оди во војна каде ќе го прати султанот, не мрмори, не се колеба во верноста, Бајазит сигурно го гледа со милост. Скопјево е во румелискиот вилает и многупати, како што кажуваше игуменот, било давано на управување и на паши, кои по својот ранг би можеле да бидат и валии20. А можеби во моментов диздар-агата21 дава рапорт за состојбата на бедемите? За портите? Од која порта сега тој да влезе во тврдината, кога може да се влезе од три порти? Три железни порти! Какви порти! Пештери! Сите се свртени кон југоисток, а пред секоја порта се наоѓаат купишта стражари. Стражарите страшни, со заби колат, со очи сечат! Чкрипат синџирите, се спушта мостот. Да влезе ли? Најдобро е да се влезе со мноштвото што чека. Фатен во заграб со една бабичка, која се плаши да не ѝ се лизнат наланите на мразот. Калево е наоколу обиколено со длабок канал изѕидан од делкан камен, а дрвениот мост, кога ќе затреба, се крева на чекрек и така станува заштита пред портата. Умно смислено. Пишува ли нешто над портата? Пишува, нејасно, па јасно и пак нејасно, но да се задржува човек е сомнително, покажуваш дека си новак, дојденец, туку ќе те вчапи некој за јаката и темната ќе те земе! Убав свети Ѓорѓија, колку блеска овој делкан камен! Портата и столбовите се мазни како излеан восок, свети мермерот како бел гипс. Портата и ѕидините се накитени со разно оружје, и воени алатки, само топови нема толку многу како што мисли човек загледан од долу, од пазариштето. А зошто и да ги има? Од тврдината сигурно не го гаѓаат полето, во полето и во бавчите, кога не е зима, е распослано бујно зеленило, таму послушно си работи рајата - рајата се плаши дури и од фес, нејзе не ѝ треба топ. А и градов не е негде прикрај на империјата, тој си е токму во центарот и чуван си е сам од себе, од големите пространства и далечините што го делат од опасните боишта и несигурните, секогаш променливи погранични земји. Одовде се гледа целото населено поткале, многубројните маала, убавите куќи и сокаци послани со бела калдрма, а реката, таа е во провалијата, страшна и бујна, таа ги лиже зидиштата на тврдината, западно од неа, ги лиже како куче раните, се витка пред господарот, цивка, и веднаш заминува по задача. Од другата страна на Вардар се само бавчи и зеленило, ливади и пошумени места кои се искачуваат да го освојат голиот рид на југ. Боженце, какви чудесии! Еве го и сарајот на Мехмед паша, па и сарајот на Емир паша, сарајот на Коџа Сердар, и овој на Сичан заде... А Бајазит, ќе се појави ли Бајазит макар во својата носилка украсена со пердушки, свилени пердиња и скапи камења? Или тој ќе пројури со своите јаничари на коњ вранец, како ветер што ја мете калдрмата, а притоа со стружење ѝ ја вади душата, ѝ ја корне? Четвртиот ден Петре го беше пропуштил, така и петтиот, зашто манастирските чоеци не се согласуваа да останат без него крај сергијата, како без Петре ништо да не бидуваше. Продадоа оки22 и оки вино, цели череци сува пастрма, грнци и земјени тави се трошеа небаре полни со алва, ама, а Петре ќе стореше чекор в лево - и измеќарот правеше чекор в лево, а в десно - и тој по него. Нешто од инает, нешто од завист, ама нешто и од уплав да не остане сам и да не се случи некоја тепачка, па грнците да летаат на сите страни како јаболка на свадба, или како црпки по река. Ама шестиот ден нешто времето облагна, почнаа да капат стреите и Петрета го фати една таква мака, неиздржлива и лута, што тој не рече ни одам негде - ни не одам, ни да ѕирнам - ни да олеснам црева, туку се скри зад тезгето и куц-куц, ајак-ајак, се исправи дури на крајот од редот. Денес во чаршијата, си рече. Да сторам најпосле збор-два со некој вреден, со некој човек од ред. Првин си купи една симит-погача во фурната на Софрета фурнаџијата. И така не можеше да се помине крај неа од миризбите што шетаа низ целото маало, а да не се купи нешто. Погачите беа приготвени со чисто овчо масло, ама и симитите и гевреците сусамлии сигурно беа многу вкусни. Застана Петре малку да гледа, додека да го изгрицка со сласт највкусното мрсно мездре во симидот: можеше да проба и нешто друго, бива? Овде од целото маало се носеа разни јадења за печење. Едни донесуваа, други ги однесуваа испечените тави, тепсии со баници и со буреци, разни татлии, сомуни лебови наредени на долга штица и завиткани во топли цедила, грав-тепсиичиња, чомлеци во земјени грнчиња на кои капаците им беа залепени со тесто. Само да гледаш и да не се нагледаш. Петре си купи уште еден ѓеврек и одвај се истави од убавата глетка. Беше време кога рисјаните ги беа веќе платиле арачот23 и сите други давачки, та малку се беа олабавиле и тоа Петре го сеќаваше по сè низ чаршијата. Уште да не беа јаничарите и нивната дива рака: но во вакво време и тие како да извираа само од некој сон, си рече Бајко. Иако покривите почнаа тукушто да се цедат од заблагнатото време, небаре беше пукнала вистинска пролет, така се чинеше. Повидните Турци се беа прибрале по сараите поради зимата, ајдуците и разните бунтаџии сигурно сега мирно си седеа покрај некој качамак и покрај некое огниште, та и тоа беше преубаво. Кепенците беа симнати, потпрени на сокакот, под настрешницата. Дикли24 и лопати, уште неза'рѓани, стоеја надвор, на отворено. Борини. Амови, колани, налани, легени, свеќи, златни украси, ибрици и ќунци, сабји, ножови: налбатите25 и ковачите креваа врева, папуџиите пееја, кожарите си ги обработубаа кожите во камени корита, кујунџиите со двојно око ги виткаа шарите на своите белегзии и ѓердани. Од кожарско-ќурчиската чаршија, од Капан-ан до Туз пазар, туфекчиската26 чаршија од Мустафа-пашината џамија, дуќаните и работилниците со ножови, сабји и друго оружје, до платнарите, абаџиите, бојаџиите, казанџиите, сарачите27, јорганџиите, калајџиите, терзиите и кафтанџиите, сè беше на нога и траскаше, чукаше, коваше, тропаше, викаше, довикуваше, и повикуваше, а дуќанџиите шеткаа пред своите мали царства, не сакајќи да мислат на големото што ги беше поклопило и кое им ја пиеше и потта, и душата. Ошумоглавен и речиси заслепен, Петре наеднаш ја изгуби мислата по Бајазит. Што мислеше сега? По што копнееше? Тој повеќе не би знаел да каже. Наеднаш се најде во безистенот, среде чаршијата и сосем заборави на сè, зашто такво нешто дотогаш не беше видел. Тој безистен личеше на малечка тврдина. Имаше два влеза со железни врати и со кубиња и беше покриен со олово. Петре првин влезе во едниот влез, а излезе од другиот, потоа влезе од овој и излезе од првиот. Убав свети Ѓорѓија, што чудо беше ова? Внатре, со многу дуќани во кои се продаваа памучни ткаенини, коприни и везови, производи на папуџиите и копчарите, чадори, со сокаци убаво калдрмисани, чисти, безистенот личеше на малечок град изделен од секаква нечистотија и човечка несреќа. И самите дуќанџии тоа го знаеја, така му се стори на Петре. Наоколу прекрасно мирисаше од опијанувачката миризба на мошус и амбра. Што беше тоа, боженце? Дуќанџиите му велеа дека лете е уште поубаво, секој дуќан си има и цвеќе пред влезот, тоа треба да се види, тоа. Тие беа љубезни, го канеа Петрета де ваму, де таму, како да е богато облечен јунак, разговараа со него, се интересираа за панаѓурот со дикат, и сето тоа изгледаше како сон, таа почит и таа мекота во однесувањето и во движењата. Навистина, како сиот свет да влезе во еден од оние неверојатни соништа на манастирскиот измеќар. Најпосле, откако Петре ќе решеше да влезе во друг дуќан, дуќанџиите, како што му палеа темјан при влегувањето, така при излегувањето го попрскуваа со ѓулсуи, и тој излегуваше на дрвени нозе, поревајќи се и не знаејќи сега на која врата да излезе. Вечерта, не слушајќи ги измислиците на измеќарот за многуте бељи и штеши што се случувале преку денот, Петре имаше само една мисла: зошто и тој мора да биде ова што е, а не еден од оние среќни луѓе во безистенот? Најстрашната беља сепак се случи следниот ден, ама и во неа среќата на Петре излезе победник. Првин удрија низ панаѓурот, да превртуваат, касаат и газат, некаква глутница пци. Од каде се створија сам господ знае, ама набрзо се виде дека се права претходница на една друга глутница, ама сега војска, аскер и јаничари. Од викотницата што идеше од далеку, како некое тешко перде да се мавта и пропушта навеви од пискот, првин се слушна „тутунус, бре", што значеше дека некого гонат, или дека некој таксиратлија, поради една или друга причина, треба да се фати и зграпчи. Кој беше тој? Да не беше некој блиску? Првиот? Подалечниот? Затоа пазарџиите првин се спогледуваа меѓу себе, оџагрени и препалени, со големото прашање во уште поголемите очи. Кој, кој? „Тутунус, бре, тутунус!"28 А малку потоа: „Заптие гељир, чабук!29 Заптие!" Кучињата усвет фатија, ама вревата остана и почна да расте и да се тркала. Еден ага, кој тукушто купуваше тава на сермијата кај Бајко, само зачудено праша: „Не бу шашарма?"30 Петре се спика под тезгето и го повлече манастирскиот измеќар кој беше и помлад од него, зашто умот, кој најчесто споро му работеше, сега му прати брз абер31: јаничарите! И така, спикан зад тоа пусто тезге од расчаталени штици, меѓу грнците што се пореваа и превртените тави што стануваа капаци на цреповите за џвеќиња, Петре го доживеа тој земјотрес на јаничарскиот бес и сила, и самиот како некое цвеќе што венее брзо на студот. Ѕиркаше час јатагани32, час копита, бечви, час пискуљи од коњска грива, час дизгини, превртени грпки од седла, чизми, пушки и кубури, камшици засукани околу нечиј врат како змии, а кога воздухот сосем се нагнети од потни тела на луѓе и коњи и стана густ за дишење, Петре си рече: и убог божјак да сум, ми нема спас. Отидов топтан со сите, па и илјада метании да направам. Е, ама баш тогаш, маната на Бајко што не беше мана, туку некоја чудна среќа, туку почна да се разбудува божем дотогаш задреман. Тој ги исправи кривите колена. Види, види. Петре го виде тогаш панаѓурот сметен божем од некаква џиновска метла, а тезгите и редиците сермии претворени во долги миндери со најшарени шари. Како некој голем сарај, и тоа султански, да се отвори пред неговиот опул и го повика уште повеќе да се исправи. Додека манастирскиот измеќар и некој од калуѓерите збутани до вреќите со погачи и до ќуповите со вино, викаа по него да легне долу, тој сè повеќе и повеќе се исправаше и го виде ројот дечишта забрани од јаничарите во заеднички синџир, а веднаш по нив и коњските газови, мазни и светливи како килими. Убав свети Ѓорѓија, а сега? се праша наеднаш Бајко и заоде како во сон. Заоде кон излезот од панаѓурот, не слушајќи ги довикувањата по себе. А тој сон излезе ваков: Бајко дојде во чаршијата, и куц-куц, ајак-ајак, влезе во дуќанот на папуџијата Јосиф во безистенот. Папуџијата го испрска со ѓулсуи и откако го распраша за ова и за она, ја повика ќерка си Тодора од куќата внатре. Рече: „Сум те гледал многупати кога доаѓав во манастирот, Петре. Те меркав и те запаметив. Сега пак, кога си овде, многу ќе сум радосен да ми бидеш зет, Петре. Не е зијан отсега да бидеш ибн Бајко. Жена ми умре, ќерките ги омажив, и од сите ми остана само ова женско чедо. Може ти е чудно што брзам волку, ама ќе видиш дека сум имал право. Ја познавам мојата Тодора, а тоа што таа тебе не те познава, само ме радува повеќе. Нека има работа, нека те запознае. Таа е богата и има сè, ама јас нејќам да ајљазува33. Сакам да засука ракави и да стане достојна за маж. Бидува? „Бидува", рече ибн Бајко кратко. Не се заблагодари. „Ами ако ме фатат? Ќе ми судат игуменот и манастирот, и од тоа спас ми нема", рече Петре. „Котелот не ми гине". „Ќе мислат, те забрале јаничарите" рече папуџијата откако размисли. „Во прво време ќе го чистиш дуќанот, во летните денови ќе го прскаш сокакот пред дуќанот и ќе го метеш, ќе носиш вода од блиската Капан-чешма, ќе носиш разни работи дома, за ручек ќе донесуваш јадење од дома. Првин млад калфа, потоа главен калфа, но до следниот панаѓур и ти ќе бидеш чорбаџија, а штом знаеш книга, ќе гледам да те направат и писар-граматик во нашиот еснаф, папуџискиот. Никој ништо не ќе ти може, зету". 3. Синот на Трајко, Тајко, од градот Струга, Сандри, го сретна за првпат Марин Крусиќ час-два откога заврши икиндијата, времето на третата попладневна муслиманска молитва. Имаше големи, сини очи Марин Крусиќ, посини од езерската вода, меки чизми со реси, панталони набрани под колената и топла пелерина малку непотребна за овој дел од годината, и за ова поднебје, но сето тоа уште на прв поглед го издаваше неговото дубровничко потекло и работата со карваните што пренесуваа восок и волна за Леш и други градови во Албанија. Марин не се чудеше гледајќи во рибарските чунови, чии дозволи за рибарење сега, на тргнување кон езерото, ги прегледуваа луѓето на еминот1, како што при враќање со исто таква усрдност ќе го прегледуваат и мерат донесениот улов. Но, ако неговиот поглед не изразуваше чудење како кај луѓе што виделе многу и престанале да се чудат, или како кај оние што не виделе ништо па сè земаат за сфатливо и нормално, тој повеќе изразуваше тага премината во тапост, небаре не гледа во тоа што гледа. Марин Крусиќ го знаеше овдешниот ред. Санџак-бегот охридски, иако Струга припаѓаше на охридскиот санџак, не се мешаше во овдешните работи. Зашто, со царски ферман управувањето на Охридското езеро му беше предадено на еминот како царски хас2, а тој за тоа на царската каса ѝ плаќаше годишно четириесет товари аспри. Еминот, се грижеше за езерото и за брегот, обиколувајќи го и дење и ноќе со своите двеста вооружени луѓе. Затоа, според ферманот, нему му припаѓаше сè околу езерото, сè што лета на небо, оди по земја и плива во езерото, а покрај тоа неговиот закон зафаќаше и сè друго поврзано со живите, избеганите робови, соколските седела, па и сите даноци, од пазарните такси, од данокот за пасење на добитокот, за лозјата, димнината, арачот и џизието3, па сè до најомразениот од сите даноци, данокот наречен „спенча", кој сè уште се плаќаше со деца, иако по разни патишта и со разни хуџети4 до шеријатот, одамна се бараше да се прекине со него. Синот на Тајко, ибн Тајко, имаше еминова дозвола за рибарење. Без таква дозвола никој не смееше ни да излезе на езеро. Но секогаш кога се приближуваше со чунот полн риба до контролорите кои требаше да му го земат десетокот за еминот, нему му доаѓаа пред очи некакви чудни слики на непознати места, некакви други рибници каде што тој ловеше сам во свој далјан, некакви други брегови и весла што со леснотија на крилја го цепеа среброто на водата. Тогаш му доаѓаа, заедно со тие чудесни слики и некои необични мисли од кои дури самиот се плашеше, како, например, не му припаѓа тој никому, не е роб, дури не е ни зависен, и сè што е негово е само негово, толку многу негово што тој има право, по своја желба и мерак, да го разделува на оние што ги сака или сожалува, а никако на еминот кој тоа му го земаше сосила. Што значеа сите тие слики и нејасни мисли? Значеа ли дека ибн Тајко, длабоко одвнатре, сака само едно: да избега одовде, да се витоса во некој друг, поубав свет? Но, како да избега? При сите овие стражи по мостовите и по патиштата? Еминовите луѓе не пуштаа ни пиле да прелета. Вардеа како соколи. Зарем да влезат ајдуци или разбојници? Рибари арамии, или, чувај боже, избегани робови? Сегде, па и на главното џаде за Струга кое беше исто врз мост, од кој подолу имаше стотина далјани за риба, и таму секој што влегува или излегува од градот плаќаше пазарна такса или десеток на риба. Каде да оди Сандри, а да му биде поубаво? Има ли такво место на светов? Синот на Тајко имаше едно својство кое, додека не се сретна со Марин Крусиќ, и не го сфаќаше толку сериозно. Ако требаше, на пример, да оди во бавчите од татко му кон охридското џаде, пред да оди таму тој небаре веќе беше стасан во бавчите и береше јаболка, а и кога ќе се отклонеше назад, тој сè уште живееше со сè што погледот му беше насобрал оттаму. Ако требаше да го стокми чунот и да оди на риба откога ќе заврши акшам намази5, четвртата муслиманска молитва, тој веќе знаеше на кое место мрежата ќе му заграби најголемо јато белвици, а каде крапови и костреши. Кога пак ќе довеслаше со ортакот на тие места, и кога ќе се оствареше замисленото, тој веќе знаеше како ќе изгледа неговото приближување до брегот, што и колку ќе му земат, а што мајка му, Влаинката од Белица, колнејќи, ќе му рече кога ќе му ја соблекува мократа гуна. Зошто еминот да е поголем од господ? ќе му рече. Ако господ ги создаде рибите за луѓето, белки не ги создаде само за еден човек? Што можеше на ова да ѝ се одговори? Мораше човек да се помири со очигледното: Емин-бег не ја имаше само Струга и нејзините жители под себе, туку и рисјаните од седумте села на струшко беа негови. Сите тие беа должни да ловат риба за Емин-бег, само таа должност ја имаа, но ако некој беше фатен скришно и без дозвола од еминот да рибари, беше најстрого накажуван и глобен. Емин-бег потоа ги продаваше рибите на трговците што доаѓаа од цела Румелија, а тие ги разнесуваа по разни вилаети наредени во мали буриња, првин отстојани во сол, па ставени во саламура. И сите велеа едно исто: вакви пастрмки, јагули, летници, костреши и крапови, толку вкусни, нема никаде на светов. За јагулите и да не зборуваме, се топат на јазик како локум. Што можеше Сандри да ѝ одговори на старата, кога и самиот го знаеше тоа, а ги беше предвидел нејзините зборови уште пред да стапне на прагот од нивната куќарка? Така, тој живееше речиси во катови, цел ден носејќи некакви неприсутни слики в глава додека ги гледаше присутните, и предвидувајќи ги новите со точност што зачудуваше. Му се случи еден ден и ова: наеднаш, во мислите здогледа изграден еден голем сарај, токму на грлото од езерото, а распнат беше сарајот врз еден дрвен мост кој спојуваше брег со брег од реката што истечуваше од езерото. Се шепоткаше, навистина, низ Струга дека еминот има намера со приходите од рибите да си изгради еден уште поголем сарај од претходниот, и тоа токму на истекот од езерото, среде Струга. Но, што беше сега ова, виденово, како да е жива вистина? А кога сонот навистина стана вистина, цели дванаесет ноќи од синот на Тајко бегаше сонот, а клепките му тежеа како весла, иако целото негово тело се разболе и плачеше за сон. Се уплаши и од себеси и од своите слики. Зашто сарајот го изградија токму на местото каде што тој го замисли, дигнат на големи колја забодени в земја и токму среде дрвен мост кој имаше дванаесет отвори и кој беше долг околу педесет луѓе. Среде мостот, во сарајот имаше голема дрвена врата. Секоја вечер четириесетина стражари и вратари ја затвораа вратата и сè до зори вардеа, така што никој не можеше да се префрли одовде ни од едната, ни од другата страна на брегот. Да се саштиса човек! Така велеше мајка му, Влаинката од Белица. Да се саштиса човек и да се чукне, господи! А Марин Крусиќ? И Марина Крусиќ го виде рибарот токму вака: како од брегот, час-два откога заврши третата попладневна муслиманска молитва, го спушта погледот од тапа тага врз него во чунот, меѓу петнаесеттината чунови што се подготвуваа со мрежите да завеслаат на езеро. Си рече тогаш Сандри изморено: еве, пак ќе се случи чудо. Само, тоа чудо што ќе се случи не мора да биде и чудо што ќе ме израдува и мене. Му рече Марин Крусиќ, кога момчакот на враќање ги растовари рибите, излезе од чунот, и кога сфати дека го чекал, му пријде, како на нешто неминовно, како на судбина: „Ти Влав ли си?" го праша овој. Ибн Тајко се изненади: „Од каде знеш?" „Не си ли во влашкиот катун6 на Горна Белица?" „Зошто прашуваш?" не одговори пак синот на Тајко, иако всушност одговори. Неговиот татко, Тајко стариот, навистина беше со овците во влашкиот катун на Горна Белица, а тоа што син му рибареше наместо да биде сточар, не мораше да значи некоја голема загатка за странецов. Зиме овците слегуваа на зимоиште во Долна Белица, а лете, од април до септември, се качуваа на високата планина Јабланица, на илјада и двеста метри, во катунот на селото Горна Белица. Каза ноастра и мунтиле, се потсмеа синот на Тајко во себе. Планината е нашата куќа. „Каза ноастра и мунтиле?" рече наеднаш и дубровчанецот насмевнат, прочитувајќи му ја мислата. Рибарот се стресе: „Од каде знаеш?" „Патот ме водел оттаму, па знам. По волната одам каде што се стадата. Си чул, белки, ние тргуваме со восок и со волна. Ја носиме по Виа Игнатиа. А сега сум на покана од наибот7 што ја врши кадиската должност овде и којшто ми е пријател. Да сум видел што убавина е ова. Навистина убаво место. И климата е пријатна. Долинки со зеленило, куќи со керамиди, овошни градини, лозја, дуќани. Штета што нема безистен. Овошјето ви го пробав, за мерак е. Јаболки како котлиња, круши како ѕвонци. Црните сливи пак се како топки од црн мед, не знам што друго да кажам. Бев и до Охрид по широката калдрма од бел камен, сè крај езеро. Осум илјади чекори. Патот го поминавме за три часа. Сандри не сакаше да му каже на непознатиов за една чудна слика што му се појавуваше често во свеста. Некакви кули, покриена чаршија, дуќанчиња како напишани, насмевнати лица... „Каде има таков безистен?" - праша само. „Има во Скопје, има во Битола". „Си ги видел?" „Сум видел многу нешта. И сараи на пашите има насекаде, кој од кој поубави. Еве во Охрид, сарајот на пашата е сосем долу, крај езерото, убав е, има преку триста простории, со амами, со аули и дворани, разноразни малечки соби. Но овој сарај на Емин-ага, среде мост, е, тоа е една убавина слична на оние во Фиренца и Венеција. Нешто ретко, ти велам. Дубровчанецот помолча. Во очите му трепереше здржана насмевка. Рече: „Добро, значи Влав си. Мислев, можно е и да сум се излажал. Влав си и риба си. Човек, ама риба во хороскопот. Знам, сега ќе бидеш збунет". Синот на Тајко грохотливо и нервозно се здрпа за полите од минтанот, со движење на некој што полетува. Неповратно се беше вовлекол во магијата. Непознат човек, а толку познат. Однапред знае за него. Непознат, кој веќе го беше посетил во неговите преуранети слики. Да му го кажеше ли тоа, или да почекаше? Каков беше всушност тој Марин Крусиќ? Дали беше зол, дали беше препреден, дали беше само маѓесник или гатач? Рибарот знаеше, иако со мало искуство во други краишта, дека човекот од друга средина станува веднаш посебен во новата: ако таму бил зол, овде е интересен, ако таму бил добар и наивен, овде е под сомнение, ако таму бил изложен на подбив, овде е прифатен како знамение: и дека најпосле, дури и посебноста во неговата средина овде може да важи за нормална појава. Па и мислите на ибн Тајко да се ослободи од зависноста на еминот, го носеа тој несфатлив белег: ако избега одовде, ако ја промени средината, можеби во друга самиот тој ќе изгледа поинаку? - мислеше. „Слушај", рече Марин, „се гледа, поим немаш што е тоа хороскоп. Сите ние, човеку, всушност сме животни или предмети и управувани сме од ѕвездите. Ти си риба, јас скорпија, а некој е овен или терезија, некаде и куќа, гуштер, и така натаму. Има различни хороскопи. Но мојов, ете, кажува дека си риба. Роден си во цутар8, така? Деветти, десетти?" „На сечко9, дваесет и осми сум запишан во дефтерите". „Пак, значи риба. Погодив по очите. Рибите имаат една таква светлина во очите. Очите им се како зрна бисер, светат и пронижуваат како сабји. А кај тебе таа светлина во очите е уште и како некоја светлина од височини. Не си, значи, одовде, а ако си од планините, можно е да си Влав. Таа светлина од височините е поинаква. Божем очите бараат планина, не езеро. Друго е кога од горе го гледаш езерово, друго е кога блесокот на водата ти го мати сјајот. Сум ги видел и влашките катуни на Галичица, таму нели доаѓаат сточарите дури од селата кај Лариса. Сум ги видел неколкупати, па знам". „Името ми е Сандри, ама ме викаат ибн Тајко, по татко ми", рече некако покорно Сандри, опчинет. Вистина, мајка ми е Влаинка, татко ми е Влав, значи и јас сум", продолжи замајано, небаре забрзано ги составува и крпи сликите од сонот. „Јас сум Марин Крусиќ, утре одам со карванот за Албанија. „Чекај", наеднаш скокна дубровчанецот и втрештено погледа кон небото - денеска сме житар? Да, четврти. Ти си риба...риба... Е па, вака: денешниов ден ти е чудесен. Ќе имаш едно изненадување. Дали примањето подарок може да важи за изненадување?" Го погледа Сандрија откосо, божем навистина му треба неговото мислење. „Не знам, не знам, ама јас и така имав намера да ти подарам една книга, многу значајна. Што да правиме, ти реков, ѕвездите ни ја пишуваат судбината". Ибн Тајко остана со зината уста додека дубровчанецот џбарна во кожената торба што му висеше крај колкот, протарашка внатре и извади оттаму дебела книга во раскошни корици, украсена со сребрени налепници од цветови и лисја. „Дваесет аспри", рече скромно. „Дваесет аспри?" „Ова е библијата, мил ибн Тајко. Има само двеста вакви книги во светов, а замисли, една е сега твоја! Знаеш ли кој ја има библијата кај себе? Денес оваа библија ја нема ни твојот поп. Си чул ли некогаш за Јохан Гутемберг, еден германски златар? Не си чул, сигурно. Тој го измисли најголемото чудо на овој век - печатењето со подвижни букви лиени во смеса од олово, калај и уште нешто што го заборавив. За да се состават буквите за само една страница од оваа книга, знаеш ли колку време му требало на еден работник? Цел ден! Цел ден, човеку", свика Марин полетно, гледајќи ја зашеметеноста на Сандри, додека овој стресено ја разотвораше книгата, небаре плашејќи се да не испадне нешто од неа. „Чекај," прискокна одново тој, „ти сугурно ништо нема да разбереш колку и да ѕуриш во книгата. Нејзините текстови не се на твојот и на мојот јазик. Но сепак признај, да држиш библија во свои раце, па макар и да не ги разбираш зборовите во неа, е голема работа. Ти реков, тој Гутемберг бил велик човек. Го измислил и мастилото за пишување, го отпечатил прв и извештајот на Колумбо по враќањето од Новиот свет, а сепак, кутриот, пред десетина години умре во родниот град во најголема сиромаштија. Многу поучно, нели? Дваесетте аспри што ќе ми ги дадеш се од милост, за да ги помогнеме неговите кутри потомци, а другите десет аспри се за оваа друга книга што ќе имаш исто така чест да ја добиеш од мене". Дубровчанецот уште не доврши, а веќе вадеше од кожената торба на колкот помалечко книжуле, нешто поскромно украсено, но миловидно во своите метални рабови. Не ни погледнуваше во рибарот, небаре незаинтересиран за неговиот впечаток и мислење. „Ова пак е Молитвеник, да не ти кажувам колку ти е тој неопходно потребен, човеку. Отпечатен е во Зета, во Обод, во печатницата на Црноевиќи, и тоа на нашински, со кирилица. Господарот Ѓурач имав чест лично да го запознам, тој ја беше довлечкал печатницата дури од Млетките, за да му помогне на словенскиот свет со ваквите книги. Ама, немаше многу среќа. Печатницата згасна пред извесно време, по само неколку години работа. Јасно, останаа книгите, неколкуте книги со кирилски букви. Затоа е овој Молитвеник нешто ретко и скапоцено, и за тие десет аспри воопшто е срамота да се размислува. Дваесет и десет - триесет аспри, мил ибн Тајко." И Марин Крусиќ ја спружи раката. Синот на Тајко стоеше зинат, без да се помрдне. Дубровчанецот небаре тргаше некакви големи пердиња пред неговиот ум, но тие сепак паѓаа тешко, враќајќи се назад удираа по воздухот со прашливото паѓање и го зашеметуваа, терајќи го да замижи, за да се заштити некако. „Нешто си ми збунет", добродушно се насмевна Марун Крусиќ. Сандри собра раменици и поголтна. „Од Гутемберг, од Колумбо, или од печатницата во Обод?" „Кој е тој Колумбо?" „Првин да се раздолжиме, пријателче, со триесетте аспри", почека дубровчанецот, вадејќи од џебот грст метални парички со кои почна нестрпливо да тропка. „Благодарам", рече брзо, „само прости, за кусур ќе немам, ова се дувровнички пари." И се насмевна кротко. „Си видел досега ситни фолари10? Или брадан11?" Лесна сенка на сомилост кон рибарот, наеднаш го измени и го смекна однесувањето на Марин Крусиќ. „За Колумбо, велиш. Та за него можам да ти зборувам ден и ноќ, бидејќи тој е чист ѓеновјанец, значи медитеранец, поморец, моја крв. Ама, да оставиме за другпат. Откриени се нови земји, ибн Тајко, тоа е важно. Нов свет. Далеку од ова твое место животот од корен се менува. Ти овде диринџиш ропски за некој Емин-ага. Земи го Молитвеников што ти го дадов и читај ги молитвите со длабока верба, но имај на ум - Господ им помага на оние што сами ќе си помогнат." Тешкото перде одново падна, кревајќи густ прав. Светлината се преврте, езерото истечуваше од своето грло, како да блуе. Марин Крусиќ стоеше со главата надолу, а пантоланите му се надуја под мевот, но тој сепак беше моќен и моќно се смешкаше. Неговото самоуверено знаење беше мачно за поднесување, а сепак дразнеше и повикуваше да долг пат. Така ибн Тајко немаше смелост да му признае дека не знае ни да чита, ни да пишува. (Бела пауза) Марин Крусиќ дојде пак кога заладуваше и кога честите бури на езерото го задржуваа дома синот на Тајкота. Шеташе тој нервозно по малиот чардак, кога дубровчанецот се појави. „Салуте", свика тој едноставно, „ни остана ли нешто за муабет?" Но штом влезе во куќата, се виде дека има други планови и дека не дошол за нешто без да извлече корист. „Сметката ми беше погрешна", рече Марин, „тргнав од Дубровник по најубаво време, и здрав, но прибирањето на восокот ме задржа. Сега сум болен, ќе ми свари ли мајка ти млеко засирено со јако пиво или вино, и малку повеќе мирудии? Може и само со бибер. Виното го носам со себе". Додека Влаинката се растрча по комшии да бара млеко и бибер за чудниот гостин, Марин Крусиќ, според трговскиот манир, направи да не изгледа неблагодарен, па веднаш почна да раскажува за медитеранските новости, една од кои беше и грипот што сега владеел по пристаништата кои се во моментов под карантин. „Ах", се исекна тој шумно, „од пристаништата поаѓа сета среќа и несреќа на светот. Мојот Дубровник, на пример, за мене е вистинско срце на целиот свет. Каде и да одам, чинам сите патишта поаѓаат од него и се враќаат во него. Да не беа пристаништата, морињата, а рака на срце - и компасот, сè уште ќе се занесувавме дека земјата ни е рамна како тепсија, и дека никакви непознати земји и народи не постојат од другата страна на нашава планета." Марин Крусиќ пак се исекна, извинувајќи се немоќно за можноста да им го предаде грипот и на рибарот, и на Влаинката. Така стутулен, со здебелен нос и сцрвенети очи, тој изгледаше поинаку: сето негово суштество, пресвиткано и солзливо, молеше понизно за помош, сеедно што неговите зборови се трудеа да му го задржат поранешниот углед. Ибн Тајко неосетно почна да се ослободува од тегобата на првата средба. Знаењата на Марин Крусиќ стануваа знаења досегливи, знаења на пријател што сака да ти ги предаде, не со нив да те покорува и столчува. Тој поослободено се вслуша во неговото збамборено раскажување за родниот Дубровник, и колку што тоа напредуваше, рибарот стануваше сè повеќе заинтересиран, небаре наскоро и самиот ќе отпатува таму со карванот на Марин Крусиќ. Пред лицето на овој град веднаш се отворала морската шир, начичкана со белите, штрклести дамки на бродовите - странските, што секој час доаѓале, и домашните - стари и нови, кои од бродоградилиштето излегувале накитени како млади невести. Имало скоро триста такви дубровнички бродови кои пловеле по Медитеранот и океанот, пренесувајќи ја трговската стока од бреговите на Мала Азија и Африка до фландриските и британските брегови. „Постојат стотици договори за трговија со медитеранските градови и со балканските владетели," извика Марин Крусиќ, „а трговските колонии на дубровчаните, како што треба веќе да знаеш ибн Тајко, насекаде низ Балканов се под посебна заштита." Сандри слушна за ѕидиштата што го заштитувале градот на Марин Крусиќ од сите страни, ѕидишта и кули; за непријателите, особено за Млетките кои алчно го меркале богатството на оваа република; слушна за кнезот и за слободата што секој дубровчанец ја чува како нешто најскапоцено, за поетите и писателите што ја величаат и што ѝ ги посветуваат своите творби на чист словенски говор, исмевајќи ги оние што лесно ја продаваат... за водоводот, изграден пред стотина години; за болниците-лазарети; за првата аптека отворена уште пред скоро двеста години... Тој беше целиот забревтан, се потеше и се бришеше со свилената шамија што си ја вадеше од џебот. Што пропушти да каже? прашуваа нервозно неговите зголемени, солзливи очи што се вртеа како тркала. Ох, постоеја толку нешта што требаше да се кажат, да. „Немој да се навредиш, ибн Тајко", потфрли најпосле претпазливо Марин Крусиќ, „ти, се разбира, не си ни најмалку виновен за тоа, но ние никогаш не би дозволиле да попаднеме под ропство како вас. Никогаш. Еве, на Турците им плаќаме арач на секои три години, но да чепкаат во нашата внатрешна слобода и независност - тоа никако!" Марин Крусиќ пак се исекна. Се исмеа, кивна и гледаше во Сандри помалку победнички отколку да го кажеше сето тоа кога не ќе беше солзлив. Неговото око имаше сјај, но не се погодуваше веднаш, дали е тоа сјајот од нападната кивавица, или од неговата следна намера, која тој ја беше испланирал најверојатно уште при своето доаѓање, а сега очекуваше да ја изведе како вистинска претстава. Кога Влаинката ја соопшти нажалено веста дека сепак не успеала да најде ни млеко, ни бибер, иако имала богати комшии, Марин Крусиќ извади некакво кесе со темно-кафени зрна од торбата и, со кралско движење на голем занесеник, објави дека им носи кафе. Му го донел и на Емин-ага, ама нему за аспри, а ним, еве, џабе. Што е тоа, наскоро ќе видат. Зрната претходно мора да се испечат, па да се столчат и да се сварат во вода, се разбира. Ете, и тоа насобрал од своите патувања. Веднаш помислил на својот пријател ибн Тајко, зашто оваа течност ги држи луѓето будни, а тоа ќе му биде многу згодно при ноќните рибарења. Турците, кои избегнуваат алкохол, ги прифатиле со радост овие семиња и ги приготвуваат во најсвечени седенки, но тој смета, кашлајќи забележа дубровчанецот, тој смета дека оваа пијачка наскоро ќе се служи и по ановите и по меаните, а особено меѓу оние што се нарекуваат поети и кои главно, и во неговиот Дубровник, ноќе ги пишуваат одите на своите љубени, и како месечари ланѕаат на месечина, пијани од љубов и изветреаност. Не се слушна сега ни шум, ни воздишка во одајчето. И Влаинката, и нејзиниот син, беа начисто шашардисани. Но потоа, старата го распрета огништето и се обиде да го свари кафето откако претходно ги истолчи печените зрна со ќускијата за слануток. Бидејќи тоа сепак предолго траеше, Марин Крусиќ го отвори донесеното вино и тие двајцата, малку по малку, го испија на голо, надевајќи се залудно на некакво пристојно мезе. Коматот стаса со печењето дури по два часа, а кафето им помогна колку да се отрезнат и да знаат што јадат, пред да почнат да ја навредуваат недолжната домаќинка. „Читаш ли од Милитвеникот што ти го донесов?" го праша наеднаш Марин рибарот. Овој се вцрви, но сега имаше сили да признае. „Ти, чедо на вашиот просветител Климента, не ги знаеш буквите? Е па, додека дојдам следниот пат, мораш тоа да го поправиш, за да можеш ова да ѝ го читаш на мајка ти", рече брзо дубровчанецот. „Што е тоа?" „Рецепт. Лек за изгорено. Се прави со восок. Филџан бело вино ќе ви се најде, кантарија имате, а маслиново масло ќе ви донесам следниот пат. Засега нека ви го прочита попот, но најдобро ќе го разбереш кога сам ќе го прочиташ." Така се покажа дека Марин Крусиќ не е неблагодарен за пречекот и дека остава повеќе одошто се очекувало од него. Навистина, тој остави повеќе одошто очекуваа од него. Им го остави и грипот, ама на младичот и еден несфатлив немир што тој не се обидуваше да си го објасни, бидејќи треската го зафати со таква силина што веднаш го кутна в постела. Три дена само бладаше и спомнуваше некаква Атиџе која го замајува преку тенки фереџиња, а со голи колкови. Потоа пловеше некаде во бескрај и не на езерото, зашто го извикуваше името на Марина Крусиќ, небаре тој му е капетан и го води во непознати земји. Бараше да пие кафе. Бараше да пие вино со скапите зачини што не можеа да ги пронајдат, и пак се тресеше како да го оставиле надвор на снегот, гол, со мразулци под пазувите. Кога ја совлада треската, се сеќаваше само на едно: на Атиџе. Беше тоа некаква анамка, што ли? Не умееше да ѝ објасни на мајка си. Не, никогаш не ја беше видел. Не ја беше видел, а сè уште јасно го гледаше нејзиниот лик и по тоа знаеше дека ќе му стане судбина, дека што и да направи, каде и да бега, со неа ќе мора да се сретне и да го стори тоа што му е пишано. Но, и покрај тоа што и од порано знаеше за остварувањето на своите преуранети слики, па ги пречекуваше неминовните настани со прилично спокојство, сега немирот не гаснеше и сè уште виореше низ неговите меса, како треската да се скрила некаде повнатре и има намера секој час да го изненади. Вознемирен беше на некој чуден начин. Не беше тоа ни свеста, дека во допир со знаењата на Марин Крусиш тој се покажа вистински незналец, па треба да се срами. Неговото незнаење се бунтуваше, бараше да скрши некакви прегради, не се срамеше. Како да брзаше некаде, како да немаше време. Не за да го надмине знаењето на дубровчанецот, туку да се измени себеси. И како и тоа да беше неминовно. Слично со сликата на жената. Како да ќе се оствареше дури и тој ако не преземеше ништо. Но тој сепак презеде нешто. Изгледаше дека последната средба со Марин Крусиќ е навистина и последна, бидејќи цела година помина како тој не се појави. За тоа време ибн Тајко одеше редовно кај струшкиот поп, и секојпат кога ќе му донесеше младо пастрмче за мезе, го тераше да прочитаат по нешто од Молитвеникот, и така научуваше од него по една нова буква. Осмиот месец веќе умееше да го прочита лекот за изгорено што им го остави Марин Крусиќ, и мајка му почна да го прави редовно, зашто се покажа дека е тој навистина успешен за лекување изгореници, па старата се прочу во околината и почна да заработува со него. Кога за тој иљач дозна и Емин бег и ја викна кај себе, таа го замоли за возврат да му дозволи на син ѝ, ибн Тајко, да го напушти местото, зашто момчето изгледа не е со сите во последно време. Сака да види свет, сака да научи повеќе. Што ќе му е нему таков неранимајко, будалетинка и месечар. Нека го пушти да си го најде крајот. Не му кажа ништо за таа сонувана Атиџе. Се уплаши. „ВТОРА ВЕЖБА“ (Калија, Тодора, Атиџе) 1. Робот што му го беше дал Мемед-паша на ибн Пајко, се викаше Бошко. Имаше околу триесетина години овој кутар божјак, со грпка што му стрчеше под кошулата. Кога го избања во амамот и кога му ги виде приштовите под мишки, и уште кога овој не кажувајќи ни три чисти му се прикажа како нетокму, Марко веднаш побрза да ја оттурне помислата дека Мехмед-паша нарочно, поради некаква скриена одмазда, му го дал овој недугавко. Та зошто би го сторил тоа? - размислуваше добродушно, та тој истиот Мехмед-паша и валија, го беше повикал кај себе пред три години и го направи аза пред насобраните аги и ефендии, со најшеретски зборови фалејќи го како успешен чаршиски човек, вилаетски чорбаџија, богат, со ихтибар1, со чест кај каурите и Турците, умен и писмен, а најважно пак од сè, покорен на власта и султанот. Зошто сега му дава ваков човек? Избран ли е наврапито, избран ли е со некаква злоба меѓу толкумина други, или пак со него валијата, сметајќи го за слабак, одново си поигрува ликувајќи, за да му каже кој е заправо тој, не она што мисли, па да го понижи, и да го примора уште еднаш на покорност и спремност да биде благодарен на сè? Но и жена му на ибн Пајко, убавата Калија, се сложи со Марко дека валијата сигурно не го направил тоа намерно. Бездетна како што беше, со чемер в душа, таа во несреќата со Бошко си го откри меракот да заштитува немоќни, мерак всушност по незаштитеност на дете, каков што таа немаше можност дотогаш да пројави. Двајцата старци - татко ѝ, самарџијата Димо, уште беше моќен, а и свекорот Пајко, кој малку по малку го препушташе дуќанот и занаетот на сина си Марка, сè уште повеќе ѝ помагаше нејзе, отколку таа нему. Така робот Бошко, запленет негде над кумановско, во нејзините очи наеднаш ги изгуби сите маани и стана дете што треба да се гали и да се израсне во љубов. Бошко пак, беше ти бил како зрачец што впива сè. Одеше низ куќата на прсти и помина баеги време додека ја кажа вистината за себе. Се плеткаше и околу Маркота на дуќан, но сепак најмногу околу Калија, гледајќи ја со некаква чудна тага нејзината убавина. Каква беше таа? Убавица без убави нишани на лицето. Долната усна ѝ беше повлечена малку навнатре и секогаш влажна од истурените заби: носот грбав, кожата навистина свилеста, но со боја на шафран: а очите скоро белузлави од тенка синевина, со шарен темен обраб, кои се повлекуваа негде длабоко, викајќи те од далечина. Ама затоа пак гласот ѝ беше певлив, мекамлиски, без стрчки во извивањето, а за пријатната миризба на мошус и амбра што павташе од неа, и да не зборуваме. Кога пак ќе земеше Калија, например, да утлеисува2, да го разгорува ќумурот во железната утија3: или кога ја креваше жешката црепна вадејќи го врз пирустијата табакот со зелник: кога ќе се забревташе толчејќи со ќускијата слануток: или кога ќе се наведнеше полека и растреперено врз ковчегот со невестинската руба во кој сè уште имаше дел од чеизот, е тогаш, Бошко гледаше како шафранот од нејзиното лице станува божур, а белузлавите очи како трчаат од далечина и почнуваат да светат како жеравици. Кога ќе затропаше некој врз клепалото на порта, таа веќе не брзаше низ авлијата4 за да ги тргне канџата и резето, - тоа сега го правеше робот. Кога си ја мачкаше косата со ума, тој ѝ потураше жешка вода од котелот. Свеќите тој ги палеше, ламбата, ќумбето исто така. Соспите снег никој не ги стругаше така како Бошко, и пред куќата, и пред дуќанот. Додека студот штипеше, тој правеше пепелница за перењето на Калија, а кога лете доаѓаше кај нив самарџијата Димо, и на тремот со сватот Пајко се натпреваруваа во надјадување лубеници, Бошко беше тој што со мрморливо уживање ги гледаше и веднаш трчаше да ги собере расфрланите корки и резенки. Сè гледаше Бошко, сè. Ама сè уште не се беше сторил каил да се прикаже кој е и да прозборува за себе. Калија не го караше кога Бошко наеднаш ќе се изгубеше за саат-два, ѕверејќи се низ чаршијата. Ги сакаше Бошко јорганџиите, и стоеше пред нивните дуќани залапано, додека тие го дрндаа памукот пред негови очи, ја сакаше папуџиската чаршија каде што на шега му дозволуваа да обуе лева папуча на десна нога: во кујунџиската чаршија со големи стреи и кепенци, каде што златото и среброто блештеа и го заслепуваа, се смееше будалесто: но најмногу од сè го сакаше безистенот, чист и среден, со мириси на ѓулсуи и темјан, каде што по калдрмата пред дуќаните не се растураа распарани опинци, парчина тенеќе или шајки, и каде што можеше да влезе од една врата а да излезе од друга, и пак од таа што излегол да се врати назад. Опулот му скокаше од едно на друго, и само прибираше, впиваше. Бошко заедно со Калија одеше на чомлек пазар по урда, и на балук пазар по сушеба риба, се туркаше и во врвулицата пред фурна каде што целото маало носеше разни јадења за печење, од лебови до тави гурабии и татлии, ама заедно со чиракот од дуќанот на Марко, им носеше јадење и на Марко, и на самарџијата Димо, бидејќи мајка ѝ на Калија, како и свекрва ѝ, беа дамна починати, а таа прекриена чинија со цедило везден му ја грабаше на чиракот, и самиот, напрегнат, ја носеше истурена напред, како да носи цел товар леб и сирење, грав или јанија со јунешко која не смее да се плисне или, чувај боже, да се истури. Во самарџискиот дуќан на Димо, многу сакаше да помага, иако повеќе одмагаше одошто помагаше. Таму немаше чирак, и Бошко важно се дуеше, додека пазарџиите, дојдени да си купат нов самар или да го закрпат стариот, се шегачеа на негова сметка сè до попладне, кога веќе мораа да се вратат в село. Го нарекуваа со секакви прекари за будала што дојдоа од мангупските сокаци, но Бошко не се лутеше, иако Калија еднаш и се расплака поради тоа. Горд беше Бошко повеќе и од дедо Димо што неговите самари се ем здрави, ем не ги убиваат добичињата, како што рекоа повеќе муштерии од Скопска Црна Гора, и од Блатието. Имаше голема доверба самарџијата кај своите муштерии, гледаше Бошко. Некогаш даваше и на вересија, исто како и Марко, гледаше и тоа робот. Само запишуваа и двајцата нешто во еден тефтер и не бараа добивка од задолжените. Кога муштеријата ќе речеше, сполај ти мајстор Димо, што ме чекаше со плаќањето, или сполај ти ибн Пајко, што не ми земаш фајде, Бошко растеше од среќа како самиот да го рекол тоа. Посреќен е тој што дава од тој што прима, му беше рекол Марко, прегрнувајќи го. Само со труд и со чесност заработена пара е алал5 пара, а не арам6, мој Бошко. Никој не се ќердосал и не видел аир од грабење! Сè впиваше Бошко што гледаше и слушаше, ама никој не погодуваше дека од чаршијата тој скришум се измолкнува, и без никој да знае, оди на пазарот за робје. И кога таму има некого, и кога нема: и кога е ден за продавање на новите запленети, и кога не е: и кога има такви нови, и кога нема. Оди, се враќа, молчи и таи, а во него сè понапред избива потребата и го гори, да каже кој е и што е. Калија везеше многу убаво. Попладне, откако ќе ги свршеше домашните работи, туку ќе се курдисаше на чардачето и, наведната врз ѓерѓевот сè додека беше виделина, го чекаше така Маркота од дуќан, кој секогаш ѝ носеше измирска алва во книџе. Бошко обично ѝ седеше крај нозете, лигавејќи се од радост кога врз ѓерѓевот ќе се појавеше нешто познато. Му велеше Калија, завјасана во везењето: „Несреќно чедо на мајка, ами дали сакаш да ти навезам ибриче, како оние од чичко ти Марка? Сакаш ли да ти навезам месечинки, сонце или пилци? Ами, може сакаш едно детуле да ти навезам?" Па се чудеше зошто Бошко се насолзува, па и самата проронуваше по некоја солза, зашто дечињата што ги везеше нејзе најмногу ѝ ја параа душата. Ибн Пајко доѓаше некогаш дома и со по некој гостин. Дали ќе беше тоа татко ѝ на Калија, самарџијата Димо, дали попот Ставре, дали пак еден стуткан туѓинец, Унгарецот Миклош, кој по несреќа попадна во Скопје и кој, сличен во судбината со Бошко, Калија ја сметаше за единственото невино суштество во оваа превара со војни, освојувања и робење. Тој беше мајстор за часовници и саат-кули. Кога Османлиите го освоија неговиот Сигет, војсководецот Иса-бег, еден од тројцата синови на прочуениот Исхак-бег, кој потоа и загина на Лебното поле во битката меѓу турската и унгарската војска, го довлечка во Скопје запленетиот саат што го симна од саат-кулата на Сигет. Остави задужбина да се изгради саат-кула и во Скопје, да се доведе, пак од Сигет, некој добар мајстор за овие работи, тој нека се плаќа добро, ама да го намести саатот врз саат-кулата како што треба, и притоа тој да отчукува и модерно, не само по турски, туку и а ла франка. Така Миклош се најде во Скопје, се најде и тука остана, чекајќи на својата задача. И навистина, доби добра плата, но нели сепак беше роб? Миклош не ја знаеше приказната на Бошко, но иако тој не се правеше на нетокму, речиси преку ноќ побеле: тој засега се движеше слободно, склучуваше непречено пријателства низ градот, почнуваше да го учи новиот говор, но, слично на приказните од илјада и една ноќ, знаеше дека додека саатот не се намести и проработи, животот му е нему сигурен, сите ќе го пазат и сите ќе го чуваат, а после ќе биде она што е - роб за продавање. Турците можеби уште сега ќе кренеа раце од неговиот мајсторлак, да не беа пишаните книги со задужбини. Е па, тој Миклош, едно доаѓање, веднаш ѕиркаше во везалото на Калија да види што направила таа за тој ден, и уште пред да види, почнуваше да го фали на унгарски. А Калија, само насетувајќи дека тој ја фали, ќе го прашаше: „Ти се бендисува ли Миклош ефенди?" Миклош пак, божем сериозен и намуртен, цацкаше со јазикот: „Иген7". А некогаш клатеше одречно и со главата: „Нем, нем8". Калија, за да му угоди, туку ќе се сневеселеше и почнуваше божем да му објаснува: „Немој така, мајстор Миклош. Ами, за добрата или лоша везилка криви се наречниците. Што рекле тие на третата вечер, тоа ќе биде. Што беше до мене, јас направив. Везењето го почнав на полна месечина, по редот завезов три парчиња - едното го фрлив во Серава да го однесе, другото в огин го изгорев, а третото парче, еве мајстор Миклош, сега тебе ќе ти го дадам, оти таков е обичајот. Ставив и залак во ношвите пред зајдисонце, го изедов изутрината при изгрејсонце, ги истрив рацете низ сребрени склопци... Е па сега, мајстор Миклош, пак не ти бендисува? „Нем, нем", повторуваше упорно и развеселено спеченото човече. Еднаш, кога се случи она со Бошко, пак беа со него и тој, веќе подготвен за секакви изненадувања и неволи, најбрзо од сите се созеде, небаре беше создаден не само трпеливо да ја поднесува својата несреќа, туку и да им ја олеснува на другите. Беа пошле да му ја покажат скопската околина на Миклоша, а за тоа Марко доби дозвола од беледието, и згора - уште еден гаваз што на коњ ќе оди покрај нив и ќе ги чува од недајбоже. Марко ја беше впрегнал арабата, Бошко фрсна по коњот и тој ден каруцата летна, првин до Матка, на едниот крај од полето, а потем и до манастирот Свети Димитрија во Сушица. Со еден збор, одеа за да му се пофалат на Унгарецот дека пред турсково и овде имало многу нешта за пофалба. Ама, уште невлезени во клисурата на Треска, Миклош туку се прелапа за бузите. „Каква убавина, а мајсторе?" го праша насмевнато Калија. „Нем", се инаетеше Миклош, ама се ѕвереше без здив во високите, стрми карпи, намигнувајќи му ѓаволесто на гавазот што каскаше прибрано покрај нив. За манастирчето Свети Андреја му објаснија дека го подигнал синот на кралот Волкашин, уште пред скоро двесте години. Тој син ти бил еден од нашите први учени луѓе, му се фалеа, оти татко му, кралот, беше ти го пратил во туѓина да учи за лекар. Тој е нашиот прв учен лекар, му велеа на Милош, не како сегашниве бајачки и гатачки, што го мамат народот. Има ли и кај вас такви, мајстор Миклоше? „Нем", одмавнуваше гордо мајсторот. „Ами вакви фрески има ли? Погледај го кралчето Андреја како го нацртале. Небаре самиот крал Волкашин порачал да си го гледа синот и на живопис? Има ли и кај вас, во Сигет, такви?" го прашуваа, подбуцнувајќи го. „Е, навистина иген", признаваше сега Миклош, раздрагано. Не ни насетуваа тогаш што ќе се случи кога ја управија арабата на другата страна од котлината, кон планината Караџица. Во селото Сушица, слегоа со некои луѓе кон манастирот свети Димитрија, крај кого шумолеше брза река, носејќи тревишта и искршени гранки од снеговите што ги беа повалиле таа зима дрвјата и грмушките од шип и бозел. Гавазот остана пред црквата и, со почит ли, или од замор, слезе од коњот, па почна божем да си ги протега нозете, кога пред дојдените се појави калуѓер. Калуѓерот го изгледа, но небаре не го гледа, намерно не му обрна внимание на Турчинот и, вртејќи му го грбот, почна да им објаснува како оваа црква се градела уште при живот на кралот Волкашин, а ја завршил неговиот син Крале Марко, нашиот јунак и чело на рисјаните, рече, кој ни загина, господ да му ја смили душата, пред едно стотина години таму на север. Го разгледаа камениот иконостас, запалија свеќи, Миклош се крстеше и метанисуваше, и тогаш синот на Пајко го втренчи погледот на ѕидот, каде што беа претставени Волкашин и неговите два сина, од едната и од другата страна, како го крепат, небаре две крилја на неговата изнемоштена става. Крале Марко од едната и Андреја од другата страна. Два сина, два голуби, две стреи за главата на таткото, две миризливи цвеќа под пазуви, како што велеше народната песна. „Две стреи за главата на таткото?" потпраша мајсторот, не разбирајќи. И тогаш ибн Пајко се загрцна. „Два гулаби", шепна тој. „И цвеќа за под пазуви", рече Калија растреперено, обесувајќи му се на мишката од Марко. „Е мој Марко," воздивна таа, „немавме ние среќа, да исчуваме челад и да му се радуваме. Што му згрешивме на бога, та така нè накажа?" И таа клекна пред иконата на Света Богородица. „Света, премила мајко," рече таа, здржувајќи ги солзите, „те молам, жити светиот син што го држиш во пазуви, фрли еден зрачец врз мене, ќердосај ме со рулче, та и моиве очи еднаш да престанат да солзат. Премила, златна светице, ти ја знаеш болката на секоја мајка, биди милостива и спрема мене". Марко наеднаш побледе. Се фати занишано за шанданот и за малку ќе го турнеше. Немаше сили да ја крене Калија. Затоа пак Миклош, кој, несфатливо како, разбра сè од нејзините зборови, прибрано ја пофати Калија под мишките и почна да ја станува од студените плочи. Ова движење на сочувство и нежност, уште повеќе ја растажи бездетната жена, и таа почна да се опира, да се влече по плочите, сè посилно липајќи. Калуѓерот збунето се прекрсти неколкупати, но изгледа, прва мисла му беше не да ја теши и тој разлипаната жена, туку да види што се случува со гавазот, кој би можел, чувајбоже, заинтересиран од вревата, да влезе во црквата со исукана сабја. Сенката на гавазот навистина веќе паѓаше на прагот од вратата, а сончевиот зрак однадвор поминуваше околу него и осветлуваше жолта патечка во студената темнина на црквата. Тогаш се случи уште нешто што ја зголеми вознемиреноста на калуѓерот. Бошко, кој и тој, за чудо, досега не се беше помрднал како и Марко, земјосан и со растреперени вилици, наеднаш клекна пред својот господар и му ја позеде раката. „О, мил ибн Пајко, о мој господару и брате", рече тој растреперено и почна да му ја целива раката на Марко. „О, и вие светци околу нас, бидете ми сега сведоци дека, еве, баш денес, на ова свето место, ќе ја кажам тајната што ја чував во себе заклучана." Липањето на Калија веднаш секна. Тие се спогледаа си Марко. Што беше ова? Зарем Бошко не беше нем? „Не сум јас ни улав, ни нетокму," рече Бошко. „Ни нем, како што мислевте досега, о, мои господари, Калијо и Марко. Само душава моја е столчена, а телото изгазено, зашто сум далеку од моите три деца, кои ги оставив во племњата и в раце на Османлијата. Вие плачете по пород, а јас мојот го напуштив. Жената моја ја предадов, не ја чував како што треба маж да ја чува, туку се стрчав да се тепам со Турчинот, јас гордиот, а неа со моите три сина, моите бели гулаби, ја оставив во племњата, без заштита и без маж. Господ ме казни, еве што сум сега. Нека ме казнува уште повеќе, та веќе бело видело да не видам, сон да не видам, радост да не видам, јас проклетиот раб божји!" Сите стоеја здрвени од изненадата. Калија стана од плочите, и сега таа, заедно со Марко, почнаа да го креваат Бошко од студените камења. Миклош си го слече палтото, го стутка, и почна со него да го нагрнува робот, како да беше не знам колку студено. Тој не разбираше точно што се случува, но самото тоа што калуѓерот истрча преку вратата на црквата, а сенката на гавазот се оддалечи и му пушти пат на жолтилото од сонцето, зборуваа за возбудата што ги опфати сите. Надвор шумеше реката, црцореа птиците, се валкаа драскотливо одвлечените гранки од бозелот, и звуците стануваа сè посилни, како да се наткреваше сводот небесен давајќи им простор и широчина, за да се чујат што посилно, како и болките на луѓето што се таеле, а наеднаш ќе се истушат. Миг ли беше тоа, или вечност? Колку таеше? Четворица луѓе стоеја сами во една црква. Божји чеда изместени од престолот, со заедничка среќа и со заедничка несреќа, каква што господ им наменил на сите свои чеда на земјава, без тие да си стават во акалот не дека ако едниот е несреќен другиот ќе е среќен, туку дека божјата рака тешко ги разделува нештата, зашто грстот ѝ е широк, па фрла наеднаш од сè добро и од сè лошо, на сите страни. (Бела пауза) Валијата седеше скрснозе на посланото сеџаде9, а сите други, според рангот, или стоеја, или на еден колк се потпираа врз миндерот до Мехмед-паша. Каков беше овој меџлис10 во уќуматов, та го викаа дури и него? На ибн Пајко му стана дури некако незгодно од толку многу бегови, аги, муфтии11, мули и улеми12. Тука беа и мудурот13 и мутесарифот14, па дури и дервишкиот шеик Рушид-баба. „Бујрунус15, ибн Пајко ефенди!", рече Мехмед-паша штом овој влезе, и со тоа го прекина претходниот муабет со присутните. Ибн Пајко направи темане со почит: „Да ти се многу години, вели пашо!" „Алакерим. Султана чок јаша!"16 „Нијаз чауш ми рече дека си ме викал, вели пашо". Мехмед-паша се накашла: „Тебе, како аза, не ти е првпат да влегуваш во уќуматов. Ама, спремен ли си да чуеш што реши овој меџлис и каков карар17 најде? Остави ги тие тефтери и фермани што си ги зел со себе. Пак ли имаш некоја поплака на аза?" Ибн Пајко, воздивнувајќи, рече: „О, мој светол вели пашо! Откога станав аза, мирот ми се растури. Ни на дуќан сум дуќанџија, ни дома сум домаќин. Ти и самиот знаеш, секој ден ти идам со разни молби и давии18. Нашиов кутар народ мисли ако јас се заземам во уќуматот или во шеријатот, сè добро ќе се реши. Сон немам. И поткуп се кабил луѓето да дадат, само да им се исполни барањето!" Воздивна и Мехмед-паша: „Добро се разбираме со тебе, ибн Пајко ефенди! Жими вера, ти баш аза си. Те сака и рајата, а и нашите аги и бегови ти имаат почит". Ама ибн Пајко, иако не знаеше зошто го беа повикале него, го отвори својот тефтер и реши да го искористи присуството на големците. „Еве една молба, вели пашо, од Шусто Адем Абдулафета. Сака да отвори дуќан за сладолед и шербет, и што иде со тоа: ашуре, сараклии, локум и салеп, боза, кадаиф и баклави. Да го отвори во Сучутлар, крај Вардар. Одобрено му е, ама ако посади врби и тополи крај реката на секои три аршини, и за време од две години. Сега се жали! „Бак анасана!"19 се чукна налутено мутесарифот по десното колено. „Сус, таму!" го прекина валијата. Ибн Пајко продолжи: „Еве го решението да се поправи сокакот до Бојаџилар Мејдани, ама потрошените средства да се наплатат од стопаните на дуќаните крај сокакот. Туку, и тие се жалат, вели пашо. Еве пак овде, муфетишот Мехмед Емин испратил извештај до мутесарифот за правење канал од чешмата во Папучилар Мејдани, крај Серава, од страна на мутевелијата Нуриш-ага. Имам и извештај за нечистотијата што се натрупува во коритото на Серава... Молба од жителите на Јигит-паша маало за завршување на калдрмисувањето на сокакот... Кафтанџиските дуќани на Анто, Аџи-Томо и Димо, бараат дозвола за опрема на дуќаните..." Се слушна негодување од сите страни. „Доста!" извика валијата. „Ти си аза за да ги браниш интересите на државата и султанот, не на некои таму ојлевци-дојлевци!" „А поважно од сè е, вели пашо, што разни јанкесеџии20 и силници му ја темнат славата на падишахот. Еве вчера, некој таков неранимајко, влегол во дуќанот на самарџијата Аџи-Трифун и го претепал. Зошто? Му барал пари. Се силел, ќе го заколе. После му ја грабнал жена му, болешлива старичка, и ја резилел пред насобраниот свет. Да била млада, може и ќе ја однесел во кулата, и никој ништо не ќе му можел". Пашата, божем налутено свика: „Кој бил тој?" „Тој Аџи-Трифун е пријател на самарџијата Димо, а овој му ја има дадено ќерката на ибн Пајко ефендија!" се вдаде некој од агите, за да го пресече валијата. „Така ли?" рече Мехмед-паша божем освестен. „Е, анасана, меретен народ! Многу е измешано во твоите тефтери, ибн Пајко ефенди! Нерде дир21 сега тој Аџи-Трифун самарџија?" „Дома е, вели пашо, ама..." „И жена му му прави кајмачина и кадаиф? Ајде да се зафатиме со работа, бива? Ала бин бериќат-версан, ама работата чека! Затоа и те викнавме во уќуматов, зашто овој меџлис што го собравме најде еден карар за тебе, ибн Пајко ефенди. Решивме ти да се турчиш и битти даваси!22" Занеме ибн Пајко. Баш ова не го чекаше. „Што велиш?" го крена гласот пашата. И плесна со дланката, зашто му се стори дека премногу чека на одговорот. Ибн Пајко тогаш се прибра и одвај чујно, рече: „Сак'н23, вели пашо". „Сак'н? Не си белки ти девлет душманлари24? Ти си наш човек, ибн Пајко, колку што знаеме. А знаеме ли добро? Бурда шега јок!25 " Се поднамести од нога на нога ибн Пајко, свенат, и жолт како неговите недоправени бакарни ибрици. „Аман, вели пашо. Не сум од тие што везден се митарат..." Се смурти Мехмед-паша и ја крена раката кон развревените присутни: „Чик'н дишери! Излезете надвор!" Кога се испразни големата одаја на уќуматот и кога гавазот ја затвори вратата, Мехмед-паша божем смекнато му се заврте на Ибн Пајко: „Бак бурда26, ибн Пајко ефенди! Ќе ти дадам мувлет27, не бери гајле. Ама, уште еднаш не правиме муабет за ова! Ќе се турчиш и готово! Ти реков: бурда шега јок! И така еден неранимајко од крајот на татко ти, ме сторил резил пред султанот. Од Кратово, си чул? Еден азган ќафир28, жими алах, сакал да се направи бабаит. Пред мојава власт! А кој е валијата, знае? Валијата е султанов намесник и тој ги има сите права како втор султан кога треба да ги заштити земјата и султанот. Тој пак се решил мене капата да ми ја крои! Си слушнал за него, сигурно. Ѓорѓи Кратовец се вика. Народот шепоти за него, гласот се шири, како оној ваш Исус да слегол на земјава." Не сум чул, вели пашо. Валла билја!29 А што сторил?" „Не го признава Мухамеда за пророк, ете што сторил. Детиште од осумнаесет години, ама инает од сто! Учел книга, ама по верата каурска бил заслепен, тој ѓавол од дете! Еднаш да се турчи - не сакал, двапати - не, трипати - пак не. Народот се вознемирил, се запалил од него. И што, ќе го оставиме ние народот да ни го крева, да ни го буни? И така, едни разбеснети Турци, младеж - јас тоа не го одобрувам, ама се сторило - тие разбеснети Турци првин го ставиле на бесилка, а после го фрлиле во распален огин. Гласот за ова се разнел надалеку, дошол и до уши на султанот. Мора да си чул, само се правиш на удрен како секогаш, ибн Пајко ефенди! Ако не пресечеме веднаш, може ќе им текне и светец со време да го направат овој Ѓорѓи Кратовец?" „Не знам ништо за тоа. Се колнам, вели пашо." Пашата воздивна изморено: Е, добро де, сега мисли за себе. Сакам народов да извлече дебела поука. Каков Ѓорѓи Кратовец, какви шејтани! Ти ако се турчиш, сè ќе замачкаме. Друго е да се турчи некој едепс'з, друго ти, умен и мудар, сакан од секого. Алах те надарил со сè. Ќе се турчиш, кардаш, и готово! Не ти личи тебе каурин да бидеш и да ги немаш сите права што Турците ги имаат. Замисли да не плаќаш арач! Замисли да не плаќаш џизие! Сељам алејкум, ибн Пајко ефенди! Ако ме одбиеш, бак бурда - апсаната ми е полна со околу триста ѓаури: кој не платил данок, кој е робен, кој е против Мухамеда, кој колнел Турци - е па, речеш ли жне' и не ме послушаш, сите нив ќе ги пратам да веслаат на корабите, а уште толку невини кавури ќе испратам на ангарија во Мала Азија, а во нивните куќи ќе населам Турци Анадолци! Таков карар најде меџлисот и тоа е, битти даваси! Па, мисли му! А мувлет, реков, ти давам, од денес до задутре, два дена и три ноќи! Кога ќе дојдеш, со мураќип30 ќе ја типосаме таа работа, а тељаљот31 ќе објави низ народот. Голем џумбус ќе направиме! Чаршијата ќе ја затвориме, кавурите ќе ги пуштиме од апсаана, името да ти го слават! Ишала! Првата ноќ, откако ја избаци Калија и таа заспа, влажна и испотена од неговите допири, Марко цела ноќ пробдеа, сам. Никако не запали ни борина, ни свеќа, ни ламба. Божем нежив човек, туку сениште излезено од пресен гроб. Однадвор допираа разни звуци, но ниеден да му ја чепне свеста. Поминуваше деврието32 кон Серава, го поздравуваше по некој забрзан минувач со „акшам аиролсун"33, а врелата летна калдрма тлееше како огинот што догорувал со коските на оној срчен кратовец. Меаните и ановите се празнеа од веселите бегчиња вратени од војна: тие таму пушеа наргиле, се фалеа со подвизите и кршеа по некоја чаша. Секнуваа турските песни по сокаците. Зад џамовите со решетки, се ладеа спурени анами. Оџите од џамиите се јавуваа веќе двапати, гледајќи одозгора во ноќта како буфови. Но имаа ли сите тие звуци некаква важност за укмосаниот ибн Пајко? Сребрената жица сè потенко се стегаше околу гушата на Марко, а тој иако вознемирен, уште си размислуваше вака: „Зарем на валијата му беше лесно да ми го предложи она? Та и тој е човек. Знае како се бунтува душата, како мозокот на човека му кркори на таква закана. Мораше, затоа го стори тоа. Меџлисот го натера и Мехмед-паша не ќе оди в дупка? Тој ме познава мене, ми го знае табиетот. Може и тој сега бдее во несоница, мисли како да ме извлече и мене, а и себе од џенемот. Оној Ѓорѓи Кратовец, господ да го благослови, тој ја закашка работата. Ама сега, зарем јас да излезам полајно од него? Па туку се тешеше: „Утре е нов ден, нова нафака. Валијата сигурно ќе прати абер по Нијаз-чаушот дека сето тоа било само шега, просто испробување. Нема да рече веќе „шега јок", туку само ќе се искркоти на мојот голем уплав. Јас му требам нему како аза, зошто да се турчам?" Потоа си го тераше срцето да му мекнее, мислејќи на Мехмед паша. Си приспомнуваше со сочувство за срамот што го снајде татко му Мустафа-паша бег, еден од тројцата синови на славниот Исхак бег, кога ги изведе браќата пред шеријатот, барајќи право во наследството и вакаф-намето. Исхак-бег беше не само богат и прочуен градител на Скопје, туку и славен војсководец, кој загина негде во битките кај Варна. Син на Игит-паша бег, кој стана првиот управител на Скопје, откако Тимур-таш паша и Мехмед-баба го зазедоа Скопје за слава на царувањето на победникот Бајазит-хан. Исхак бег, како што си беше срчен и умен, си натрупа не само богатство, туку и подигна во своја слава колку верски градби, толку и неверски. Си ја подигна прочуената Исхак-бегова шарена џамија, ама и покрај неа една од најпознатите медреси34 во Румелија, во која науки предаваа голем број познати мудериси35 на исламскиот свет; разни конаци; туљбе; и други згради; а во чаршијата - безистенот, Сули-ан, Чифте-амам. Овој бег, со своите тројца синови, додека тие не се раскараа, ги надгледуваше сите дубровнички трговци кои минуваа низ Скопје, и тие му плаќаа данок. За неговото азно и за приходите, тука беа двајцата хазнадари, тие да се грижат. Народот нив ги знаеше: и двајцата му беа десна рака на бегот: и двајцата од тетовската вакуфија: постариот, Хаџи Кемал, син на Абдула, а другиот, помлад, церибашата Мехмед Јусуф. Ама кога Исхак-бег загина, темен облак се надви над ова семејство. И самиот Мехмед-паша, внук му, тогаш малечок, сега знаеше како се случи тоа и сигурно страдаше поради татко му. Тој, „штедриот и милостивиот Мустафа-бег", како што стоеше во документот, „пред светлото и чисто шеријатско заседание, го изведе тужениот брат Иса-бег, гордоста меѓу заповедниците, сопственикот на големи знаења, мајданот на милоста, гордоста на државата и верата, и против него кажа дека целата задужбина, имаретот и медресата, и двата амама, селаните и книгите, зградите, нивите и бавчите, дуќаните, и сето друго - нему и на неговите браќа Иса-бег и Паша-бег им останало како заедничко наследство". Меѓутоа сведоците, како што се прави со шеријата и според шеријатските прописи за сведочење, кажаа друго: навистина Исхак-бег уште жив, бил самиот на сиот овој имот мутевелија и сопственик, но по себе го определил за мутевелија почитаниот Иса-бег, а по него неговиот најдобар син, по кого да се наредат најдостојните синови на нивните синови. И толку. Беше тоа јасно запишано во месец зилкаде, во годината 148- ма од пророковата Хиџра. Ни да се продаде имотот, ни на заем да се даде, ни да се наследи, сè додека бог не ја наследи земјата и она што е на неа. За поправките пак да се користат приходите добиени од споменатите вакафи36. Сега Мехмед-паша ја преправаше Алаџа џамијата на Исхак-бег, но зарем тоа носеше некаква посебна слава? Насетуваше Марко колку тоа го пече валијата и дека е тој, што се вели, спремен за поголеми дела - но кои беа тие? Неговото име сега се запиша врз портата од северната страна, џамијата што народот сега ја викаше „шарена", по негова наредба доби уште многу разнобојни плочки дури и на турбето, па и голема дрвена врата на западната страна, целата искитена со источнички шари. Но - што? И Иса-беговата џамија, подигната од син му, по смртта на Иса-бег на Лебното поле, како негова задужбина, и таа џамија беше убава, изградена од делкан бигор и редици тули: две од куполите ѝ беа покриени со олово, а имаше и трем со столбови врз кои стоеја помали куполи. Но зар и Јахја-пашината џамија не сакаше да се мери со нив? Јахја-паша беше зет на султанот Бајазит, и како таков мораше да направи нешто преку ред: минарето на неговата џамија се крена највисоко меѓу сите скопски минариња. Е сега, таа беше градена врз темели на рисјанска црква, па долго време, за турски резил, крстот се појавуваше врз градбата, та низамите37 изутрина го симнуваа, иако тој ноќе пак се појавуваше - но и тоа би и помина, зар не? Остана само чемерот и маката дека некој излегол поербап од тебе, та што и да сториш, не ќе си кадарен да му ја фатиш мерката и да го исправиш... Се освести ибн Пајко од замрсените мисли дури кога виде дека Калија станала од леглото, забележувајќи дека тој седи замислен во темното. Му пикаше суви трендафилчиња и смилје во пазувите на кошулата што ќе требаше да ја облече за на дуќан. Да ги реши гајлињата, да не го фаќаат уроци, да му е лесна и весела мислата. Марко ја прегрна и ја поведе назад кон постелата. Беше поубава од дење. Ленената кошула ѝ ги креваше бујните гради, а меките, влажни усни ѝ блестеа во мракот. „Да си легнеме, жено мила", ѝ рече. „Доста беа за денес грижи". „Што ти е, домаќине?" се тргна убавата Калија со претчувство. „За какви грижи зборуваш?" Снагата ѝ се омрцлави, како да ја подувна лош ветер. „Може не ќе излезе на ништо", се обиде да се поднасмее Марко. „Сигурно утре ќе чуеме добри абери". „Ама мене кажи ми!" му се обеси таа миловидно на мишката. „Смешна работа", рече Марко. „Мехмед-паша свикал меџлис и бараат сега да се турчам, Калијо". Калија едно време стоеше без збор. Потем се заниша и брзо се откина од него, па се потпре на ѕидот: а ѕидот небаре почна да се лизга како пелте и да се рони како цветовите од смилјето што ги стегаше в рака. 2. Тодора беше едно азган1 чедо. Родена најмала, меѓу девет сестри и еден брат, го правеше последниот детски џумбус2 низ куќата, и баш во време кога сите домашни беа научиле тоа да го трпат. Чардакот од нивната богата куќа беше тесен за неа; бунарот во авлијата плиток за кофата што жрѓосуваше во која таа влегуваше сосе калци; маштеницата не се пиеше инаку освен направо од ѓум, а бакарданот се шмукаше како да е сок од дренки. Боже, боженце, што к'смет му падна на ибн Бајко, та везден да војува со ваква сорта и да ѝ биде мегдан без престан? Тоа, изгледа, свети Ѓорѓија, што тој го изневери, ја замавна сабјата кон неговиот врат наместо кон оној на ламјата и сега само се думаше кога да му ја отфикари. Тодора не куцаше, но беше грда - една од причините што татко ѝ, стариот папуџија Јосиф, толку бргу реши да ѝ го стави огламникот. Ибн Бајко, штом му ја покажаа, си рече дека таа грдосија е токму за него. Да нема барем гајлиња со женската убавина, која е обично за други радост а за мажот грижа, и тој е само нејзин буден чувар, кој зад седум пердиња ја крие за да не стане шербетлија мамка за секакви гадинки. Ама, се прелажа ибн Бајко. Таа беше за него токму толку за да не се гордее со тоа што го нема, но не беше за него со тоа што го имаше. А беше богата и писмена и тоа ја правеше наперната и осорна; беше и разгалена меѓу деветте сестри и единствениот брат, кој пак за несреќа, доведе за жена една божја бубалка, Паунка, од селото Булачани, која ѝ се плашеше толку на Тодора, што везден ѝ се тргаше од патот и ја направи оваа уште посурова. Петре не го запикаса тоа веднаш, таа нејзина нарав и склоност да прави пакост на послаби од себе. Но кога Тодора за првпат го виде, и одвисоко, со опулот го пронижа прашувајќи „што бара овој ќелеш овде?", Петре, без да знае што прави, ѝ го врати храбро погледот. Иако малку столчен од нејзиното зло око, ама решен да не ја испушта јадицата и да биде денес или утре тоа што и татко ѝ, сепак се насрчи како мачор на оса. „Мамето твое големџиско", си рече тој, „ќе те сардисам јас тебе од сите страни, па мајка Јана да ти е!". Мајка ѝ на Тодора навистина ја викаа Јана, ама ибн Бајко, иако јуришаше на Тодора како на кула, извојува кај неа само една победа - кога ја натрти и ѝ го пушти семето како ѓуле далечинско. Додека Костадинка, Коца, растеше во нејзиниот мев, брчкајќи се во нејзината лошотија, која се дуеше како Тодора со оки да голта воздух, ибн Бајко се прчеше: ете, ѝ го најде лекот. Но, пак се прелажа. Една вечер, Тодора му рече: „Што се прчиш толку? Не гледаш ли дека имаш работа со мене?" „Па ти си ми жена", се навали Петре на болниот колк. „Чудно ми чудо", се исклешти Тодора, „и кравана имаше теле, па што, да не се знае кој е волот? Не велам дека ти не си вол, ама чиј си?" Убав свети Ѓорѓија, се прелапа Петре, што чудо од жена ќе биде ова? Акреп3 и ламја. Удри, златен свети Ѓорѓија по оваа ламја, не по мене". Па реши да ѝ биде покорен, мед и млеко да му минат низ заби, како потоци. Може тоа ќе ја смилостиви. Забележа тој дека Тодора си ги сака иконите, си пали редовно кандило, си оди в црква како да е самата дома топол леб, не жива сода, за секој адет се договара со попот и ревносно ги потсетува домашните и комшиите на празниците што идат, па реши да удри на тој тапан, белки и господ ќе му помогне. Само што таа, иако веруваше во господ, не веруваше дека него господ ѝ го пратил. „Ти како сакаш„, ѝ рече на Тодора, „ама јас на огнот сум вечен роб уште од раѓање, а само господ знае дека на сите тревата ни е прва одежда, а црвите вечни гости". И изгледаше многу покорно, иако знаеше дека таквото кажување ќе ја трефне, оти беше извадено од една црковна книга во Свети Ѓорѓија - Горг што ја беше читал. Имаше таму многу свети книги, но нели не можеше сè да запомни? Изгледаше Петре толку покорно, небаре ѝ ги бацува крупните нозе на Тодора, со тврдите петици кренати нагоре. Таа само миг поголтна, па рече: „Јас сум Тодора, имаш на ум?" „Имам", рече тој со наведната глава, небаре таа сега ќе го плесне. А не знаеше што значи тоа. „Е па, ќе видиш кога ќе се качиме во Нерези. Дотогаш прибери си ги доламите. И борбата продолжи. Ибн Бајко веќе стана писар-граматик на папуџискиот еснаф, а таа - не, па не, само на еден колец се држеше. Во Скопје тогаш навистина имаше осумдесет еснафи и уште повеќе занаети, и секој еснаф си имаше своја зграда со одаи, разни помошници на занаетчиите, и свој писар наречен граматик си имаше, и сите еснафи заедно си имаа еден заеднички ќаја, но да се биде писар-граматик, иако само на папуџискиот еснаф, не беше мала работа и мала чест. Ама тоа за Тодора беше само ветер и магла. Помина време, и Божиќ помина, и паричето во погачата, и амкањето јајце, и фрлањето на крстот во Вардар, па дојде и Велигден, а Костадинка, Коца, бидејќи беше на прагот да излезе, се понадева ибн Бајко дека нешто стравот како ќе биде тоа излегување пред порти, а нешто и радоста, ќе го сменат табиетот на Тодора. Зеде од велигденските јајца стокмени за вапцување со варзило, и, како кога го учеше татко му, стариот Благоја, дупна едно јајце, го бележа со рецка за да го познава и го наполни со течен гипс. Варзилото сам им го беше донел од бојаџиската чаршија на Тодора, на Паунка, и на мајката Јана, а кромидовите лушпи и цутовите од лутиче сам ги слупи и ги набра, и сè се радуваше дека жените ќе се зближат во радосното вапцување, а Тодора ќе ги отпушти дизгините. Мислеше и шега да направи кога ќе ѝ ги искрши јајцата на Тодора со своето гипсено јајце. Скршеното јајце е и така ќарено јајце, и тој што губи мора да се врати и да земе друго. Таква е играта и таков е обичајот. Однапред се радуваше на смешките, на соспите лушпи од јајца, на слатките ѓаконии за почестување, а најмногу на лицето на Тодора кое наеднаш ќе блесне од лутина ли, од радост ли - та Велигден беше, божји празник, авата се менуваше, не пак луѓето. Ама Тодора - удри со врвот од јајцето, удри со газерот, и туку ја сети прелагата. Се смурти прво, облак ги надви нејзините густи чатма веѓи, носот ѝ се издолжи уште толку. Ќе го грабне сега кошето со јајцата и ќе му го трасне од глава, си помисли Петре, и се собра како живинче. Ама Тодора, наместо тоа, ригна да плаче. Се стрчаа сите, да ја галат, да ја тешат, чувај боже на детето во мевот да не му напакости. И така, ибн Бајко остана и сега само загледан одоздола во високата кула, без да знае какви мердевини да стави за да ја искачи. Еден ден помисли дека чаршијата ќе му помогне. Лаф-муабет за жени и која каква е, па кој со што мерката ѝ ја зел. Чаршијата и така е терезија на слабостите човечки, на мајтапи и подбивки, ама и дувло на божемни силници кои дома тенко предат како мачори. Да те спаси чаршијата од твојата мака е поспособна од секое друго создание: таа е резе што ја замандалува портата на светот машки, свет во кој не се влегува ни со тропање и милост, ниту пак со ластегарка. Има да си чекаш пред прагот и да се начекаш, грпка да ти никне како пенушка. Затоа пак светот женски крај огништето, павта и везден ја разгорува силата на жарот што тлее, оти огинот сам пат си отвора: додека сè пепел да се стори, за жената има надеж. Таа си е царица на силата, апсанџија со безгласни барабани. И никој ништо не може да смени, без нејзина волја, од нејзиниот праг, до нејзината ќерамида. Дури и оној што пишман4 се сторил што влегол. Слушна ибн Бајко од говоркањата по дуќаните, дека Аџи Герасим, копајќи потон за својата воскарница, случајно откопал некаков стар, римски гроб, издлабен во каменот. Во гробот имало костур на некаква средовечна жена, колку без меса, уште помалку без душа, ама сета накитена со гердани, прстења и скапи белезици. Чаршијата ромореше за оваа случка, ама и се мајтапеше со вдовецот аџи Герасим, кому откопаната му ја величаа како ветена втора жена, која во чеизот му носи купче богат накит. Ибн Бајко, небаре таен конец го влече, куц-куц, стрча да види што е таа работа со жената: не скокнала таа, белки, векови за да не донесе некој абер. Гробот уште стоеше откопан, зашто со наредба од меџлисот5, во такви работи ни муфетитот6 не смеел да чепка. Ги чекаше аџи Герасим службениците и чаушите, ама накитот од вратот и прстите на жената сè повеќе се намалуваше, и кога ибн Бајко се наведна врз дупката да види што се случило таму, пред очи му излета една белегзица право во рацете на воскарот, летна како оцет да испарува и ја снема. Гробот беше оштетен, поради стрмината на земјата низ која течела вода, но од другите три страни го заградуваа гранитни плочи, потпрени со камења. Жената лежеше на грб, главата ѝ беше свртена на десно, а рацете ѝ беа положени на мевот. Под главата, на десната страна, уште стоеше закачена една сребрена обетка, а краиштата на нејзината алка беа отворени, ѓоа жената тукушто ја отпетлала за да ја симне. На појасот таа имаше пафта, на која од задната страна ѝ се гледаа три плоснати јамки, со кои пафтата се зацврстуваше за коланот: коланот пак беше составен од кружни и четврстести парчиња исшарани со цветови и лисја. Прстења имаше четири, со камења во разни бои и се мрдаа на коскестите прсти како алки на стап. Околу скелетот имаше расфрлано пари и едно светлозелено парче стакло, со некакви преплетени букви кои правеа облик на крст. „Да си земеме уште по нешто", рече аџи Герасим, „земјава е наша, а Турците се дојденци". И тој се пресегна, па од прстот на жената извади еден прстен и му го подаде на ибн Бајко, а другите три, без да ги разгледа, ги спика во џебот од своите бечви. „Погледај", се наведна тој врз прстенот од ибн Бајко. „Ова е скапоцен камен. Оваа бела, проѕирна грутка, видов во Венеција, се рамни со злато. Се вика елмаз. Сече сè, а него никој не може да го пресече. Затоа и го ставиле вака, во грутка, неизмазнет. Ама тој има магија во себе, ибн Бајко. Во Венеција ми објаснуваа, ваквиот камен носел убавина, верност, љубов и напредок во сè. Земи го ибн Бајко, нека ти служи за недајбоже". Одвај дочека Петре да падне ноќ и да се прибере со Тодора насамо. Во куќата редот никогаш не се менуваше. Со ред се стануваше, се миеше на бунарот, со ред дури и се легнуваше за спиење. Редот во седнувањето на софра исто така секој си го знаеше, зашто ова не беше параспурска куќа. Прво седнуваше стариот Јосиф, до него од десно синот и зетот, одлево пак старата Јана, снаата и Тодора, а и сестри ѝ, додека овие не беа мажени. Прв започнуваше со јадење домаќинот, а потоа другите. Додека се јадеше мажите пиеја вино, женската челад вода. Во легнувањето пак ред беше прво да легнат старите, а дури потоа помладите. Ь рече Петре на Тодора кога останаа сами: „Види што сум ти донесол. Овој прстен носи среќа, љубов и напредок. Земи го, нека ти донесе што душа ти сака". И ѝ раскажа од каде го носи. „Будала еден", му се врекна таа, „како може да носи среќа, кога на жената што умрела не ѝ ја донел?" Ибн Бајко се стртка: „Па... знаеш како е. Некому дури не му се стемни, на друг не може да му се развидели", се досети најпосле. „Ха", се исмеа Тодора, „ами, тебе ти е одамна развиделено, ама ти уште дремеш и сонуваш, мажу!" На денот на Свети Пантелејмон, великомаченикот, кога папуџискиот еснаф излегуваше во манастирот во Нерези, Тодора ја грабна родената Костадинка, Коца, и прва излезе пред порти да седне во чезата врз посланото веленце. Секој занает си имаше своја слава во градот - ќурчиите го славеа Свети Илија, казанџиите Свети Спиридон, бавчованџиите и лозарите Свети Атанас, терзиите Петровден, и сите ги канеа на своите денови, и турските големци, и другите видни граѓани, ама Свети Пантелејмон на папуџииите за Тодора беше некако најубав празник и чест што мислеше дека целосно и самата ја заслужува. Папуџијата Јосиф си имаше таму и лозјенце. Иако „нерезина" старите Словени викале необработено, неуредно лозје, та целиот крај го доби по тоа ова име, нерешкото грозје на Јосифа, и на уште еден до двајца папуџии, беше надалеку познато по вкусот и сладоста. Костеновите шуми по ридовите вишнееја со темна ладовина, а шимшировите дрвја се спуштаа далеку кон реката Треска. Чардаците пак и конаците покрај манастирот, кои ги подигнаа скопските папуџии од еснафот, за Тодора беа како чардаци ни на небо, ни на земја од приказните на мајка ѝ и постарите сестри, зашто со око што добиваше крилја од нив, се гледаше целата котлина и Вардар, и се леташе високо, а не се паѓаше длабоко. Тодора го внесе тогаш Петрета во храмот на светиот великомаченик. „Гледај", му рече, „гледај и ќе знаеш„. „Што тоа?" праша покорно Петре, ама за несреќа, пак се потпре на болниот колк што неа многу ја разбеснуваше. „Тодора била ќерка на царот, море дибек!" „Цар? Кој цар?" се исчуди ибн Бајко и закуца возбудено околу неа. „Царот Алексиј Комнен. Византиецот. Што го изградил храмов на великомаченикот Пантелејмон. Ќерка му се викала Теодора, значи - Тодора. Гледаш сега?" „Туф, та тој не бил цар," направи тој, ама веднаш се прибра. Подобро да е скромен со ваква ламја, подобро да ѝ се држи за скуталето. Го гледаа животописот, се вртеа под ѕидовите како замајани. Нацртаното зрачеше врз нив како божји поглед што смирува. Оплакување на Христос, симнување од крстот, сретение, успение Богородичино... Светиот Архангел Михаил беше насликан со хартија во левата рака, ама со меч во десната, и тој пусти меч некако го разбуди ибн Бајкота. „Добро ма, Тодоро," ѝ се заврте тој на жена си, „та каков сакаш јас да бидам?" „Како Крале Марко", отсече веднаш таа. „Како Крале Марко?" „Ами, зошто не? Ако имало еден таков, ќе да има и повеќе". Тодора си ја оближа големата буза, небаре се бацувала со јунакот што го спомна. „Ами тој имал буздоган, мори". „За таквите како тебе да ги сплеска". „И јадел фурни леб, и пиел бочви вино". „На таков и да му слугуваш да ти е чест", се вцрви Тодора од брзање да одговори. „Ами жени колку имал, знаеш ли?" „Колку, бре? Само Дуња Ѓузели ја сакал!" „Види ја будалата", извика Петре, некако ослободен, „ами толку ли си ќора, мори? Та и тој имал жена Тодора, не си знаела?" Тодора го погледа со неверување, и ја стисна посилно Костадинка на гради, та детето почна да цимулка. „Тодора, Тодора. Ама таа и не била негова, туку жена на Гргур Хлапен, велможата од Бер. Му ја зел на Хлапена, ја искористил па му ја вратил, а си ја зел назад својата првовенчана жена, Елена, Хлапеновата ќерка. Ете, мори, кој ти бил твојот Крале Марко! Женомрзец и женољубец, тоа ли сакаш и јас да бидам?" Костадинка, Коца, тогаш заплака посилно, небаре плаче од очите на Тодора. Тие останаа суви како барут, ама запалени од лутина и бес, ѓоа7 крмаз и црвен пипер ги поросиле. Излезе ибн Бајко надвор од храмот, измазнет и бел во образот, како од бербер да излегол, намачкан со ѓулсуи и тие други берберски марифети. Срцето му тупотеше. Си изгледаше храбар и силен, и залудно досега потурнат и покорен, и бидејќи за ништо изгубил толку време, куц-куц, ни едно, ни две, туку се упати право кон софрата околу која седеа мутесарифот Абдула-бег, двајцата кадии и мулата, диздарот и неговиот кетхуда8, ама и алајбегот, заповедникот на спахиите, па направи брзо темане9, и на зачуденост на сите, без покана седна до нив на сеџадето. Не е султанот Бајазит, ама се сите овие големци топтан10, и тоа некако слично му доаѓа, си рече. Попот Никола од Ралин Панта маалото, ја праша Тодора: „Што мака те мачи, ќерко, та што си се кренала дури кај мене?" Попот Никола не ѝ беше баш близок поп на Тодора, ниту пак со татко ѝ тој си имаше некоја работа. Ама баш затоа таа отиде кај него, и тоа баш во петок, кога муслиманите празнуваат и голем дел од нивните дуќани, крај кои таа мораше да помине, беа затворени. Море, таа ќе појдеше и до митрополитот, толку беше лута. Ама, ако Турците отпрвин се правеа на недоветни за рисјанските цркви и попови, нив сега сè помалку ги имаше. И оној прв митрополит Матеј, кој беше виден човек и меѓу турските големци, кој не се предаваше и одржуваше врски дури и со султанот, сега повеќе го немаше. Скопската митрополија и нејзините области се припоија со Охридската архиепископија, а скопскиот митрополит, немајќи повеќе каде, живуркаше во скромната црква Свети Јован Претеча, некаде на крајот од градот. Додуша шеткаа меѓу рисјаните уште неколку маалски попови, по еден до двајца во маалата Генко, Рале и Станимир, ама и тие се топеа како пена од ден на ден. Попот Никола, на Ралин Панта маалото, со око бистро и умно, веднаш виде дека женава не го почитува него толку колку што сака да го искористи. Виде и дека е итра, и дека сигурно одоколу ќе покаже благост, за да ја скроти пред него својата сила, која избива грдо како шурка од дупнато црево. „Кажи, ќерко, слободно", ѝ рече пак, ѓоа не ја открил. „Мил, оче", рече Тодора со умилност за приказ, „сум дошла кај тебе од што една мака ме мачи, мака што не смеат ни моите блиски да ја знаат. Не брзај со осудата за мене, пред да чуеш сè, зашто знам дека ќе ме осудуваш најстрого, како што се осудува жена што си го предава мажот". „Ако во нешто се колебаш, ќерко", рече попот, „овде ќе најдеш смирение. Ајде, кажувај!" Тодора се премести тешко од нога на нога и намерно си ги избриша рацете од скуталето, кое малку и го поткрена, божем се готви за нафора, а попот тогаш ѝ го виде мевот што баеги се беше устремил нагоре. „Трудна си, ќерко?" „Трудна, оче. Ама тој топал тепеѓоз11, подобро анџар12 да ми удреше. Арам да ми е вака што зборувам, ама од тој смрдле и селанчиште не ќе барав спас, да не беше најголемата мака што ме јаде, оче. Тој не е несреќа само за мене, оче. Тој носи несреќи за сите. Еве сега, во нашево маало, може си чул, од вчера и чума се јави, а тоа е мала казна за сите нас што го трпиме меѓу нас овој грешник." Тодора длабоко зеде воздух: „Може ќе си речеш, оче, каква ли е оваа жена. Ама ако ти кажам дека тој е избеган од манастирот Свети Ѓорѓија-Горг, сè ќе ти биде јасно. Јас спијам со него, касајот го делам и тој деца ми прави, ама штом вчера и чумата се јави во комшии, од ум не ми излегува дека тој е нашата невола, зашто се греши пред светецот, и треба да ја добие заслужената казна. Котел не му гине, нели оче?" Краткиот сјај во окото на Тодора му кажа на попот Никола повеќе одошто таа сакаше да се знае. Ако се работеше за чумата, таа црна гостинка што везден ја носеа од истокот и Стамбол, туку си шараше без престан низ Скопје, час во едно, час во друго маало, и додека не збувнеше наеднаш насекаде ја сметаа за зло што се совладува. Ама брзината со која Тодора ја смисли осудата, откри многу повеќе. Тлеела долго омразата, и затоа вака си го наоѓа патот, си рече попот Никола. „Котелот е веќе забранет, ќерко. Та може ли правината да се докаже со брцање на рацете во зовриена вода? Туку, кога избегал тој, велиш? Зашто чув, сега и на манастирот Турците му ја кројат капата." Но Тодора, завјасана, го пречу последното: „Ами некоја друга глоба? Опаданија, за клевета, да речеме, или отбој - казната за непослушност?" Виде попот Никола дека женава би отишла и кај муслиманскиот муфтија, само за да си го направи мажот си мезе и никаквик. Пизмата ѝ беше толку видлива, како нечистотија врз кожата што нема намера да се измие ни со црево. „Чумата е инаетлива и упорна, арно велиш ќерко", воздивна попот. „Се сеќавам, пред години го зеде дури и дубровничкиот конзул Марко Вукосалиќ. Треба од неа господ да не варди, како не, како не. А... да те прашам, мажот ти, велиш, ќопав е?" „Ќопав, ама не е тоа најважното, реков. Светецот наш го изневерил, тоа, тоа!" „Ами кој ѓавол те запали за него, ќерко?" „Татко ми се запали, не јас. А редот наш домашен е таков. Нема ни лаф13, ни муабет, кога стариот ќе реши. Сите мои девет сестри така ги омажи. Туку сега, оче, јас сум во твои раце. Прави што ќе правиш, вака повеќе не се живее". Не рече Тодора дека очекува од попот да биде кодош и да го поткаже Петрета на светите отци во манастирот Свети Ѓоргија - Горг, па да ѝ го тргнат пред очи тој неранимјко што знае само деца да прави. Не рече, ама попот Никола погоди и не беше малку исчуден од ова чудо од ретка жена која е способна и сама да остане, и сама децата да ги гледа. Господ да чува, си рече тој, и реши работата да ја сврти поинаку. Помисли попот Никола, па рече: „Вака ќе направиме, ќерко. Добро што си дошла кај мене да се посоветуваш. Ем за него да е добро, ем за комшиите, ем за тебе, ем за свети Ѓоргија најмногу. Вие сте богата куќа, имате ниви, лозја и голем чаир14. Ќе го наговориш мажот ти да направи дарение на манастирот, та така гревовите да му се простат." Тодора ги избечи очите: „Дарение!" „Некое лозјенце, нива или лагун. Манастирите живеат од тоа. Од даренија на цареви и кралеви, српски, бугарски и византиски, што се менувале овде; од богати, ама и од обичните луѓе кои давале за помен, за душа, за гроб. Како што сигурно ти кажале, Свети Ѓоргија-Горг бил пред години разурнат и запустен, ама српскиот крал Милутин за свое спасение пак го подигнал, и, како што се правело при промена на секоја власт, и тој му ги потврдил на манастирот неговите права и имоти. Сега, додуша, Свети Ѓорѓија-Горг одамна е метох на Хилендар, му дава половина од житото, виното и сирењето, може и од грнците, но така сепак ќе е најдобро и вие да направите, ќерко. Ем тебе душата да ти се смири, ем нему гревот да му се прости и децата да не ти останат без татко. А чумата усвет нека фати да даде господ, усвет од твоето маало, ама и од градов, оти гробиштана навистина станаа поголеми и од Скопје." Тодора разочарано олцна, а детето ја клоцна: „Дали ќе е така баш најдобро, оче?" „Така, така. Оти гледаш, ќерко, како ние во секој поглед се ретчиме? Ти реков, сум чул дека Турцине сега пик му имаат на Свети Ѓоргија-Горг. Сакаат да го растурат. Му фрлиле око на богатството. Ќе ги разграбаат поседите и ќе ги разделат, како и досега што правеа, на нивни заслужни војсководци. Ако народот го подржува вака како што ти велам, потешко ќе оди таа работа. Ама погледај и во градов колку сме. Ем, велиш, чума. Ами зар друго не не сотира? Чаршијава цути, ама од кого цути? Од Турци, што се прчат. Пред години имавме само тројца потурчени, од една или друга белја. А колку сме сега, ќерко? Прво ни населија Турци од мала Азија, а сега половина од муслиманските домаќинства се наши луѓе, потурчени. Да не се селаните кои често ни се селат в град, оти законите нешто станаа помеки, да не се тие, ќерко, простите селани што ја зачувале верата и јазикот, алот ќе ни е за никаде. Затоа многу да не се кошкаме едни со други. Зашто еве, и Евреиве ни ги полнат маалата. Со бродови и карвани од Дубровник, и тие, кутрите, божем бегајќи од Шпанија и Португалија одат за Солун, ама минувајќи низ Скопје, многумина и остануваат овде, кај нас. Што да правиме со нив? Оди ми сега со здравје, ќерко, и господ лес да ти даде при породувањето". Тодора си тргна за дома плачејќи од мака. Ете, ништо не направи. Оној нејзин паун, иако не знае што сторила, уште толку ќе ја рашири опашката. Откога седна на софрата до мутесарифот Абдула-бег во Нерези, толку капата ја накриви, што и кога ја натрти да ѝ прави второ дете, семето го пушташе во нејзиниот бунар одвисоко, небаре молзено млеко за страдна душа. Не гледаше понатаму од носот. Не гледаше дека таа колку што не го сакаше кога беше потулен, стопати по толку не го сака кога е вака напрчен. „Сакам сега син", ѝ беше рекол дрско. „Мисли му се ако излезе пак ќерка." А таа, стегната во неговата узенгија, се молеше, колку за да го заузда стравот, толку и на пусија, иако со окови на нозете: „Господе златен, да биде ќерка, те молам! Ќерка да биде, па ние трите очите да му ги исколваме на овој ѕвер". 3. Силна желба да појде од Блатието во Скопје, го тераше синот на Тајко и да го стори тоа истото претпладне. Иако таму немаше одредена работа. Свикнат да се препушта на своите претчувства, тој цела ноќ око не заклопи: божем некој јорганџија без престан дрндаше памук покрај неговото лево уво, додека десното свесно се расправаше со реалните гласови на Блатието, со криците на чапјите и со шлапкањето на водата. Во прозорецот му удираше еден чемпрес, а чиј хороскоп го направија заедно со Марин Крусиќ кога овој последниот пат го посети во Блатието, каде што се глави како рибар на санџак-бегот. Марин Крусиќ, по години отсуство поради болест на коските, сега почесто се задржуваше во Скопје, каде во истовреме помагаше околу поправањето и доградбата на Куршумли-анот, та имаше можност да се среќава одвреме навреме и со својот стар пријател кој крај езерото му купи една од библиите на германскиот златар, а и еден Молитвеник на кирилица. Беше продал досега повеќе такви книги низ целиот Медитеран, и, задоволен многу поради тоа, сега повеќе се посветуваше, и без очигледна желба за корист, на душевните проблеми на пријателот, кои најчесто вешто ги измислуваше и комбинираше, додека да ја дознае неговата вистинска тајна. Поправката на Куршумли-анот траеше доволно за тој да дознае и за Атиџе. Куршумли-ан беше некогашен само карван сарај и тој, како постар од доаѓањето на Турците, ги примаше дотогаш само карваните со занаетчиска и трговска стока, а бидејќи во негова близина се наоѓаа колари, амџии, самарџии и јажари, тука беше многу погодно да им се дадат разни услуги на патниците и да се изврши размена на изморените коњи. Сега дубровчаните, најмногу заинтересирани за трговија, пополека го доведуваа во ред и го оспособуваа за своја колонија. Се разбира дека тоа траеше доволно долго, за да биде и корисно за Марин Крусиќ. Времето за него работеше, ако не се погледа од другата страна: дека тој си работеше за времето. Додека анот се средуваше, тој, како и некои други дубровчани на кои градот им легна на срце, купуваа евтино земја, ја посадија со лози и сега продаваа вино, а почесто и восок од наредените прикрај кошари со пчели. Анот имаше многубројни четвртести камени стролбови, а доби двор со шадрван, и покрај магазите и работилниците во приземјето кое беше наменето и за стоката, на катот доби соби за спиење во кои имаше и огништа. Многу оџаци почнаа да стрчат од анот покриен со олово, или куршум, како што го нарекуваа Турците. Повеќе влезови покрај главниот, како и посебен влез за добитокот од источната страна. А Марин Крусиќ, вистински заинтересиран за одолговлечување на работите, постојано додаваше нови идеи за дрангулии1, надгледувајќи си ги во истовреме со задоволство своите лозја и вина. Така тој имаше време дури и за чемпресот што удираше во прозорецот од собичката на струшкиот рибар. Тој веќе го учеше синот на Тајкота на изработување хороскопи и кога Сандри му рече еднаш дека чувствува како и цвеќето, и дрвјата, можат да имаат своја судбина одредена од ѕвездите, тој полетно се согласи како презадоволен учител со својот надарен ученик. Радосен е, рече, што ибн Тајко толку бргу напредува. Да, рече, вистина е тоа што го вели, а луѓето се слепи за таквата вистина и за фините знаци на природата. Еве, например, чемпресот до твојот прозорец. Сакаш ли да го направиме неговиот хороскоп? Тоа ќе биде и твој хороскоп, човеку, зашто не е случајно што е тој тука до тебе, кога и двајцата сте родени во ист месец. Марин Крусиќ замижа комично, небаре во транс. „Значи вака: силен си како него, мускулест, само што со време ќе дозволиш да се пополниш еве овде, кај мешето - се надевам, пред да ја сретнеш твојата Атиџе. Цртите на лицето ти се правилни, иако не многу нежни. Чемпресот е роден негде при крај на сечко, значи влегува во цутар, твојот месец. Таквите личности, и самиот знаеш, се вљубуваат само еднаш во животот и до крајот ѝ се верни на таа своја љубов. Ете, жива вистина, нели? Нивниот љубовен живот е многу бурен. Покрај тоа, ја сакаат природата, ги сакаат животните, ловот и риболовот. Сакаат самостојно да се пробиваат низ животот, и во тоа речиси секогаш ги следи среќа. Друго што? Па да, го сакаат семејниот живот, сонуваат да имаат големо семејство - во право сум? Многу се ранливи, човеку, кога е во прашање љубовта, а тоа не чини! - заклучи самоуверено Марин Крусиќ, заборавајќи дека го има на ум чемпресот. Потоа зборуваа за Атиџе, иако Марин Крусиќ повеќе сакаше да зборува за сегашните гордости на човештвото, до кои, се разбира - тој, ами кој друг? имал можност да се допре. „Навистина си невозможен", му рече разочарано дубровчанецот. „Па не си само ти вљубен на светов, човеку. Ако те исклучиме тебе што постојано си ја гледаш пред очи твојата Атиџе, такви будалетинки има уште многу на светов, но еден од најголемите и секако најславен е Данте Алигиери." „Данте..." потскокна Ибн Тајко, небаре го најде својот брат близнак. „За неговата Беатриче, човеку, уште пред речиси два века, се расплака цела Италија. Да не кажувам за мојот Дубровник, каде денес сите го имитираат. Не мислиш белки и ти да рониш солзи за таква неостварена љубов? Твојот хороскоп вели дека тебе те следи среќа, човеку. За тебе нема таква опасност. Во твојот случај треба само да се чека. Како и секој вљубен, и ибн Тајко најмногу од сè сакаше постојано да зборува за неа, бидејќи е јасно дека вљубеноста, кога е уште и неостварена, има лакома незаситност за ситни потврди. Марин Крусиќ се покажа другар, и сенката што паѓаше врз ликот на Атиџе, тоа дека таа е најверојатно од друга вера, вешто ја осветлуваше со некои ведри, иако лесноумни забелешки. „Што е верата?" велеше задишано дубровчанецот, и шепотејќи, како да шепоти нешто што подобро и господ да не го чуе. „Верата е лага, човеку. Сите сме исти пред бога, зашто бог е еден, па макар да се нарекува и Алах. Сакаш ли и ти да бидеш муслиман? Повели, јас подеднакво ќе те придружувам и тогаш. Ако таа Атиџе, досега за нас непозната, воопшто ти е достојна, а мора да е, покрај сите овие твои трогателни мечти за неа, тогаш и таа ќе го мисли истото, и ќе ѝ биде сеедно дали е муслиманка или рисјанка". Сè изгледаше едноставно во комбинациите на Марин Крусиќ. „Еве, например", рече тој, „јас никогаш не ги оправдував оние глупави крстоносни походи благословени, божем, од папата, кои цели двеста години се упатуваа со своите војски кон Ерусалим, за да го ослободат од муслиманската власт. Во Ерусалим се наоѓале светите остатоци од времето на Исус! Човеку, а колку жртви во името на тој Исус! Плачкосувања и убивања на неверниците! Колку болести и бесмислени несреќи! Илјадници Евреи загинаа притоа без каква и да е вина, човеку! А сепак, мил мој ибн Тајко", воздивна патетично дубровчанецот, „а сепак, во секо зло има и добро, во секоја несреќа и среќа. Овие крвави походи по распаѓањето на Римското царство, отворија всушност нови патишта за трговијата кон исток. Моето свилено шамивче кое тебе, знам, толку те восхитува, би било денеска од друг материјал, а не од свила, која оттогаш, заедно со други стоки, се внесува од исток." Сандри наеднаш возбудено се тргна од силно претчувство. „Да не си и ти Евреин?" го праша стресено. „Забележа ли", рече со изглумена расеаност Марин Крусиќ, „имам ново палто. И гледаш ли како се затвора? Ова се илици, а ова се петлици. Таква е новата мода. Петлици. Во безистенот веќе има продажба на петлици, па и јас сум со намера да почнам трговија со нив. Што велиш, да му однесам на Емин-ага неколку, како подарок од тебе?" „Евреин си", рече сега сигурен синот на Тајко. Марин Крусиќ нажалено кимна: „Ти го рече тоа". Малку потоа: „Ти Влав, јас Евреин? Мил ибн Тајко, зошто сè мора да се именува?" А потоа пак, со длабока воздишка: „Таквите како мене и тебе, ибн Тајко, за кои секакви други разлики не постојат освен во лошотијата, таквите треба да го спасат светов од неговите бесови". Ибн Тајко дојде во Скопје тоа претпладне, чекајќи да му се оствари претчувството. Што ќе се случи? Чекањето го направи стрплив, не нервозен; понизен, не дрзок; прашање беше само дали среќата ќе го следи, како што често се шегачеше дубровчанецот. Првин појде да ги види тие петличари и копчари што се изотвориле во чаршијата. Срцето силно му зачука од возбуда кога до кепенокот на дуќанот за петлици го виде изложеното цвеќе. Пред секој дуќан стоеше подаден цреп со цвеќе - тоа беше стар обичај на чаршијата и затоа низ нејзините сокаци толку опојно мирисаше - но ова беше јасмин и ибн Тајко го зеде тоа како јасен знак дека ќе му се случи нешто важно. Јасминот, научи од дубровчанецот, е симбол на љубовно пијанство, копнеж, но и напуштање. Сон за среќа, какво напуштање! - го охрабри гласот однатре. Не може да се случи напуштање ако ништо не почнало. Петлиците, всушност, му изгледаа смешни со својот тркалезен облик. Зошто баш - тркалезен? Можеле да бидат како чаталчиња, можеле да бидат месечинести како гурабии. Но зарем тоа толку многу го засегаше? Го засегаше само јасминот, пулсирањето на неговата значајна порака. Потоа појде кон реката. Со навиката од езеро, првин цапна неколкупати покрај брегот и си ги иструга петиците од тврдите крајбрежни камења. Се очисти од правта, си ги истресе бечвите од пешачењето, со чувство за подготвување. Зошто го правеше тоа толку усрдно не би знаел да одговори, но им се препушташе на случајностите, зашто и за нив научи дека си имаат секогаш свој правец. Го помина камениот мост со неговите четиринаесет свода и со двата гроба отстрана на неговите градители, и токму кога се загледа кон многуљудната врева кај Даут-пашиниот амам, пред него, пак поради некаква важна случајност, застана чуварот на мостот и му се загледа со лутина в лице, небаре Ибн Тајко имаше скриена намера нему, кој се грижи за мостот и за неговото одржување, на некој начин да му наштети. „Кој си ти, ѓаур? Дурун орда!2" - му се врекна намќоресто, божем Ибн Тајко задоцнил за нешто. Кога овој притулено му го кажа името и од каде доаѓа, и дека е инаку рибар на санџак-бегот во Блатието, мостаџијата доби презрив израз: „И сега, доаѓаш да помагаш? Ене, онаму се редат дојдените од селата! Ту, анасана3, цела раја се крена за една црква, а да беше за џамија корбачот ќе мораше да игра!" И тој најпосле попустливо се потргна, пропуштајќи го момчакот, додека од малку подалеку почна да се слуша сè погласна свирка од гајди, тапани и гарнети. Дури кога ибн Тајко му се придружи на народот, разбра дека тука се гради црквата Свети Димитрија, сега наново: амамот на Даут-паша, што овој го изградил со лично свои пари, на нејзиното старо место, уривајќи ја, никако не успевал да ги привлече досега капачите, уште помалку пак, да го надмине Чифте-амамот како што отпрвин му била намера. А толку убав амам! Со два влеза: башка за мажи откај запад, и башка за жени откај север; со десетина куполи; со околу петнаесет одделенија каде што имаше предвидено и делови за перење; со шадрвани, чепури топла и студена вода, и со други убавини и удобности. Даут-паша објавил дека го затвора амамот, наместо да лелека врз потрошените пари. Зошто? Народот се чудеше: ама чудењето го замени неверување: зарем во амамот да се појават змии, па тоа да е причината за затворањето? Чудењето го замени и ликувачка претпоставка: море, какви змии! Тоа великомаченикот Свети Димитрија се одмаздува за старата урната црква! Како и да е, со наредба од меџилисот, се дозволи градење на нова црква „Свети Димитрија", малку подолу од нејзиното старо место и поблизу до мостот на Вардар. И сега, камбаната закачена привремено на две тополи, без престан чукаше и ги прибираше верниците. „Не знаат што ги чека утре!" рече заканувачки еден од низамите, чуварите на редот. „Геџелер ѓебедер!4 " „Море, аир да не видите", промрмка со исита закана и старецот кој беше најблиску до нив и кој го слушна ова. Еден муфетиш, општински инспектор, и еден онбашија, шеткаа намуртено крај групата рисјани на која ѝ се придружи Сандри. Тие креваа камења од купот што ги растовари мустаклијата дојден со ѕевгар волови, и ги пренесуваа кон купот крај камбаната, од каде ги поземаа ѕидарите. „Ќу-укш! запре две магариња и еден селанец, најверојатно исто така од Блатието, зашто беше натоварен со трска за правење рогозини од шамакот. Ги растовари магарињата настрана и почна да товара тули во некои кошови што му ги подадоа, во некои крбли и кошници. „Нека е аирлија, рисјани!" свика тој радосно и ги спотера магарињата. Се најде тука веднаш и бозаџија, облечен во тумани и памуклија минтан, на главата со везено ќепе. Држеше дрвен кобел за боза со светнати жолти обрачи, ама и ибрик за вода, а околу половината и запашан тенекиен појас со чаши. Бозаа! Слатка, кајмаклија бозааа! „Сполај ти, господе! - рече една забрадена жена со бовча и се прекрсти. Ја остави бовчата до дрвцето јоргован, близу до камбаната, и им се придружи на работниците. Двајца дервиши се ѕвереа тапо; од една блиска порта излегуваше еден грдосија со голем турбан на глава и со ќурк само наметнат врз раменици. По мостот минеа пешаци и коњаници; доаѓаа нови кулукчари од кои, некои, сигурно синот на Тајко имаше сретнато и попат. Еден будалетинка гледаше отстрана, се лигавеше и му командуваше на стројот работници, држејќи сокол на левиот лакот. Сејмени5 ли, гавази ли, шетаа наоколу со фишеклии полни барут. Чаршискиот кафеџија, со бела но не премногу чиста престилка, со фес на глава, на послужавник со висока рачка донесе кафиња за некои Турци, изнервирани од сложноста на каурите, кои веднаш се повлекоа зад некој џамлак. Сотир амалот, малечко и слабо човече, веднаш се пикна во стројот да носи. Го тапкаа по рамо насмеани момчаци, го гушкаа и не му бараа, како другипати кога го мајтапеа, да пушта чад од ушите... Синот на Тајко понесено работеше, чекајќи го својот иден знак. Што беше рекол за верата Марин Крусиќ? Ги обединуваше ли овде нешто друго луѓево освен верата, или инаетот овде беше вера, оној ист инает и онаа иста издржливост со кои и великомаченикот Димитрија станал светец? Исусе, сполај ти, рече во себе Сандри, и крена еден претежок камен, та офна. Се чувствуваше како лист на ветер, без свое учество во делувањето, а сепак, поради желбата да му се случи пишаното, во склад со некое друго учество. Се чувствуваше оставен на продув вака чекајќи, но продувот сепак го полнеше со густа материја што му беше блиска. Кога некој шепна дека се зачувани многу свети книги од старата црква, а друг додаде дека ѕидарите сега сигурно ќе смислат да изградат за нив погодно скривалиште, па макар и во олтарот, ибн Тајко со голема гордост се потсети на книгите од Марин Крусиќ. И тој имаше врска со свети книги, ами како! На ум му падна и една друга света книга, некој псалтир, што ја беше видел кај струшкиот поп и од која овој му го прочита, со смеење, делот каде што пишуваше дека некој грешен јеромонах Данаил ја беше купил оваа книга од граматикот Тодор од охридското село Равне, и си ги дал за неа обетките од попадијата за позлатување и згора уште два перпера. Кому да му го кажеше ова рибарот? Тоа го знаеше само тој. Одеднаш, тој се потсети со гордост и што, уште како дете, ги беше видел насликаните фрески во охридската црква „Света Софија", само неколку години пред Турците да ја претворат во џамија! Вујко му тогаш пренесуваше со своето добиче камени плочи за предворјето и го беше повел со себе. Влезе во црквата стрештен. Повеќе од шеесетина насликани фигури на најистакнати патријарси, епископи и ѓакони го гледаа човека од сите делови околу олтарот. Сега тие беа варосани, но тој ги беше видел и ги паметеше! Имаше таму и шестмина римски папи, разни великодостојници уште од времето на Самуиловото царство. Ги имаше и ликовите на словенските светители - свети Кирил филозофот и Свети Методија, ама и нивниот ученик Свети Климент, чие чедо беше и самиот тој, како што му рече еднаш Марин Крусиќ. Сè паметеше, сè, иако сето тоа беше сега под дебел слој вар, куполата на црквата беше урната и израмнета со покривот, олтарската преграда тргната, а врз црквата се наоѓаше минаре. Ете, што беше верата. Едно врз друго. Кој е посилен. Стрпливо и вредно носеше сега тули синот на Тајко, исполнуван со вакви мисли. Камења, малтер, па тули. Како во „Света Софија". Не водеше сметка дека ноќта може да го фати предвреме и дека не си зел со себе ни барем мало ложниче од козина. Нема белки пијаничиштата по карван сараите да му се другари? Но, ќе се случи ли дотогаш нешто, Исусе? Кога во еден момент погледот му застана врз дрвцето расцутен јоргован, кое прикрај се бореше со правта од ѕидарските работи, лицето на Сандри се осветли: ете го знакот. Јоргованот му зборуваше: среќата и извонредната сила ти помагаат во сè, ибн Тајко, во сè што бараш и сакаш да постигнеш. Имаш широко срце и подготвен си да им помагаш на другите. Освојуваш со миловидноста! Немај гајле! Истиот час, еден од клисарите со крената рака, и со некои други ишарети6, ја запре свирката на зурлите, тапаните и гарнетите7. Викаше: „Народе рисјански! Чаршијата се затвора, дуќанџиите ги ставија кепенците! Сите благословени од бога ќе дојдат ваму, да ни се придружат, Алал да ви е, рисјани! Со бога напред!" Тогаш во тишината што траеше сосем кратко, пред да грмне одушевеноста, се чу и гласот на еден Турчин, богато облечен, кој трчаше крај редот работници: „Ибн Тајко... ибн Тајко... Има ли тука некој ибн Тајко, рибар од Блатието? Санџак-бегот го бара!" Санџак-бегот не изгледаше лут. Тоа го зачуди ибн Тајко. Додека се качуваше со Турчинот горе, на сарајот, најразлични претчувства му се мотаа низ умот, но ниедно не го возбуди толку, како можноста конечно да ѝ се приближи на саканата жена. Во дворот полн со цвеќиња тој фрли само брз поглед, иако тие можеа одново да му кажат многу, но околу шадрванот во дворот, еден од најубавите што ги беше видел досега, се бркаа мали Турчиња во провиснати бечви кои постојано си го тргаа учкурот8 нагоре дадека трчаа, та оваа слика ги надвладеа другите и мошне го успокои со ведри ветувања. Така, тој скоро насмевнат влезе кај санџак-бегот, правејќи темане и поздравувајќи го само навидум покорно. „Доцниш, ибн Тајко!" рече бегот, но не луто, повеќе со благ прекор. „Наш е денов, светол бегу, а и ноќта!" одговори веднаш спремно момчакот, веќе разгледувајќи ја со љубопитство собата. Неговата колипка беше од груб камен и покриена со шевар, а овде, додека се приближуваше до бегот, бос, газеше по скапи персиски килими што го покриваа душемето. Вратите на собата беа во чудесна резба, како и долапите и мусандрите, а дрвените тавани со форми на баклави, позлатени и обоени во разни бои. Бегот седеше скрснозе на еден од миндерите покриени со црвени килимчиња и со снежно бели перници во штиркосани калафи, а под него имаше меко душече исполнето со памук. Покрај него, на миндерот, стоеше разотворена книга со стихови, а малку потаму, скоро поттурнати, еден арапски ут и една тамбура. Наместо да се истури врз него, зашто ибн Тајко претпоставуваше дека нему душата му гори од лутина поради онаа распеана раја долу, бегот сè уште покажуваше повеќе некаква необјаснива загриженост. Мангалот среде соба, иако изгаснат, му го осветлуваше лицето со блесокот на своите метални рабови. Убаво лице имаше санџак-бегот, пријатно. Неговиот дебел, сребрен ќостег9, на кој му висеше исто таков сребрен часовник, небаре зборуваа за него тромо и со тага. А тагата се зголемуваше кога погледот ќе поминеше на бастунот, потпрен на миндерот до неговиот колк, бастун направен, знаеше синот на Тајко, од најубав див трендафил. „Бујрунус", рече бегот, посочувајќи му на рибарот место на спротивниот миндер. Го прифаќаше брзо како стар пријател, не покажувајќи гадење од неговата сиромашка и прашлива облека. Ибн Тајко одвај го допре работ од миндерот, само се прислони. Што значеше ова од страната на бегот? Тој зборуваше речиси чисто на јазикот од Сандри, и тоа не го скри, наместо да го заплашува со својот турски. Да не беше тој некое од оние грабнати рисјански деца од јаничарите, кои после станаа ас Турци? се праша брзо рибарот. Тој не го беше видел него, и ваков, во никоја од своите преуранети слики, па да претпоставува што ќе се случи. А можеби бегот и не беше важен во настаните што ќе следуваат, та затоа го немаше и во претчувствата? - си рече момчакот, тешејќи се. Ќе мора тој сега тешко да го расчистува патот до стварното, без помошта на претходното насетување. Ами ако тоа кажуваше дека и наградата ќе биде поголема? Влезе слугата и им донесе ашуре10 на бегот и на ибн-Тајко, а тоа овој уште повеќе го зачуди. Го пречекуваат како рамен на себе. „Се токмев многупати да го прошетам Блатието", рече наеднаш бегот, „да ги видам тие благи ритчиња што се спуштаат во широкото, рамно поле. И да видам, јасно, од каде идат рибите што ги јадам. Но, не ми се даде. Мојот еким11 ми советува капење во тамошните топли бањи поради ногава, ама уште не сум се решил. Тој шејтан12 Ибраим-ага само ме лути, подобро да пцовиса. Брзо се стори пишман, вели Блатието било гнездо на ајдути - така ли е ибн Тајко?" Рибарот се излади. За тоа ли го беше викал бегов? Каква стапица е ова? Како да одговори? Ама санџак-бегот веднаш се насмевна: „Не плаши се. По џадето на Блатието везден пуштам коњица. Не сум те викнал за тоа. Некој од нашите бегови туку ќе нареди да се удри по ѓаурите, колку за да му помине лутината од нешто друго. Немерен ќотек јаде рајата за ништо, иако таа нам ни треба и без неа сме за никаде во најтешките и најгнасните работи. Ама, кој да го среди тоа? Дојди ваму, ибн Тајко, дојди до пенџеров. Кажи, што гледаш? Ги гледаш оние многу џамии низ градов? Стрчат како диреци, рајата ја плашат. А ја гледаш сега Султан-Муратовата џамија? Најубава е од сите. Изградена на рид, со многу убав трем, потпрен со четири мермерни столбови. Султанот Мурат Втори, таткото на султанот Мехмед Освојувачот ја подигнал како своја задужбина. На предниот дел од џамијата, може си видел, а може и не, на плочките со натписи, се впишани сите имиња на султаните и датумите кога џамијата е подигната, скоро пред сто години. Е сега, зошто го правиме ние тоа? Џамии, турбиња, текиња13...Мислиме ли, овде ќе сме вечни, или баш затоа што не мислиме така, сакаме да оставиме трага? Во подигањето на џамијата, сигурно знаеш, учествувал мајсторот Хусеин, од Дебар. Ти кажува ли тоа нешто? Бегот го изгледа ибн Тајкота, кој сега побледен се подаваше кон џамот. „Заврти се сега и на оваа страна. Гледаш дел од Калево, така? Е па, кога јас гледам натаму, умов ми зборува вака: онаму, кај Лепенец, на друг рид, го гледаш ли аквадуктот од камен и тула со околу двеста сводови? Таму бил стариот Скупи, римскиот. Го разурнал земјотресот. Јустинијан го преселил градот овде. Ја изградил тврдинава, ја сместил тука дури и архиепископијата. Мислел, ќе биде вечен. Градот потоа бил и во владеење на вашиот цар Самуил, подоцна во владеење на Бугарите, на Норманите, на Србите - мислеле ли и тие дека ќе бидат вечни? Мислеле. Царот Душан дури и се крунисал овде, крај мостов, за да го остави својот печат. Што мислел тој? Не гледал ли дека утрото го сменува денот, а летото есента и зимата, а? Сега сме ние тука. Што да речам за нас? Лето ли е, зима ли е, пролет ли е?" Момчакот се врати на миндерот, не знаејќи што да одговори. „Е па сега, да те прашам и друго", рече бегот пак нажалено. „Порачав да ми направат тамбура, од оние, вашите. Јас го сакам утот, ама сакам да ја сакам и тамбурата - разбираш?" Бегот ги крена веѓите во значајна гримаса, лицето му се разотвори, тагата широко се расплина. „Сакам да ја сакам, ти велам. Тамбурата е ваша, сакам да ја засакам и да свирам на неа. Ама, нешто звукот не ми е убав, не ми е по ќејф, изгледа тој мене не ме сака. Во што ќе е марифетот14, знаеш?" Ибн Тајко ги стресе рамењата, како по своите големи претчувства. До кога ќе трае оваа игра? Санџак-бегот беше еден од потомците на Мухамед, неговото доброволно спуштање до калливите чизми на еден рибар, е или итрина, или мака. Каква мака? Дали неговото нажалено лице му го отвора патот по кој тој треба да се приближи до својот сон? Рибарот поголтна. „Тамбурата е ептен марифетлија работа, сакан бегу", рече тивко. „Дрвото, сум слушнал, треба првин да е или црешово, или јаворово, а после..." „Разбирам, кардаш„, рече бегот, „секој со своето, а? Ама кажи ми ти сега мене, кој ги сотре сите оние пред нас? Само Алах, Исус, или пизмата човечка? Кој ги уби и покри со земја сите оние силници и моќници?" Се ближеа, се ближеа до нешто важно. Но, се ближеа ептен полека. Требаше ли некој да си ја соблече облеката, друг да ја облече, за да се израмнат сметките и да се стаса до целта? Санџак-бегот, сè уште со огромна тага во очите, го водеше ибн Тајко потаму, како да го дрпа на јаженце. Рече: „Што бидува со сила, одговори ми. Што бидува ако човечката душа не ти ја отвори сама вратата и не те повика кај себе?" Санџак-бегот ја присобра со бастунот книгата што му лежеше на миндерот. „Чуј го ова, кардаш„, рече и од отворената страница почна да чита на турски некаква песна, која веднаш и му ја преведуваше на ибн Тајкота. Во дните на копнеж патував во Румелија за да го посетам родниот крај на мојата сакана. Со помошта божја успеав тогаш таму да го задоволам копнежот на срцето без да црвенеам од срам. А дотогаш ги леев солзите од очите како што течеше Вардар крај Скопје. Ибн Тајко си ги виде рацете како му треперат. Тие не го слушаа него, имаа свој и поинаков ум, кој продираше подалеку одошто тој во моментов беше способен да сфати. Но очигледно, беа веќе стасале на целта. Целото негово суштество го слушна тој судбински знак и се растрепери како и рацете. Божем самиот ги беше кажал оние зборови. Стасал со копнежот во срцето, стасал каде што треба, сега треба да се смири, да го прифати мирот, и солзите да ги избрише. „Мислиш, ова се твои зборови?" проникливо го погледа бегот. „Е, и јас истото го мислам. А гледај чудо, ги напишал еден сосема друг човек, турскиот поет Дулгер заде Мехмед ефенди. Се школувал тој првин на медресата во нашиов град, а потоа самиот тој предавал во Тир, Бруса, Одрин и Истамбул. Што дека е Турчин, а? Ти кажуваат ли овие треперења на неговото срце, дека душата на сите ни е иста, а ибн Тајко?" Се гледаа двајцата во стемнетата одаја, а очите им светеа како жарчиња. Пријатели се или непријатели? Ќе го отворат ли најпосле последниот капиџик15 што им пречи подобро да се видат? Кој ќе го направи тоа прв? Нема ли да се излаже ако го направи? Мракот влезе однадвор преку џамот и слугата дојде да ја запали газиената ламба што висеше среде собата со голем, бел абажур. Беа стасани на целта, да. Рибарот тоа го знаеше. Рацете престанаа да му треперат. Само уште миг трпение и тој ќе знаеше каде стасал. Најпосле бегот воздивна тешко: „Да ти кажам сега зошто те викав и дека овој долг муабет не беше за бадијала16, иако мене не ми беше лесен, да знаеш." Тој плесна двапати со рацете и му даде некаков ишарет на слугата кој веднаш се појави. „Мојата најмлада жена, и онаа што ми е најмила, ибн Тајко, пред два дена се попари од врел котел во Чифте-амамот. Во Сарајов имаме десет амами, ама таа нели со придружбата сака во вторниците да се капе во Чифте-амамот? Женски муабети, кркотења, и такви работи. Не прашувај ме зошто ѝ дадов дозвола. Го слушна пред малку зборот на Дилгер Заде ефенди. Не треба друго објаснување. Не оди мојата анама ни во Кизлар-амамот кај Јаја-пашината џамија, каде што се капат само моми и жени, ниту во Шеки-амамот што е во заветрина, а како што знаеш, дури во бојаџиската чаршија. Сака во Чифте-амамот и толку. Помислив - тој е задужбина на нашиот големец Исхак-бег, голем амам е, воздухот таму е пријатен, ѕидовите не се потат, нема влага - ајде, нека оди! Воздухот е пријатен и ѕидовите не се потат, ама ете, некои женишта, во шегачењето, ја попариле со жешка вода. Сега е за жив грев, ни таа се смирува, ни јас. Ја боли неа, ама ме боли, еве овде, и мене. Е па, кардаш, затоа те викав. Си се прочул со своите мелеми за изгорено. Мојот еким, оној шејтан Ибраим-ага, ја мачкаше со масла, со ума, ѝ читаше од Коранот, ама кожата се збира. Тој не крена раце, ама нејќам да ме мавта. Има ли чаре, кажи ми сега ти?" - очајно праша на крајот. Вратата се отвори и во одајата влезе забулена жена во чинтијани од сино кадифе, со срмен елек врз копринената блуза. Шамијата на главата порабена со алтанчиња, и другата околу појасот, со други дрангулии што ѕвечкаа, му ги заплеткаа мислите на синот на Тајко. „Сакам муур17 од тебе" рече санџак бегот, откако со нажалено кимање ја ислуша неговата длабока воздишка. „Сакам муур, ти велам. Мојата анама ниедно машко око досега не ја видело. Муурот што ќе го ставиме ќе биде запишан на книга, и ако зборот го прекршиш, ќе одговараш на уќуматот, жими Алах". „Нека е вечен", рече синот на Тајко свечено и соземајќи се. И тогаш санџак-бегот ѝ ја тргна шамијата и ѝ го разгрли срмениот елек на најмладата своја жена. Вратот бел како снег, заедно со млечното раме и дел од левиот образ се набираа во болни, воспалени набори. Ибн Тајко го крена погледот кон лицето на жената и ја препозна. Атиџе. Не беше убава. Чпртото носе кое благоста на детското лице ја правеше уште подетска, го затапуваше впечатокот од силните веѓи и густите трепки, кои од горниот дел на лицето веќе војуваа со оној што го гледаа. Стегнати, собрани, тие ќе внесеа трепет и недоумица кај соговорникот, да не беше рибјиот поглед под нив, влажен и мирен, кој праќаше јасни пораки дека од неговата замајаност може да го истрга само некој силен страв, болка или страст. Но, и покрај дивоста со кои таа во првиот миг го задржа на растојание, или можеби токму поради неа, тој ја почувствува силната привлечност на нејзиното тело. Неочекуван грч го зграпчи за срце. Атиџе. Таква ли е долгочеканата Атиџе? Прикрај од изгорениците, црвениот болен раб на воспаленото месо заградуваше нежна, свилена кожа, која се лизгаше како плешка на белвичка. Рибарот во занес ги спушти прстите врз неа, собрани како за светиот чин на крстењето. Во полумрачната соба, сега осветлена само од кружното тркало на ламбата, внимателно ја пипаше, милиметар по милиметар, знаејќи дека никогаш веќе не ќе му се даде да го прави тоа. Бегот, потпирајќи се на својот бастун, смуртено го следеше. Прстите од едната рака ги пушти да ја допираат по наборите од блузата, а другата ја стави на нејзиниот грб шетајќи од горе до долу, неколкупати, чувствувајќи ги кревките чаталчиња на нејзините жрбетни пршлени. Грбот ѝ беше како кадифе, ушната школка потреперуваше како веќе да го очекуваше неговото милување. Уште малку до половината, и неговите распалени мечти можеа јасно да го замислат нејзиното сладосно мрморење како на мачка, нејзиното предење. Тенката и ковчеста става го потсети на млади плашки, но ако тоа тело на јагула го привлечеше на своите гради, тоа немаше да се скрши, туку ќе се свиткаше мазно и лизгаво. Одвнатре пулсираше нешто чудно: клокот на извор, бревтање на огин. Се плашеше ли таа од него? Го беше ли сонувала веќе и сега го препознаваше? Лизгајќи се по рамото како по крлушки, и по мекотата на попрсјето, тој ја осети дрочната икра што трепереше во гроздови, полна густа медовина. Се качи до вратот, кон лицето: јаболкцата, како две резенки од калинка, крупно издадени, ја надсводуваа меката патечка околу усните, вивнати од жар и подотворени не во уплав од болката што ќе следи, туку од страста што ќе ги изобличи. Колку би ја бакнувал и би се насладувал! Колку би ја допирал целата, би ја истражувал однадвор и одвнатре, за да ја вкуси потполно и да ја открие! Ете, ја знаеше и од порано, а сега само го привлекуваше виденото, како да успеал најпосле сликата да ја стави во достојна рамка, за да ја гледа одблизу. Кога ја допре за половината, таа брзо го фати за лакотот, како да сака да го сопре, зашто го разбира и премногу добро. Истиот миг силен бран му го преплави целото тело, ежавејќи му ја кожата. Сите пори му се отворија, испаруваа кон неа и очекуваа. Зашеметен и самиот, сети како таа забрзано дише. Допирот веднаш му се вкочани, но небаре нивните раце се преплетоа во заграб. Таа стоеше мирно, но за него небаре се изви, занесена во вртушката. Тогаш тој почувствува дека тоне, исчезнува, и дека одвај ја задржува и нејзината омлитавена снага. Што го правеше овој час толку величествен? Дали присуството на бегот, неговата непредвидливост? Или свеста дека овие допири никогаш повеќе не ќе смеат да се повторат? Санџак-бегот беше нарогушен, го беше кренал бастунот - но зошто? помисли матно ибн Тајко. Сакаше ли да замавне: сакаше ли да предупреди: сакаше ли да крикне од болка до небеси, или да го доживее истото што и ибн Тајко? Образите му се беа заруменеле, усните нешто шепоткаа. Ја сакаше ли својата жена сега повеќе, гледајќи дека таа му се измолкнува? Или воопшто не беше свесен што се случува, сметајќи ја само за своја, и полагајќи право и на нејзината страст за друг? Овој згустен миг никогаш не се повтори. Ибн Тајко отседна во Капан-анот и двапати во денот доаѓаше во сарајот да ѝ ги менува облозите на попарената Атиџе. Направената маст ја мачкаше врз чисти памучни крпи во густ слој, но бегот беше тој што ги ставаше врз рамото и вратот на Атиџе, секогаш смислено повторувајќи ги истите допири на ибн Тајко, колку да ја убеди во нивната невиност. Синот на Тајко гледаше како разубедувањето што го применуваше повредениот бег, беше очајнички чекор на нељубен маж, но сепак кај него болката секој ден сè повеќе растеше. Кога навечер, по враќањето откај сарајот, не можејќи да се скраси в постела, нервозно шеташе нагоре-надолу по плоштадката пред Капан-анот, која дење се полнеше од трговски договарања и преговарања, тој избегнуваше да се сретне дури и со Марин Крусиќ, зашто сега со никој жив не сакаше да ја дели својата болка, како таа единствено да му остана од Атиџе. Интересно, му се чинеше дека не сонува повеќе ништо. Немаше ни нови слики кои би го охрабриле. Како сè да беше завршено и како бунарот на неговата предвидливост да беше секнал засекогаш. Една ноќ само, токму пред разбудување, се виде себеси остарен, побелен и свиткан, како цупка пред Чифте-амамот, чекајќи некого да излезе оттаму. Будалштини, си рече, кога се рассони. Му се измешале чуените нешта во врска со Атиџе. Но, кога кожата на Атиџе се смири, го повлече црвенилото и под наборот го подаде младиот и тенок слој на голуждраво птиче, па кога Атиџе ги поврати своите стари навики, одејќи со придружбата секој вторник на капење во Чифте-амамот, а бегот него штедро го награди и го испрати назад во Блатието - тој секој вторник, зиме и лете, напролет и наесен, дојден во градот како пијан, се гледаше себеси како цупка пред амамот, чекајќи таа да се појави и само малку да го потргне фереџето, божем ветер го сторил тоа. Сепак, изгледа, неговиот бунар не беше секнал. Само го одолговлечуваше претскажувањето, зашто хороскопот на Марин Крусиќ во исто време веќаваше среќа и успех во сè. „ТРЕТА ВЕЖБА“ (Потурчување) 1. Нови абери цел ден не стигнуваа, трендафилчињата и сувото смилје на Калија не помагаа. До вечерта Марко начисто се поболи. Бошко пак, кој го виде тоа уште од на дуќан, се растрча низ чаршија да ја рашири веста за маката на својот господар и да бара некаков совет, или помош. Уште пред акшам1, ибн Пајко се довлечка дома, стругајќи ги тешките стапала од врелата калдрма. Небаре бакарот на неговите ибрици усвитено испаруваше, толку беше жешко таа пуста вечер. „Не сакам ништо", ѝ рече на Калија. „Само отров ми треба, веќе да не сум жив ако ме снајде тоа". „И јас ќе умрам со тебе", рече Калија помирливо. Марко воздивна: „Колај работа за умирање, џанам2, ама што оној народ од апсаните сургун3 ќе оди? Кој да го земе на душа? Ќе ме колнат и живи, и мртви". Ама, не го ни дорече тоа, а портата заклепа и почнаа да се редат пријатели како кај болен, да му ја олеснат маката со својот збор, а и скришум да се порадуваат дека не се на негово место. Кожарот Пандо се беше дотркалал прв, таков низок и тркалезен. Почна да се тутка, не знаејќи како да почне. „Што е, брате", го праша Марко, „да не ти се потребни пари да си го платиш испенџето4 и џизието?" А кожарот, кој секогаш го снабдуваше Маркота со оној преубав жолт сафтијан прочуен надалеку, само заклати глава: „Вистина", рече тој, „ако не ги платам испенџето и џизието, сосе семејство ќе ме продадат на џизаедарот5 Мурат-ага од Кожле, кој е откупник на државните даноци за скопската нахија6. Ама, до тогаш има уште еден месец, ибн Пајко, дотогаш јас ќе дишам како рисјанин. Туку ти, мил брате, ти што мислиш да правиш?" му се одврза најпосле јазикот на Пандо. Ќе те наврат на нож кога не се надеваш, ако одбиеш. Или некој јатаган ќе те пресее наполу, или ќе ти измислат нешто за да гориш како оној Ѓорѓи Кратовец. Немам совет да ти дадам, ама колку те жалам тебе, стопати по толку ја жалам твојата домаќинка. Што ќе решиш за неа? Ќе се турчи ли и таа?" Калија го потслушна ова и се расплака: „Чувај боже!" свика Калија. „Далеку било, пресвета мајко. Подобро жива да не сум! Зар на мојот Марко да му бидам една од жените, или некоја од харемот, ако се полакоми и харем да има? Никогаш, никогаш!" По кожарот во авлијата влезе Керим Есад, аџија и ајан7 од Љуботен на Карадаг, кој се беше нашол во чаршијата, та ја чул веста за турчењето на ибн Пајко. Тој одгледуваше во Љуботен соколи за повидните Турци и често навраќаше во градот. „Не будали, ибн Пајко", му рече тој. „Да не мислиш да откажеш? Ех, анасана, та колај работа за турчењето. Знаеш ли ти јас кој сум? Моето име е Кирил, како на светецот наш просветител што ни ја даде азбуката. А што сум сега Керим, белки ти текнува зошто? Син ми го зедоа аскер, моето единче. Молев да ми го остават, нели и шеријата тоа го вели? Зарем да ми се точка со турската војска на север и да освојува што не се освојува? Толку ли сум без ум, си реков, та моето дете не можам да си го спасам? Сега сум Керим, а жена ми Родна е Разие, ама па што? Метанисуваме само на пладне и кога треба да не види некој, дали Турчин, дали кодош, а кога ќе дојдат нашите рисјански празници кога не се работи, се преправаме на болни за да не мора да работиме. Па гледаш, жив сум, и детето ми е при мене живо и здраво." Ибн Пајко нажалено одмавна: „Ами чаре за мене, Кириле?" „Чаре? Море, оди легни си на чаирон, стави нога преку нога и ѕвери се во небоно. Господ сè гледа и ќе те разбере!" Дојде и амамџијата Селим, со уште двајца Турци, пријатели на ибн Пајко од чаршијата. Донесоа понада како за болен, лубеница и урмашици во едно плитко пјато. „Ош гелдинис, кардашлар!" ги покани стемнетиот Марко. „Добредојдовте, браќа!" „Ош булдук"8, отпоздравија овие. Седнаа, скрстија нозе, ѝ се насмевнаа утешно на подуената од плачење Калија, каснаа една до две леблебии и испија по чавче салеп. Амамџијата Селим, кој со топлите ленени крпи го триеше телото на ибн Пајко во Чифте-амамот, небаре беше најблиску до неговата мисла и до неговата душа. „Да правиме ограма9 не сме кабил, иако сме Турци и се управуваме по куранот", рече тој. „Не прави се пишман, ибн Пајко, ништо не може да ти помогне кај Мехмед-паша. Тој е тврд човек, убаво го знаат најблиските. Ние, како пријатели, да ти речеме само - олаџак10! Не си ти ни некој девлет душманлари, ниту идеш од некој ќумез, па ова да го примиш лесно. Ама отсега Алах ќе те учи како да живееш, и толку. Само, да знаеш, кај Турците може и ќе бидеш нешто еден ден, ама кај рисјаните од денес натаму веќе не ќе бидеш ништо, кардаш мој!" Се накашла амамџијата Селим, ѓоа му запна залак в грло. Се стресе. Им даде ишарет на двајцата Турци што седеа дотогаш молчејќи, и кои рекоа на одење само „аирли олсун", и прв се витоса низ порта како ветер, та портата се заниша и закрцка. Кога се стемни убаво, еве го и попот Ставре со самарџијата Димо. „Добравечер", рече попот, „господ добрини да ви даде". „Веќе ни даде", рече Калија, „и фала му многу за тоа". „Немој да улиш, ќерко", рече попот Ставре. „Патиштата господови не се секогаш јасни. Чув, за нов кадија го ставиле Махмут-бег, та може таму ни е среќата. Утре ли треба да му дадеш одговор на валијата?" „Утре", процеди Марко. „Пред тоа ќе дојдеш в црква кај мене, нафора да примиш. Сега-засега во рацете нивни сме, и со голи раце ништо не можеме, ама господ е голем, ќе видиме!" „Никој не знае како ми е на душава", рече Марко. Го гледам стариов мој Пајко, и срцево ми плаче. Зарем затоа одгледуваше син, та сега да го нема? Како не го треснаа со мајка ми, покојната, рулчето од земи, додека го држеа в раце? Подобро да го немаше, отколку вака да им го даде на Турците. Го гледам и дедово мој Димо, што к'смет имал и тој? Ќерката своја единица за кого ја даде? Подобро на ѓаволот да си ја продадеше душата, ама ова да не го снајдеше. А си ја гледам и мојава Калија, мојата китка и утеха, моето сребро светливо, мојата жива вода, сè најмое. Што к'смет имала и таа? Што не си ја скрши ногата кога го мина овој праг? Што не ѝ шепна мајката света што ал11 ќе ја снајде, па да бега подалеку. Како да ја оставам неа? Кому да ја оставам, најмилата? Та животов мој веќе видело ќе нема, а ноќта сите црнила од светов ќе ги збере. Кој ќе ја чува неа, кој ќе ме чува мене? Подобро да му плукнеме и двајцата на животот и да се витосаме во неврат!" „Зету мој, прекини со лелекање", се вдаде брзо самарџијата Димо. „Ќе смислиме нешто. Имаш ли на ум да му ветиш штогоде на пашата, да го прелажеш? Еве, и сватов Пајко нека каже дали не сум во право!" Марко жаловно се насмевна: „Со ибрицине ли и со сааните? И така џабе му ги правам на секој бег, не пак на валијата. Нема фајде од тоа. Да е само до мене и така-и така. Ама не можам да дозволам курбан12 да оди толку народ, сигурен сум дека пашата ќе го стори тоа што го рече. Ќе веслаат на корабите, ќе ме колнат. Ќе скапуваат во Дијар-Бекир и моево име на уста ќе им биде!" „Господ зулумот да им го прости!" се прекрсти попот. Бошко, кој го слушаше овој муабет со стегнати тупаници, туку наеднаш рече: „Остави го ти народот, мој стопане. Гледај си го твојот ал, и овој на домаќинкава твоја. Народот ќе се снајде како му е пишано". Калија се туткаше околу огништето и распрета неколку гламњи, за да ја притопли вечерата. „Јас реков", шепна таа. „И мене тоа ми било пишано. Само манастир ме пере. А на Марко, блазе си му, место мене ќе има жени колку сака, која од која поубави. Може и деца ќе има", нејзиниот глас тука затрепери. „Може ќе се вика Мурат, може Муралај - не знам, ама дури и харем да има, око мое не ќе го види повеќе!" Синот на Пајко како попарен скокна и подаде раце кон неа. Ја фати за раменици, ја стресе. А потоа ја гушна, како дете што се гушнува, ја стегна и силно, и милно, колку да издиши лошиот воздих од нејзината мисла. Ама тогаш стариот Пајко, татко му, рече задумано: „Кај Турцине, гробиштата немаат име, нели попе? Како ќе го наоѓаме нашиот Марко свеќа да му запалиме?" Изутрината, само што попот Ставре го префрли епитрахилот преку рамо, а светите писанија му ги даде на епитропот, туку во црквата бапнаа растрчани робот Бошко и мајстор Миклош, Унгарецот. Едно влегување, Бошко падна на плочите: „Господару мил, и мене господ ме казни. Ти велев да не мислиш на алот на народот, ама сега и мене змија ме касна. Таксират тебе, ама таксират и мене ме трефи, не знам кој е поголем. На пазарот за робје ги видов утринава моите три деца и жената, во синџири, во рани, во партали, ги видов јас, ама ме видоа и тие, мил господару, а очите им засветија од радост и надеж дека ќе ги спасам. Како пустиот јас да ги спасам, кога рацете ми се врзани, а и мојов живот не вреди веќе ништо? Ќе ги однесат сигурно на пазарот за робје на Крит, или во Едрене, да не сум жив! Таму робјето се продава поскапо!" Божем небото ригна и се отвори, така крикот на Бошко се измеша со оној на ибн Пајко. Црквата екна, офнаа иконите, се затресе олтарот - така му се стори на попот Ставре кој сега немаше друга моќ во себе освен да се предаде на семоќниот водител негов, оној што го тешеше, ама и го туркаше од немило до недраго, како и сиот негов народ. Патиштата господови биле нејасни, ама и јасни. Зашто се јасни изгледаат нејасни, прости ми Исусе, си рече попот Ставре и се скубна за брадата за да си дојде на себе. Ама мајсторот Миклош тогаш рече: „Стани, Бошко. Да бидеме разумни." И размисли гласно, мешајќи ги во брзањето своите со зборовите на јазикот што го поднаучи. „Ако ибн Пајко успее да се спаси себе," рече Миклош, „ќе те спаси и тебе, пријателу. Имај, надеж! Имајте сите надеж, луѓе! Еве, и јас веќе бев кај валијата и молев за ибн Пајко. Попов нека ми го благоислови зборот, ако мисли дека сум постапил како што е ред. Готов сум, му реков на валијата, спремен сум саат кулата да стане најубава во Румелија, да го ставиме врз неа саатот донесен од мојот Сигет. Гласот на саатот ќе направам да се слуша на два саата одење од Скопје, му реков, а ќе направам тој да чука и а ла турка, и а ла франка. Ама барам милсот, му реков, а таа милост е за мојот пријател ибн Пајко. Нека ми ги пресече рацеве и в огин нека ме фрли, му реков, ако не го исполнам тоа што го кажав, му реков." Попот Ставре почна да се крсти, возбуден од постапката на мајсторот. Што беше ова? Даваше ли господ ретки знаци? Го прекоруваше ли него за недовербата и недоумението? Тој го баци олтарот, крена раце кон небесните сили, запеа со изменет глас на верник. Боже господи, биди славен во век и веков. А синот на Пајко рече: „Пријатели мои, и јас имав една умисла и редно е да ви ја кажам. Думав на валијата да му сторам ќејф со една џамија од моја страна, да ја кренам со мои луѓе и со мои пари, во слава на Алаха и на падишахот, само да ме остави намира". „Не ти е лошо и тоа", рече најприбрано мајстор Миклош. „Ќе успееме, луѓе, ви велам, ќе успееме!" запеа тој скоро убедено. Не велеше веќе „нем" мајстор Миклош. Како да заборави да одречува, толку наеднаш беше понесен од верувањето дека работите ќе појдат на добро. „Тогаш и јас да се надевам", рече Бошко. Жената и децата мои, пилците мои, да бидат спасени". „Мил Бошко, само господ нека ни е на помош", го потупа Марко по свитканиот грб. „Ајде, крени се и трчај дома да ѝ кажеш на Калија за нашиве планови. Нека ги избрише солзите. И нека верува", порача ибн Пајко скоро развеселено. Кога останаа сами и кога попот Ставре отчита тоа што требаше да отчита, па му го подаде на ибн Пајко залчето натопено во вино, црвено како крвта Исусова, тој се скубна уште неколкупати низ брадата, па рече: „Е сега, да не се фалам многу, ама со помошта господова и ја смислив една итрина, сине Марко. Не ми личи да се фалам, ама да те прашам, колку години имаш ти сега?" „Дваесет и осум", рече Марко. „Таман13. Имаш време. Знаеш што велат нашиве свети книги, сине? Велат - сега можеш да се турчиш ако дошол таков зорт, ама после пак можеш назад, да си станеш рисјанин, и да се покрстиш„. „Е, зар бива така?" се исчуди ибн Пајко, со едно светло зраче што му заблеска околу усните. „А зошто да не може, сине?" се исклешти попот Ставре. „Тие итри, ама ние поитри. Сиромав човек, нели е жив ѓавол? А може и новиот кадија да поможи со нешто". „Ами ако меџлисот рече пак да се турчам потоа? Тие од инает нема да попуштат". „Ако речат така, ние пак ќе завртиме на нашето. Бити даваси! Тука шега јок! како што би рекол нашиот валија." Марко му се фрли да го прегрнува: „Попе, попе, ми ја олесни душава. Да си жив и здрав за многу години!" извика Марко пресреќен. „Штета што Бошко не е тука, да ѝ го каже и ова на Калија. А и за него ми е многу радост. Јас немам деца, ама барем да ги спасам неговите. А народот по апсаните што не знае каква мака ме мори, може ќе биде ќердосан14 со долг живот и со долго паметење". „Амин, боже", рече попот Ставре. Беа двајцата многу близу до замислената среќа што уште малку ќе настапи. Лицата им зрачеа од надежта, таа и така е сечија поткрепа, и на силни, и на слаби, си рече попот Ставре. Зошто да не ѝ се подадеа? Та среќата, пуста, е како момичка, си рече пак попот. Момичка што дава лицето да ѝ го црват за да изгледа поубаво. Или пак е старица?- се замисли. Изморена старица од давање, па веќе не пребира каде, кому, и колку ќе расфрли од зајрето15? Мехмед паша погодуваше каква тропалка врти во умот на каурот. Како да излезе поербап, како да не оди на давија,16 а пак да спечели. Ама овојпат, иако тој не го забораваше оној стар ферман, со оловен печат, дојден од султанот до дедо му славниот Исхак-бег кога овој стана заповедник на Скопје, пишуван со рака и во футрола од ѓон, а во кој султанот умно ги опоменуваше своите намесници да не се перчат многу и да не се подаваат на суетата, зашто да бидеш господар на еден народ е исто што и да седиш на терезија со два таса, тој сепак не ја менуваше одлуката: првин затоа што потурчувањето на ибн Пајко ќе одекнеше силно меѓу колебливата раја, а второ, затоа што и самиот султан, покрај сите совети, даваше и уште еден, кој сега многу му одговараше на Мехмед-паша: „Својата сабја сепак секогаш држи ја остра!" Го беше ислушал мајсторот Миклоша, иако и него го прочита. „Целиот град веќе врие, вели пашо", му беше рекол овој на својот измешан јазик, откако му кажа зошто беше дошол. „Сè што е каурско е на нозе станато. Ибн Пајко ќе се турчи, верата ќе ја менува! Не ќе е толку на арно, вели пашо, таква врева". Ама Мехмед -паша здржано се насмевна: „Бак анасана", му рече тој, „Немој овде многу да ми се правиш пеливан, Миклош ефенди. Саатот ќе биде каков што треба да биде, и толку. Ајде, башлама сутане бирда јапмајнз муабет за ова!17 " Сигурен дека ибн Пајко нема избор, освен, чувај боже, зашто нема челад што да го жали па да си го одземе животот, обесен на некоја куќна греда, Мехмед-паша, во присуство на навиот кадија Махмут-бег, ги викна своите двајца хазнадари18, Дилавер-ага и аџи-Ризван, и им нареди да приберат и стокмат ситнеж, зашто приквечер, по икиндијата19, со ибн Пајко ќе се појде во џамијата овој таму да се турчи, а тој, како валија, сака притоа да се расфрлаат пари по калдрмата каде што ќе поминува неговата поворка, за да види рајата какво славје е тоа! Намерно го рече тоа пред новиот кадија, за тој да не се занесува со она што се занесуваат сите новодојдени, дека ќе го менат светот и ќе бидат поправедни од другите. Мехмед-паша пак, на ибн Пајко, кога овој му се претстави, пред уште да му даде каков било одговор, му рече: „Бравос, ибн Пајко. Знаев дека ќе бидеш умен. И ти си умен, ама и жена ти си ја наградил. Отсега натаму таа ќе стане ценета анамка, со многу алајки20 придружнички. На сите роднини и пријатели ќе им чини чест што имале таков роднина и пријател". А ибн Пајко, иако виде дека нема враќање, одвај рече: „Имам ниет21 да изградам една џамија, во слава на Алаха и на падишахот, вели пашо. Само ако имаш милост да ме куртулиш од овој резил меѓу рисјаните. Татко ми ќе пресвисне од болка, а пак жена ми, мојата домаќинка, бидејќи нејќе да се турчи, ќе остане сама за нигде никаде, вели пашо. А најлошо од сè, вели пашо, е што и јас ќе бидам за нигде никаде без неа, и не знам што ќе ви е таков Турчин кој не ќе биде кадарен за ништо". Мехмед паша се насмеа: „Ти си бил ептен будала, бре, ибн Пајко! Жена ми, жена ми! Ами ако таа нејќе да се турчи, поарно олаџак22. Ќе си земеш жени нашинки, и ќе си изродиш со нив Турчиња колку сакаш. Како јас, еве, седумнаесеттото го чекам. Ти мислам ли добро, а? Помлади жени ќе имаш, ихтибар голем да ти прават, кардаш! А пак за џамијата, што велиш, ќе ја правиш, ќе ја правиш и оро ќе играш! Арно ти текнало! Само, ќе ја правиш како Турчин, а не како рисјанин! Бити даваси!" Тогаш ибн Пајко, зелен во лицето како корките од лубеница расфрлани во саанот до Мехмед-паша, се премести полека од нога на нога, и рече: „Ако е така, да не правиме повеќе муабет за ова, вели пашо. Јас ќе се турчам, само луѓето од сургун да ги спасам. А за род и пород, ниту сакам да имам со друга, ниту сакам друга жена да има од мене. Јас сум изрод, вели пашо. Таков ќе ме памети народот". Се исмеа пашата, ги протри дланките и му намигна на новиот кадија Махмут-бег. „За некого изрод, за некого бабаит. Нели така, кадијо ефенди? Животов е терезија, така се велеше во еден ферман пратен од султанот до дедо ми Исхак-бег. Терезија, ибн Пајко. Мислиш дека ти е премреже, а тоа ти било слава. Мислиш -џенем, а тоа џенет. Ќе те викаме отсега Мурат-ага, бива ли така, кадијо ефенди?" До вечерта, по икиндијата, во Мустафа-пашината џамија навистина ибн Пајко стана Мурат-ага. Чаршијата се тресеше од тељаљите што ја објавуваа веста, калдрмата стана лизгава од расфрланите аспри ковани во Кратово, вратите на апсаната се отворија и пуштените се нафрлија врз ситнежот да зобаат како пилци, а Бошко си ги најде жената и децата дури во Бојаџиската чаршија, стуткани зад едни црвени преѓи што се цедеа на ченгел од крвавата боја. Кога се стемни и деврието, тропајќи, замина кон Серава, ибн Пајко појде дома за да си земе некои алишта, а најпрвин да ѝ каже на Калија дека е сето ова ујдурма и привремено, зашто со попот Ставре смислиле како да излезат поербап од валијата. Но Калија веќе не беше таму. Ја зела чезата, рече татко му Пајко без глас, и штом слушнала дека е тој в џамија, тргнала уште со ден кон манастирот „Свети Никола" во Кожле. 2. Чудно нешто се случуваше со ибн Бајко. Откако во Нерези, на очиглед на сите светци што се грижеа за неговото спасение, им пријде на седнатите турски големци, главата како да му зовре од многу мисли и планови. Му се стори како некоја голема порта да му се отвора и тој само треба да влета низ неа, не вјавнат врз некое нејако ждребе, туку разбашкарен во султански шестопрег и околу себе со носачите на почесните нишани, и со сета бројна послуга од собари, амамџии и готвачи, па дури и со хазнадарот кој од кожена торба вади по пет гроша и ги раздава на сиромасите. Ама, одеднаш се штрекнуваше и застануваше: чекај, ами ако времето не беше стасано? Можеше вратот да си го прекрши. Тоа биваше само ајак-ајак, не на вјасана. Нели така го учеше татко му Бајко? Па размислуваше ибн Бајко: Чекај, вака: што беше тој досега? Граматик, писарче во еснафот на папуџиите. Писмен и опулен, ама за кого? Да не ја правеше тоа Тодора поприврзана за него? Да не не му толчеше сол врз глава секоја вечер пред заспивање? Беснееше таа сè повеќе, ама ѓоа не знаеше кому попрво да му се одмазди за својата мака. Роди син од него, ама па што? Кога земаше да го дои, божем земаше цепаница в раце. Тој ѝ го подаваше рулчето, тој ѝ го поземаше. Кутрата стара Јана тивко се крстеше пред овој бес без име, кој последното женско чедо ѝ го направи горопадија и акреп. „На ти го", му велеше на Петрета за синот, „сакаше син, еве сега, мисли му! Тој ќе те продолжи тебе, не мене! Оф, што таксират ме снајде, кутрата јас!" По едно време ја смени тактиката, а тоа Петрета уште повеќе го преплаши: стана мека, стана мила. Што беше тоа? Дали се токмеше во нејзината глава правата одмазда? Бива така со некои луѓе, мислеше Петре: колку повеќе мразат, толку помеки стануваат, и си мислиш господ најпосле им го дотерал умот, а тоа тие само си ги присобирале змиските нозе и од пепелта на омразата кревале прашишта и думани1, за да се пикнат во нив како чавки. Како да се скроти таквата опака жена? Да се пердаши ли, тоа ли? Како да ѝ се фати кикиришката што и така не личеше да биде женска? Што да се направи за оваа ајмана2 да подзастане, задумана врз сè што правеше дотогаш? За несреќа, Петре ја земаше неа како главно мерило за неговото место во светот. Ь се противеше со збор, ама душата му се џврчкаше како влакно на пламен. Не што ја сакаше, туку што сакаше да ја скроти, да ја стави под колено. Кога ќе излезеше во чаршијата, ако ќајата на занаетчиите не го отпоздравеше, тој помислуваше на пизмата од Тодора, која ете, го следи и надвор од дома и му го поросува патот со остри срчи. Ама, токму по оној настан во манастирот Нерези, кога него го водеше не неговиот ум, туку некоја друга сила инаетчиска и бесна, тој небаре престана да врти на празен чекрек. Ако беше порано шупелка, сега пушти глас од полно грло. Ако порано беше суво дере, никаквик, сега богами имаше право да биде и напернат. Нејсе, не мораше да покажува разни вештини за луѓето да се тргаат од неговиот мегдан: чаршијата и така брзо разбра за неговата промена и претпазливо го разлабави менгемето3. И, куц-куц, тоа куцо човече почна и за ќајата Неби-ага да претставува камен за сопнување, не само филијка од лебот на папуџијата Јосиф: кај папуџијата Јосиф доаѓаше по свои папучи и лично кадијата Гази-баба, а Гази-баба не одбра Турчин за таа работа, туку баш рисјанин, зашто тој што беше седумпати едноподруго избиран за кадија на Скопје, со мудроста отиде далеку и виде дека душата на овдешниот човек полесно се предава со милост, отколку со сила. Но ако Јосиф си беше папуџија на глас поради себе, сега и ибн Бајко се откачи од неговиот ченгел и наместо сиромашец, за ќајата Неби-ага почна да личи на прејаден гостин: ем ти е смачено од него, ем не го бркаш за да не се помести и да ти ја изблуе софрата. Тој почна првин да го отпоздравува: потем погледа во небото и рече колку е убав денот: па го праша за домашните и неговото здравје: па за ова, па за она, па најпосле му влезе во писарската одаја и го праша вистина ли е тој толку близок со мутесарифот Абдула-бег како што зборува чаршијата, и не е лошо да знае и за него, му рече, дека церибашата Осман-ага му е брат од чичко, а дервишот пак Керим, сигурно чул за него, му е асли роден брат, од иста мајка и од ист татко, и тој сега живее во маалата на дервишите. Ако му треба нешто на ибн Бајко, тој е тука, само нека му шепне и ќе се стори работата. Не малку има рисјани што со ова или со она, и со султански берат4 на крајот, станале вистински домаќини и поданици на Падишахот. Со ќајата, ајак-ајак, почнаа заедно да пијат и салеп поросен со дарчин, а еднаш отидоа и заедно да ручаат во еден имарет заедно со сиромасите. Видоа таму едночудо Цигани, сакати и безработни бадијалџии, а видоа и нас'скани деца на Турците што се потсмеваа со џганот. Не дека немаа пари да одат, например, во Капан-ан. Се работеше за проста проба и на двајцата. Едниот, дека не е намќор и накренат и дека е подготвен на милост; другиот никогаш да не заборави од каде произлегол и така да си ја најде мерата. Гладот ли што ги мачеше и нив исто како и џганот, или сликата на гладот што ја гледаа пред себе во партали, боси нозе како ѓон со крвјосани петици, гурелави очи и остри коски како сабји подадени под смрдените кошули на оние што ја преживеале чумата, ги издели некако двајцата од несреќните и ги направи поблиски, иако со сркањето од бакарните чанаци сакаа да покажат, ќајата - дека и покрај човечката слабост тој си е обезбеден пред допирот на несреќата, а тој пак - дека е благодарен и почестен што е со него. Еднаш, церибашата Осман-ага дојде во одајата на ќајата по некоја своја приватна работа, но тоа што ибн Бајко не се свитка и веднаш не излезе да ги остави сами, не заличе на дрскост, туку на понизност што бара да е на услуга. Еднаш, тие и двајцата со Неби-ага му појдоа на церибашата Осман-ага во уќуматот, сега без работа, и пак не излезе дека тие не го почитуваат церибашата, или чувај боже, не му го ценат скапото време, туку баш дека го редат како поважен и од субашата, штом пред него зборуваат работи што не се за уши на еден чауш. А ибн Бајко се расприкажа, зашто и знаеше многу да каже, дури и за себе се расприкажа не само за овој или за оној, кажа за Јосиф и папучите на Гази-баба, кажа, како многу упатен, и за турбето за кое Гази-баба толку долго си бараше место за најпосле и да го изгради, и дека како вљубеник во Скопје сакаше турбе баш како на Хинду-баба кој ги држел пред него најпознатите проповеди во градот. Ама за Тодора, својата жена, зборуваше како за душа помека и од онаа на Паунка, снаа ѝ, а и побистра и поубава од некоја лична и учена анама. А што да му каже за новородениот син со име на татко му Благоја - Бајко? Тој ќе биде вистински Турчин кога ќе порасне, извика Петре, тој ќе биде може вистинскиот ибн Бајко, а овој што го гледаат сега пред нив, хахаха, ќе биде тогаш само абу Бајко, така? Се смееја и си отидоа откај церибашата дури откога Рифат чаушот влезе и најави дека субашата Касим-бег го вика, зашто и двајцата треба да одат кај кајмакамот Ризван-бег. Најпосле ќајата му дозволи на Петрета да го гледа и кога клања. Штом ќе се чуеше езанот5 од минарето, повикот за клањање, и штом муезинот6 ќе го кажеше она „Господ е голем", Неби-ага паѓаше на коленици врз своето чергиче и почнуваше да клања во правец на Кибла, или кон патот за Мека. Тоа обично се случуваше на пладне, кога сонцето ќе дојдеше токму врз главата на секој Турчин не правејќи сенка, и таа молитва, му објасни Неби-ага, се вика оглен намази. На ибн Бајко му беше чудно петпати на ден да се паѓа на коленици, да се клањаш каде и да си, но срчноста на ќајата и неговата дозвола да го гледа, го правеа не само посветен, туку дури и со некаков изострен осет за работите што не ги разбира. Си мислеше: Па зошто би било ова смешно? Ако е ова смешно, уште посмешно е палењето свеќи по нашите цркви, високите шандани што светат ѓоа се од злато, а насадени во пјатата од песок, како штркови на една нога што кацнале меѓу молбите за умрените. А дека Неби-ага мораше да стане уште во мугри и да го клања сабах намази7, тоа заслужуваше секаква пофалба од страната на ибн Бајко, познат спанко, кого само моќната труба на гласот од Тодора го протресуваше. Понекогаш Петре, ако заседнеа на работа, ќе го видеше Неби-ага како клања и на икинди намази, попладне, и кога овој ќе му ја објаснеше третата молитва во денот, која е меѓу пладне и вечер, ибн Бајко помислуваше уште на другите две што следуваа, додека неговиот пријател да си легнеше. Ако беше дома и ако го чуеше езанот на муезинот за акшам намази, се завртуваше кон Тодора и важно соопштуваше: „Акшам намази". Пред заспивање чекаше да се огласи и јатси намази8 и дури тогаш заспиваше и самиот, и ова му стануваше, без да мисли, некој нов ред за денот и редот во куќата, и зашто со таквите знаења некако се извишуваше над сите неуки, а најмногу над Тодора која спиеше покрај него, гровната како насукана гемија. Малиот Бајко небаре стануваше негова ѕвезда вечерница тогаш, и Петре, слушајќи го неговото благо дишење и поткревање на чаршавчето, ги склопуваше очите смирен, најпосле излезен на пронајдениот пат. И, едно-две, се засили Петре: време му е сега, си рече, да не се пропушта. Време е да им се одзема силата на другите и од неа да се прави дирек за сопствено потпирање. Па, наместо дарение на Свети Ѓорѓија-Горг, како што ја посоветува Тодора попот Никола од Ралин Панта маалото, туку Петре реши да отфикари еден голем чаир од местото на мајстор Јосиф во Булачани, што ѝ го даде на Тодора во чеиз. Што ќе правеше со него уште не знаеше баш најчисто, но нели беше спремен да направи муабет за тоа со ќајата, божем бара од него совет како од прв пријател. Му рече ќајата: „Прво да се направи премерот, ибн Бајко ефенди. Оти околу чаирот има мезра9 на Мехмед-паша, и како што е редно, за секое место што се дели треба да се издаде хуџет и да се поднесе извештај". Дадоа молба, а Мехмед-паша пак, да му биде височината долготрајна, побара од царската милост да му се издаде света заповед за меѓите од селото Булачани во Скопската нахија. Кога светата заповед пристигна за пристапување кон работа, се состанаа двајцата кадии, ама при одењето во Булачани, заедно со шеријатскиот ополномоштен застапник на пашата, кадиите одредија и сведоци, старци и спахии што се во близина на овој имот, и тие како чесни луѓе на овој вилает да ги потврдат меѓите. Излегоа на лице место. Со повиканите дојде и мајстор Јосиф, жолт како лимон, но и со алови дамки од лутина по шијата. Не беше рекол ни збор, ама и не се клонеше од својот куц зет, кој оптрчуваше наоколу како џуџе кај налбатин. Очите му шетаа и скокаа како маслинки на зејтин, ама и во нив не се гледаше ни жал, ни лутина. Додека траеше мерењето и се ставаа белезите на чаирот, папуџијата Јосиф стана старец од сто години, се згрбаве и ја истегна напред шијата како да граби воздух што му недостасува, ама да рече дека оваа работа му прави голем задоволство, или пак дека на овој несреќен ден можел да го доведе само ваков будала како зет му, е мисла само на недугави: татко ѝ на Тодора остана нем до крај, со откорнат јазик, и така ја пречека завршната работа како варен ошав. Му пристапи службеникот од шеријатот: „Ќе го продавате ли местово, Јосиф ефенди?" А Јосиф само покажа на Петрета: „Негова работа". Се заврте службеникот и кон Петрета: „Ќе го продавате ли местово, ибн Бајко ефенди?" Петре зеде воздух, ги наду градите и избегна да се потпре на болниот колк. „Ќе го продавам". „Ти требаат пари, ибн Бајко ефенди? Или навреме се плашиш еден ден имотов да не се земе за некој тимар10, за оние што им ги даваат за служење во турската војска? Таквите тимари носат приход и до 20.000 аспри." „Ќе правам џамија", рече наеднаш Петре и истиот час се загрцна, зашто во моментот го донесе решението. Сите се здрвија, ама и тој. Каква сила го истурка ова да го рече? Дали затоа што сакаше баш така, да ги види пеплосани, и рисјани и Турци на едно место, знаејќи дека никому не му прави по волја, иако тоа никој не ќе го каже? Стравот да не биде еден ден сепак донесен пред игуменскиот суд на Свети Ѓорѓија-Горг, затоа што пред години избега од манастирот - можеби тој подаде глава? Не знаеше Петре за одењето на жена му кај попот Никола и за прокудата што таа му ја токмеше, ама стравот од такво нешто никогаш сосем не исчезна: цело време тој само го туркаше надолу, му го пикаше перчето под вода, ама тој сепак одново земаше воздух и живуркаше небаре секаква ава му одговара. Сега пак, еве, и него ќе го омрцлави, зашто и свеќата на стравот кога-тогаш мора да догори. Ако им влезе во милост на Турците, си рече Петре, ни Свети Ѓорѓија-Горг ќе го срети на џадето, ни пак чавка ќе му седне врз оџакот. Ама, да не го направи тој ова за Тодора? се штрекна. Да ја столчи, да види таа еднаш кој ја држи уздата? Или, за татко ѝ Јосиф кој го нервираше со молчењето, но кој со тоа покажуваше дека почнал да му се плаши, зашто неговиот сурат11 не е веќе сурат на чирак? Или го направи за ќајата Неби-ага, за тој да види со кого има работа, или пак за неговиот брат дервишот Керим, или за церибашата Осман-ага, негов брат од чичко - сите да се саштисаат и да речат „аферим"? Колку било лесно, си помисли наеднаш ибн Бајко, о колку било лесно да ја прецапаш водата што те делела од сувото. Си мислел - рекиште, ќе те пофати и ќе те однесе, а тоа бил само плиток ѓол кој ни до глуждовите не ти досега. Службеникот на шеријатот, најпосле дојден на себеси, се заврте сега и кон сведоците. „Чувте ли, луѓе, што рече ибн Бајко ефенди?" И се насмевна недугаво. Ама никој од старците рисјани не пушти глас. Сите само се завртија кон папуџијата Јосиф и го изгледаа со прашање и тага во очите. „А ти, Јосиф ефенди, да не си нешто против?" пак праша службеникот, ама сега некако предизвикливо и без пелтечење. „Џамија, велите, баш џамија?" Мајстор Јосиф, двапати голтна, ама и рече: „Господ да чува! Зошто да сум против? Нека е во слава на Алаха и на нашиот Падишах, светлоста да му е вечна и милоста долготрајна". „Амин", рекоа рисјаните. „Ишалах", рекоа Турците. Го викна кајмакамот Ризван бег: „Сум чул, ибн Бајко ефенди, си сакал да кренеш џамија?" „Да ти се многу години, бегу ефенди. Добро си чул." „Алал нека ти е, ти си некој аклија12 каур! Ама, анасана, како мислиш да ја ѕидаш џамијата?" „Ми треба само место, бегу ефенди. Пари имам, а ќе викнам тајфа мајстори од Горни Дебар." „Ха, пак рисјани! Да викнеш Турци, таков е адетот13 кај нас. Си согласен, или не си? Е па, еден грам ум не е за Стамбол!" „Уште сум аџамија, бегу ефенди. Ама, ќе ми простиш. Бериќатверсен, има кој да ме поучи." Се подзамисли Ризван-бег ефенди: „Демек, си решил, ќе градиш џамија, ами знаеш ли дека дерман14 ќе немаш од твоите за тоа?" „Валла билја, бегу ефенди, ами ако дојде до тоа, ќе барам помош од гавазите, бива?" Кајмакамот зеде воздух, воздивна. Какво ќе е ова брзање? Не сме во дервен, та толку гајрет15 да се дава. Пак подразмисли Ризван-бег, па се усмивна: „Се правиш многу ачик16, ама дали си таков, ибн Бајко ефенди?" Ама Петре спремно одвали: „Бујрум, бегу ефенди, прашај ме што сакаш!" „Ибн Бајко", се почеша кајмакамот зад уво, „сè ми се чини мене дека ти нешто тенко предеш. Алах те учи како да зборуваш, или си со ихтиза мене да ми замачкаш очи. Ни аш, ни беш, ќе си градел џамија! Еј па, немој да си играш. За такви шеретлаци сургун можам да те пратам! Дијарбекир! Да скапеш таму како и другите твои ѓаури! Не сургун, туку ќе те пратам аскер да бидеш, турски аскер на Кавказ. Ќе прокопсаш таму за 25 години. Колку години имаш сега?" „Дваесет и осум, светол бегу." „Машала! Е, кога ќе се вратиш оттаму ќе имаш педесет и кусур. Тоа ли сакаш?" „Не ќе даде господ, тој е милостив!" „Господ? Кој господ? Шејтанот тука реди работи!" „Ама јас на господ се клањам. Џамијата за кого е? Не сум јас вејкрпа, бегу. Да ти се множат годините, ама тоа веќе сум го решил!" „Ашколсун, де, ама додека не решиш да станеш Турчин, бела меџидија17 да се сториш не ти верувам. Турчин, или Дијарбекир за шејтанлаков твој! Одбирај!" „Турчин?!" „Турчин. Аџаба гледаш, бурда шега јок!" Петре се стаписа. Неколкупати се премести од нога на нога. Болниот колк почна да го штреца. На ова не беше мислел, ама одеднаш му се стори можно. Ја виде Тодора мека како памук. Дедото Јосиф покорен и горд. Чаршијата замолчана, завислива. Ете, како наеднаш можат да се решат сите негови неволи. „Знам да клањам", збунето се насмевна тој. „Да клањаш?" Кајмакамот се искокоте. „Бак анасана, а знаеш ли да се крстиш?" „Како не ќе сум знаел, светол бегу!" „Ајде! Камо да видам?" Ризван бег се цереше од подбив, ама ибн Бајко ги стокми послушно трите први прсти од десната рака, ги собра еден до друг, а домалиот и малиот ги свитка, ги залепи за дланката. Во имја отца! - рече и го допре челото со трите прсти, - и сина! - и ја спушти раката над папокот, - и свјатого духа! - и ги залепи трите прста до десното раме, - амин! - го заврши крстењето. Па веднаш, скоро запеа: „Во имја отца, и сина, и свјатого духа, амин!" Истиот час ибн Бајко ја виде сликата на игуменот од Свети Ѓорѓија-Горг како си го става петрахилот, зема жарче за темјанот и се готви да го испее и да го искади детето што му го беа донеле. Тоа дете како да беше самиот тој. Ја беше наведнал главата и чекаше. Ама, кога ја крена, виде дека игуменот се откажал од тоа и сега беше задреман врз една од тешките манастирски книги, што ја држеше на колената, Се тргна, ја затвори книгата и ја баци. „Потпевнуваш како овчарче што го брка стадото, ибн Бајко", рече тогаш Ризван-бег. Изгледаше некако нажалено кајмакамот. „Угода голема ми направи, голем ќејф, ама да ти кажам, кај рисјаните е поинаку, а кај Турците треба да се знае коранот." „И тоа се учи, бегу. А имамите18 зошто се? Не за џабе има во градов девет школи за учење на коранот." „Бре! И тоа го велиш! А, си чул ли, ако не го знаеш добро коранот, ќе ти дадат свилен гајтан сам да си пресудиш?" „Господ да чува, светол бегу, ами јас не ќе бидувам оџа? Господ ќе ме чува од такво нешто." „Пак тој - господ! Алах, Алах! Ќе ти дојде крајот дури си трепнал, дете! „На светов е важно колку долго живееш, бегу. Јас не сум сокачар, а да бидам Турчин, белки е најпосле речено од горе?" Ризван-бег пак замолча. Многу беше без мера оваа спремност што ја искажуваше ибн Бајко. На некои сокачари лагата и итрината им стануваат како доброутро, си рече кајмакамот. И не можат без нив таквите неранимајковци. Ама, што го води овој човек? Некоја пизма, или некоја севда? Да потурчиш вака лесно чаршијлија човек, малку е чудно. Ама апсаанана исто е полна заради такви луѓе. Туку, може ли уште малку да го притисне и стегне, па белки сам ќе падне в ендек како пијаница? Има тој некој план, и нечиста намера, не ќе е само зашто е напиен и ќор. Стана кајмакамот, почна да шетка околу ибн Бајко и да го разгледува шеретски од сите страни. Неколкупати и се изнакашла, колку да добие време. „Ами вие, бре, рисјаните, велите дека на Турците им смрдела душата. Сакаш и ти да бидеш таков?" Петре побеле, па поцрвене. Голтна, се почеша по тилот. Ама се досети, па рече: „Идејќи наваму, бегу, видов на полето Турци-аргати, и рисјани кулукчари. Работеа како мрави, грбовите им беа исти, а за здивот и за потта да не зборувам". Се усмивна Ризван-бег задоволен од овој одговор. Како што стоеше, му ја стави раката врз рамо: „Ќе имаш ти, како ми се гледа, чест од сите, ама и прекор од сите. Речи сега право, не сме во некој кијамет19 да се лажеме, што ќе сакаш, кардаш, да бидеш откога ќе се потурчиш? Папуџија сигурно не ќе останеш, оти Јосифа ефенди го знам, тој сигурно друго мисли. А ти сила, гледам, имаш и за други работи". Е сега, ибн Бајко намести нога преку нога, ја расчатали устата, ги откри жолтите заби. Многу му олесна што најпосле дојдоа и на овој разговор. Рече скромно: „Па, Падишахот, светлоста нека му е вечна, нека прати еден султански берат за мене, и јас жаферим' ќе речам." „Ќе речеш жаферим'? Ами, мислиш ли ти дека на Падишахот перјаникот му се тресе за тебе? Мислиш ли дека тој управува со земјава? Сигурно е, управува со анамите, а државата, кардаш, лежи врз нас. Затоа мене кажи ми. Твојата ајакере20 ќе ти ја типосам јас! Сакаш ли, хаха, да добиеш берат за мајстор на јогурт и јако сирење? Или, за џебеџија, хаха, мајстори што од шалитраните на овој крај прават барут? Џебеџијата е доверлив човек, наш. Убаво ќе ти личи тоа. Ако пак немаш насит, како што гледам, сакаш ли да си собирач на харач? Рајана не може харачот да го плати, а од тебе ќе се бара до акче да ни изброиш и без пари да не ни идеш пред очи. Сакаш ли тоа? Еден харачлија баш беше паднал во една варница во дервишки сокак, па има празно место. Ќе поминуваш низ чаршијата пред богати занаетчии и градски првенци, и сите ќе те пречекуваат со жаферим' ибн Бајко". Тогаш се слушна езанот од минарето на џамијата. Беше време за оглен намази и кајмакамот го прекина зборувањето со ибн Бајко, и со очи замаглени и отсутни, се струполи да се клања врз сеџадето што го одвитка и посла. Ибн Бајко постоја некое време, не знаејќи како да постапи. Си рече: ме направи пастрма кајмакамов, ама јас со арно, со арно, полека. Цел народ да не слушаше ќе се занесеше од нашиов муабет. И, не мислејќи повеќе, и тој се бапна крај Ризван-бег и почна да ја удира главата од душемето. А колкот, небаре да го потсети, туку почна да го бие силно, како камбана. Гази-баба се погоди токму во безистенот кај мајстор Јосиф, кога ибн Бајко се турчеше во Јаја-пашината џамија. „Јосиф ефенди", му рече Гази-баба, превртувајќи ги замислено папучите низ раце. „Сум чул, за тој вашиот цар Самоил, вистина ли Византиецот му ја ослепел војската и му ја пратил таква пред тронот?" „Таква приказна и јас сум чул", рече стемнето мајстор Јосиф. „Па и денес многумина меѓу нас се уште ќори, баба-ефенди". „Што се ќори, и така и така, ама зошто да се и глуви?" „Така е тоа кај рисјаните, баба ефенди. Ако им фали едно, ќе им фали и друго. За да ја носат главата, ексик21 нека е, велат, и за умот." „А, знам, без ум полесно се станува од ќафир22 бозук23. Ама слаб есап е тоа, Јосиф ефенди. Дур бакалам24 и со твојот зет, ако ми го разбра лафот25". „Го разбрав, баба ефенди. Многу да ти се годините." „Алакерим, Јосиф ефенди. А сега завиткај ми ги овие рала папучи". Однадвор тогаш се слушна некаква врева. „Ја, ја, не бу ѓурултија?26" се исчуди кадијата и подаде глава низ дуќанот на мајстор Јосиф. „Бин јаша муслиманд'р!27 " викаа некои однадвор. „Да живее илјадапати, тој е муслиман?" се згрбави мајстор Јосиф. „Гледаш, го слават новиот муслиман!" се насмевна нажалено Гази-баба. „Сега да речеме, мајстор Јосиф ефенди, Алах нека му е на помош, така?" „Нека му е на помош„. „А жена му и децата не се турчат?" праша кадијата. Јосиф воздивна тешко: „Децата се негови, негово име ќе носат. Ќерка ми пак уште нема ниет за тоа, баба ефенди. За неа уште не слетала чавката што да ѝ го испие умот." „Денес, утре, ќе слета". „Си го знам чедото. Таа ќе ја ишне, баба ефенди." „Пак ќе слета." „И пак ќе ја ишне, баба ефенди." „Не е, демек, како зет ти, умна и разумна." „Не е, баба ефенди. Срам да ѝ е!" „Е па на такви јас друг абер им носам", рече полека кадијата. „Бериќатверсен на гајлето секој човек што го има, така станува човек, Јосиф ефенди. А пак за каур што клања никогаш ќе нема ни капиџик. За намузот и сиџим28 е малку." „Така е, баба ефенди." „Секогаш има сефте29, ама некаде тоа сефте е и крај." „Оди ми со здравје, баба ефенди." Гази-баба го изгледа мајстор Јосиф со длабок и топол опул на разбирање. Се заврте кон надворешната врева, и без да каже повеќе ништо за тоа, се насмевна жално, па жркна и плукна низ вратата на дуќанот. Мајстор Јосиф првпат се насмевна. Собра плунка и тој. Плукна меѓу нозе. 3. Две недели по ред синот на Тајко не ја виде Атиџе како излегува од Чифте-амамот. Првиот вторник се тешеше дека може нешто во сарајот ја спречило: караница со другите анами што сигурно ѝ завидуваат, гости што дошле ненадејно од Истамбул: таа во бањата била претпладне и, брзајќи, си отишла порано. За овој прв вторник беше скоро сигурен дека и Атиџе мисли на него и страда што си ја пропуштиле средбата. Вториот вторник, за да го потврди тоа, дојде пред амамот од неговото отворање. За тоа му требаше уште со темно да појде од Блатието, да се изложува на опасности од зулумќари и разни силници кои толку често се среќаваа по друмовите, па потоа и да чека пред градските порти додека да помине деврието. Ама, кога и тогаш Атиџе не се појави, стрештен си помисли на три работи: или таа си игра со него и се кикотка зад фереџето што не го помрднува, преправајќи се дека е некоја друга, колку да види до каде достасува неговата верност и приврзаност: или бегот ѝ забранил да доаѓа повеќе во амамот, зашто ѝ кажал дека ја открил: или пак таа не иде во амамот зашто е навистина болна. За неговото измачено срце втората и третата претпоставка беа поприфатливи. Атиџе да си игра со него не можеше да замисли. Меѓу нив двајцата врската му се чинеше толку силна и толку искрена, што одамна го прескокна времето на умилкување и игра: тоа време и не им припаѓаше. Тие диво прескокнуваа сè што беше обично и секојдневно, и бидејќи пречките да бидат заедно беа непремостливи, таа силина на чувствата всушност го содржеше во најголем дел и отпорот спрема таа непремостливост. Санџак-бегот беше населен меѓу нив како сокол извидник кој гледа подалеку и од нив двајцата, и кој обично на вљубените им го заашкува патот, со тоа што им го покажува. Сандри копнееше да дознае какви се неговите мисли и планови. Тој одеше на риболов и се враќаше од него, броејќи ги часовите до сонот: се надеваше дека сонот ќе му ја открие со тајни знаци неговата иднина и болката ќе му ја направи потапа: ако е Атиџе болна, колку е болна; ако пак е здрава, кога ќе ја види? Копнее ли сега таа по него и смислува ли начини како да се сретнат? Се плаши ли од бегот, или му допушта, за да си ја скрие севдата, тој да ја љуби старечки по цели ноќи, заспивајќи со влажните усни меѓу нејзините чатма веѓи? Кога ќе се покриеше со ложникот, чемпресот му удираше во прозорецот, потсетувајќи го на зборовите од Марин Крусиќ, дека сепак најпосле среќата ќе ја дофати. Ама кога? - беше нестрплив. На рибите што ќајата ги одделуваше за санџак-бегот, почна да става по еден засек кај опашката, божем случајно, но, за тој што сака да види - нели јасен знак на поздрав и колнење на верност? Дали Атиџе одеше во кујната на санџак-бегот кога се приготвуваа неговите риби? Дали ги галеше свилените крлушки, знаејќи дека ги галел и тој? Ги гледаше ли засеците? Ь затреперуваше ли срцето кога ќе ги видеше? Третиот вторник Атиџе пак не се појави во Чифте-амамот, и тоа речиси го спобудале. Навистина ли беше болна? Од што? Да не ја затворил бегот, пред тоа тепајќи ја до помодрување? Да не ја затворил поради казна? Бараше луди излези од тоа што го претпоставуваше: мораше да најде начин да го провери претпоставеното. За несреќа, не сонуваше ништо. Се погоди мајка му, Влаинката, да е тука: дошла да си го види синот, по толку време. Стариот Тајко бил во планината и нејзе срцето ѝ се стегнало: побарала од Емин-бег дозвола да дојде и дошла во Блатието. Таа беше првата што разбра за што се работи. Зашто, кога тој ѝ се пожали дека во последно време не сонува, Влаинката брзо го праша дали е нажален оти нема одговор на нешто? Тој се насмевна и ја гушна, збунет пред таа едноставна проникливост. Затоа пак таа уште побрзо го праша: „Пак е Атиџе?" Додуша, Марин Крусиќ, кога дојде да ги покани на гроздоберот во неговото лозје под Карадаг, не покажа толку отворено љубопитство како неа, и не се загледа вчудено во бледилото од синот на Тајко. Тој беше целиот светнат: доправките во Куршумли-ан завршиле и сега сите дубровчани се среќни што имаат свое засолниште, а тој пак начисто гори, зашто најголемите заслуги се негови. Но сепак го потупа по рамо синот на Тајко: „Нели ти реков дека хороскопот за годинава ти е одличен?" се насмевна таинствено. „Ниту сонувам, ниту имам слики како порано", му се пожали Сандри. „Зашто сега си ја фатил судбината за гуша, па натаму ти ќе ја управуваш неа. Разбра што ти велам, човеку?" Синот на Тајко ги оџагори очите: „Треба да преземам нешто?" И чекаше напрегнато, а тоа веселиот Марин го виде, и почна да се кикоти: „Што знаев ти кажав, другото е твое. Засукај ги ракавите и мрдни го газот". Влаинката ја израдува овој краток разговор што му го разбистри лицето на нејзиниот син, па таа наместо тој, навистина ги засука ракавите, скокна и почна да се фали како на гроздоберот самата ќе ја преземе работата околу манџата за берачите. Ќе направи лозарска јанија, рече, таква манџа отсекогаш сркале гроздоберачите - се прави таа со овчко месо и разен зарзават, а се залева со минатогодишното вино, со истото тоа вино со кое се попрскуваат и лозите и се благословува за поголем бериќет догодина. Сепак, дубровчанецот беше тој што прв ја фати судбината на ибн Тајко за гуша. Со полни кошници грозје, набрано од лозјето под Карадаг, тие двајцата се упатија во сарајот на санџак-бегот, но едниот сепак посмел од другиот, зашто си ја немаше мувата на капата. Меѓу стравот и храброста Сандри го бараше својот тесен процеп на сигурност, процеп што постои само ако бегот сè уште не решил да постапува отворено. Ако сè уште ја игра играта на мачка и глушец, тој процеп постои за лесноумните: ако не е така, крај е на сите стравови, зашто самиот крај ги голта нив како смок. Чаушите го прегледаа грозјето, особено под него, и рекоа дека ќе мораат да го прашаат санџак-бегот дали ќе ги прими. Кога тој одобри, на ибн Тајко в миг му се стори дека го гледа својот погибелен сон: бегот ја дава дозволата, си рече, поради задоволството што ќе го има, раздиплувајќи ја неговата истуткана душа. Значи, тој беше го открил. Знаеше дека страда. Уште повеќе знаеше дека тоа страдање ќе го доведе до луди потфати. Бидејќи бегот си ја обезбедил сигурноста на некој начин, тој сега сакаше да се соочи со него и да види како ќе изгледа тоа. Го поздравија бегот со темане и Марин Крусиќ, кој веднаш се претстави, ја грабна и кошницата од рацете на Сандри, и двете ги положи пред нозете на бегот. „Почитуван бегу," рече тој со широк гест, „јас мојата благосостојба колку што ја должам на мојот прочуен Дубровник, толку ја должам и на добрите намери на господарите од овие краишта. Уште пред двеста години царот Иван Асен, кој се потпишуваше како цар на Бугарите и на Грците, прв им ја даде на моите претци грамотата насекаде низ царството да продаваат и купуваат слободно, и никој да не смее да им напакостува, било по патиштата, било на пазариштата. Токму како што вели законот за трговијата. Истите овие привилегии ги потврди и кралот Волкашин, таткото на овдешниот јунак од приказните Крале Марко. И вие, Турците, Алах нека ве благослови да сте долговечни, и вие не го изменивте ова. Што да кажам повеќе? Кому ги должиме тогаш ние дубровчаните благосостојбата и богатствата? Светол бегу, јас ќе кажам сега и за мене. Не само што се обогатив тргувајќи низ оваа земја, туку јас, се колнам во очите, и ја засакав како ниедна друга." Марин Крусиќ вревливо се поклони, задушувајќи се во последните зборови кои го насмевнаа бегот. „Аферим," рече тој и за грозјето, и за речта. Во мене имате пријател. Ибн Тајко го знае тоа веќе многу добро. Сандри се стресе, зашто помисли дека бегот видел како тој досега само шараше со очите низ одајата, и особено кон вратите што требаше да се отворат за послужувањето. Можно ли беше Атиџе да се појави? се прашуваше. Ќе измислеше ли нешто да се појави, макар и забулена? Па редно беше пак, и пак, да му се заблагодарува на својот исцелител - зар тоа не беше во ред? Ако дознае дека е тој тука, дали ќе наслушува зад некоја од вратите? „Вистина е," рече бегот смирено, откако ги покани да седнат, а на измеќарот1 му даде знак да го крене грозјето. И таа негова смиреност, што не беше нималку слична на неговото однесување кога порано се гледаа во присуство на Атиџе, и таа го издаваше бегот: знаеше тој, знаеше зошто се тие тука, и бидејќи се беше обезбедил, покажуваше сега расположение што не му доликуваше на неговото убаво лице. Со што се беше обезбедил тој?, трескаво се праша Сандри. Тоа мораше да биде некакво големо обезбедување. Да не ја пратил некаде Атиџе? Да не ја премажил за некој друг бег и ја затворил во неговиот харем? Или...чувај боже, да не е Атиџе веќе умрена? „Вистина е," рече санџак-бегот, „многу владетели на овие краишта покажале покрај бесот, и мудрост во своето владеење. А ги имало најразлични, жими Алах. Ама доказ за нивната мудрост биле и тие повелби за дубровничките трговци. Проучувајќи ја историјата пред нас, најдов некои византиски списи во историјата на Никита Акоминат, за вашите самостојни господари на тврдината Просек. Добромир Хрис и Добромир Стрез, така ли се викаа? И тие им биле наклонети на дубровчаните, и ако овие извлекле од нив некоја корист, тие од нив извлекле уште поголема. И тој Хрис, мислам беше Влав како тебе, ибн Тајко, нели? Голем бунтаџија, како прочитав. Ама лесно поткуплив, да речам. Иако бил женет, се согласил да ја земе за жена византиската принцеза Теодора, иако неа, императорот Алексие, за да му се смили, ја развел дури од еден свој роднина и му ја испратил на Хрис во Просек. Хахаха, иако бил христијанин, тој изгледа многу ни бил сличен во однос на жените. Такви ли се сите Власи, ибн Тајко?" Уште еден доказ, си рече Сандри. Уште еден дека знае: кога двајца пријатели одат во куќата на една недостапна жена, едниот сигурно е тука за да ја прикрие вљубеноста на другиот. „И тој Просек сакам да го видам исто како и Блатието," рече мечтателно санџак-бегот, но во истовреме сосем трезно погледа под око во Сандри. „Ама, бастунов ми станува сè почест придружник, па наместо јас кај моите анами, тие доаѓаат кај мене." Се удри по бастунот. „Кажуваат дека таа клисура на Вардар е чудо божје, а тие високи и стрми карпи се седела само за орли. Настрана што е одлично место за војување. Сте биле некогаш таму?" Тие рекоа дека не биле, не признавајќи воопшто дека поим немаат за тие настани. Кога бегот нажалено се усмивна, мислејќи секако на нивните здрави нозе и на скудното познавање на минатото, Сандри почувствува колку е бегот послободен од него, иако прикован за тој миндер, колку е неговата слобода побогата и поинтересна од неговата. А каква е неговата? Што прави со неа, како ја користи? Ја користи за да стане роб, роб на чувства. Тој има здравје, но и срцето што може да му е слободно, сега е во вистински ропски пранги. „Напредуваш ли во тамбурата, вели бегу?" најпосле му ја најде Сандри слабата точка. Мораше нешто да рече, ако веќе не смееше да праша за тоа што силно го интересираше. „Мене и тамбурата не ме сака, како и жените," рече бегот по мала пауза, и со горка насмевка. Но веднаш го упати втренчениот поглед кон Сандри. Го испитуваше спокојно некое време неговото бледило. „Собирањето на харачот мене вистински ме разболува, не можам да се занимавам со ништо друго," рече по малку. „Јас тие месеци, од јуни до август, не само што не ги сакам, туку и ги мразам. И не од други причини, туку баш поради собирањето на харачот. Замислете си, под управата на румелискиот беглер-бег има харачари петстотини и педесет илјади, значи петстотини и педесет илјади рисјански куќи кои ќе проплачат кога ќе се тропне на нивната порта и за огниште да им се земе по дукат и половина, и повеќе. Како ли им е на душата, си мислам на оние дваесет ополномоштени бирници2, од кои секој со по дваесет души на коњи, кои се распрснуваат да го збираат харачот, знаејќи дека во август веќе треба да се вратат кај господарот и да му избројат до пара осумстотини и педесет илјади дукати. Сега, навистина, дотаму одат на свој трошок, но кога ќе стасаат до харачарите, нели и за нив самите си бараат барем по две аспри? Додуша, беглер-бегот е водач на сите главатари, на субашите, на кадиите, тој има под своја власт седумнаесет војводи, а секој од нив со своја дружина од илјада и петстотини коњаници кои тој самиот ги плаќа и ги води во бој на свој трошок. Се препотувам кога мислам на овие работи. Јас сум цел ден повеќе со книгите и не можам да се помирам дека и мојата милост, за да можам така да живеам, се издржува од таквата мака на каурот. А султанот пак, што да речеме за него? Султанот од цела Румелија добива за своите трошоци редовен приход од даноците околу милион и петстотини илјади дукати! За него работат и соланите низ цела Румелија, тарапаната за сечење сребрени аспри, тарапаната за златни дукати, сребрените рудници, оризиштата, трговските такси..." Дури сега ибн Тајко ја доби сликата што толку долго ја исчекуваше како претсказание. Тој, спружен во еден прост дрвен ковчег, а врз главата му се извива влашката тажаленка на мајка му. Да, бегот цело време ова го зборуваше за него: го ставаше на местото што му го беше одредил како казна. Зашто, ваква доверба не му припаѓаше на човек на кого му се верува, туку на човек што е неповратно осуден на смрт. Ибн Тајко издивна. Беа, значи, стасале дотаму и се откриваа. А штом веќе беа стасале дотаму, дали не беше повеќе сеедно ако и ибн Тајко прашаше отворено за Атиџе? Тој се накашла и рече прибрано: „Анамата Атиџе, добра е?" „Аферим, сигурно е добра", рече бегот полека, делејќи збор по збор. „Здрава е?" пак дрско праша ибн Тајко. „Здравјето е незгодна работа," рече овој, „денес го имаш, утре не. А таа тоа уште не го сфаќа." „А овде е?" скоро викна ибн Тајко, возбуден од двосмислените одговори. „Кој е овде?" се насмевна бегот. „Само Алах знае дека местото ни е горе, како и мислите, а овде само протрчуваме за да си создадеме мака себеси и на другите." Му кажа, значи, и за себе, и за неа. А му кажа толку малку, и толку многу, затоа зашто го разбираше и знаеше како во срцето да му го забоде неподвижниот колец на соучесништвото. Оттогаш, синот на Тајко почна да се гледа себеси како веќе жртвуван. Само беше прашање на време кога ќе го достаса казната. Се прашуваше каква стапица ќе му стави бегот. Ќе удри ли во неговите гради некој залутан куршум, однекаде, одникаде? Дубровчанецот го убедуваше дека такво нешто нема да се случи, но тој продолжи да бара знаци во сè, и во хороскопот, и во превртениот филџан кафе што мајка му сега редовно го вареше, и во предметите што му се испречуваа на патот. Чадот од полусувите цепаници одвај излегуваше низ чатијата и баџата на неговата ниска куќарка - тоа беше знак за неговата полужива душа, која одвај поземаше сила за понатаму. Чатијата и гредите веќе беа поцрнети од чадот, па и тоа беше знак на гламносана волја, која тешко се покренуваше дури и со надежите на Марин Крусиќ. Но кога навечер ќе рошнеше со машата во мангалот, пеплосаните жарчиња кратко вивнуваа, небаре некоја невидлива сила ги враќа во живот пред да умрат сосем - е, тоа беше сосема јасен знак како ќе изгледа неговиот крај. Впрочем, смртта како да го привлекуваше. Ако не го стори тоа бегот, може ли да го стори самиот? Почнуваше да чувствува големо олеснување кога ќе се замислеше себеси спасен и ослободен од страдањето. Но, ако умреше, никогаш повеќе не ќе ја видеше Атиџе, ниту пак ќе дознаеше дали и таа можеби не го сторила истото, или мисли да го стори. При вакви помисли челото му гореше како во треска. Смртта не беше само крај на животот. Нејзиното приближување ги ослободуваше неговите поданички навики, правејќи ги безвредни претпазливоста и мудроста. Така тој, да не мислеше толку на Атиџе, ќе забележеше дека неговиот живот е сега посреќен, без припадноста на строги правила и страв од грешки. Му доаѓаше да се насмее кога ќе си претставеше како бегот со часови, стрпливо ја обмислува неговата погибија. Не му беше повеќе важно како и кога ќе се случи тоа. Па сепак, жарчето што пред исчезнување за кратко вивнуваше, го натера едно утро, откако се изми во браздата крај неговата ограда, решително да појде да ги запознае соседите. Недалеку од него, во Блатието, во куќарка од протерани рисјани, живееја Турци, доселени од Мала Азија. Одејќи кај нив, чувствуваше дека ѝ дава знак на Атиџе, дека ја повикува, дека ѝ се приближува. Пред да исчезне доби волја уште нешто да стори за нив двајцата. Соседите беа браќа, со семејствата: едниот овчар на бегот, а другиот задолжен за плетење кошници, врбови леси и рогозки од шеварот. Жените не им се гледаа надвор ако некој се приближуваше, но звукот на дајрето што најчесто приквечер го трепереше воздухот од нивната страна, му ја кажуваше на синот на Тајко тажната приказна на сите сиромаси кои усилената веселост ја користеа за прикажување пред светот на среќата што на богатите им недостасува. Третиот брат држеше касапница во градот, касапницата на бегот, и затоа можеби на тремот од куќарката на овие Турци понекогаш гордо висеше, и по неколку дена, заклана јалова овца. Кога ќе одеше во вторниците во градот, Сандри како по навик, меѓу многуте скопски касапници, ќе ја одбереше касапницата на Илми за да намине кај него, а тој ќе се растрчаше да му даде триножник, нарачувајќи му на чиракот да донесе од чаршискиот кафеџија две густи, засладени кафиња. Ако ибн Тајко чувствуваваше еден вид сожалување за неговите двајца браќа во Блатието, Илми чувствуваше сожалување спрема него, зашто кога ќе му понудеше да му отфикари барем еден преден черек од овенот што му беше најблизу, а овој ќе го одбиеше, иако тој ден баш се погодило, ќе го пофалеше, да има најубаво месо во чаршијата, тој само ќе заклатеше глава: „Тешекур едерам3, ибн Тајко, ама зошто сепак не правиме пазар?" Стоеше меѓу обесените бравови, и самиот небаре обесен на ченгелот од бегот. Само што не знаеше. А односот и со него, и со браќа му, беше ист: тој ги сожалуваше нив, тие пак него. Влаинката почесто одеше кај турските жени, кои во отсуство на мажите ги плетеа рогозките на тремот. Секогаш им носеше да сварат од кафето што им го додаваше дубровчанецот, а што таа толку долго го толчеше со тешката ќускија од која рамењата ја болеа. Турчинките беа пријатни жени: ја слушаа со внимание кога им се жалеше на болештините. Почнаа да ја учат и турски, смеејќи ѝ се до загрцнување на грешките што ги правеше. Зборуваа за зулумите што беа почести по селата, и за тоа што се слушаше: дека наоколу во шамакот се кријат ајдуци и дека треба само мал фитил за да се чуе нивниот глас. Децата си играа брканица наоколу, петкамца и прво-второ, исто како и рисјанчињата, со фрлање на белузлавата плочка по исцртаната земја. По патот зад куќите слегуваа селани со магариња натоварени со плочи што ги вадеа од планината, а кои служеа за поплочување на градските дворови. На Влаинката ѝ беше пријатно тука, со лице изложено на благото сонце. Таа почна да му зборува на Сандри, слично како и Марин Крусиќ: дека луѓето изгледа не се разликуваат по верата, туку по силата и богатството, а по сиромаштијата најмалку. Му ги кажуваше завјасана турските зборови што ги научи: му кажуваше за седумте ќерки на Турците, за кои не се знае која од кого е, зашто сите се слични како голи зрна грав. Синот на Тајко почна во пазарните денови заедно со нив да се враќа од градот. Патем се поздравуваа и разговараа и со селаните од другите села, кои ги бодеа пред себе натоварените добичиња. Сите со смеа го спомнуваа прочуениот гарнетист4 Енвер-чауш, кој во пазарните денови толку се занесуваше и на мегданот пред Капан-ан ги свиреше своите мајстории пред пазарџиите и амалите. Во ановите каде што свраќаа, секој од нив имаше по некоја средба со кирајџиите патници, а тие секогаш расправаа по нешто интересно од згодите по долгите патишта. Сега ги претресуваа тие згоди со свои смешки и забелешки, додека гурелавите селски кученца се наттрчуваа пред нив и се грвалеа во правта. Една вечер, до куќарката на Турците дојдоа двајца Турци со силни фенери. И двајцата беа во фесови, со бечви, со пушки на рамо и со везлиња околу појасот. Едниот од нив, поубаво облечениот, беше господарот. Ги врзаа коњите пред портичето, за плотот, прашаа нешто и потоа влегоа во куќарката токму кога започнуваше акшам намази. Утредента, ибн Тајко, враќајќи се со нарамокот собрани пенушки, сретна во дворот една од ќерките на Турците. Таа плачеше зад нискиот ар, што беше зад куќарката. Беше речиси дете, голуждраво и слабо, и сè уште не беше забулена. „Што е?" ѝ притрча Сандри. „Да не се удри негде?" Таа не одговараше, само тажно ги крена уплаканите очи. „Ѓузел к'зи5", ја подзадевна насмевнат синот на Тајко, сакајќи да ја расположи. „Ајде, не плачи." Ако беше тој столчен, зошто и ова детиште да биде?, си рече. Таа заплака уште посилно. „А бе, ѓузел к'зи, бен сени чок мерак кој дум!"6 истресе Сандри, сега силно насмеан, зачуден што успеа да ја состави целата реченица на турски. Навистина таа изгледаше милозливо со тие крупни солзи. Девојчето скокна и уплашено му се загледа. Постоја така размислувајќи за нешто, па се фати за учкурот од шалварите, но брзо се премисли и побегна дома. Вечерта татко ѝ дојде во куќарката на ибн Тајко. „За најголемата ќерка, комши, дадов збор синоќа. Ама најмалава сега ги истече очите што ќе треба во оваа пустелија да чека на некој јабанџија7, и башка8, откога ќе се изредат другите сестри. Толку ме налути, што изеде убав ќотек со суровица. Ама сега ми вели дека ти си ја сакал. Јас неа и на последниот бозаџија би ја дал, ама тебе ми е чест, комши, да знаеш. Немам ништо против таа да ја смени верата и да ти стане жена." Синот на Тајко почувствува како е исфрлен на отворено, со лицето кон бура што удира во неговиот чун. Голем бран почнува брзо да го носи. Каде? Да го запре не може, ама и не сака. Нека биде што ќе биде. Горко задоволство се разлеа по сето негово тело како жежок отров. Можеби изгледаше дека ѝ се оддалечува на Атиџе, но тој всушност ѝ се приближуваше, нели? Таа е на брегот, а бурата го носи кон неа. Соседот го извади саатот од појасот, нестрпливо го погледна. Не беше сигурен во одговорот што ќе го добие. „Не мора таа да станува рисјанка, јас ќе се потурчам," рече најпосле ибн Тајко, лесно. Беше смирен. И не беше уплашен од тоа што го чека. Уплашен беше бегот. Го виде неговото смрачено лице, чија убавина се расточуваше како боја на дожд. Тој се плашеше, а ибн Тајко ликуваше. „ЧЕТВРТА ВЕЖБА“ (ПОГРЕБ) 1. Небаре пепелница го посипа животот на новиот Мурат-ага. Ако надежта што му ја даде попот Ставре, беше надеж на болен кој кога-тогаш ќе оздрави, тагата на Марко, како клепало на порта, везден го потсетуваше дека е сардисан1. Тој седеше на чардакот од сарајот што го доби во тврдината, и опулот, наместо кон небото, ги пребројуваше катните и покривните греди, небаре недостоен да се насладува од синевината. Робот Бошко сновеше низ куќата и само туфкаше гледајќи во својот сакан стопан. Нему Марко му забрани да се потурчи заедно со него, зашто така одново ќе ги изгубеше пронајдените деца и жената. Но неговото постојано присуство и верност, исто така можеа да ја закрепнат надежта дека за ден-два сè ќе се измени, да не беше чемерот на душата кој се туткаше од солзите како натопено алиште. Каков аир ако пак стане рисјанин, кога Калија не е со него? Како да ја поврати Калија од манастирот во Кожле? Одвреме навреме помислуваше ибн Пајко дека сепак им дојде до ак2 на Турците. Робовите беа пуштени од апсаните, невините рисјани беа спасени од веслање по корабите и нивните куќи не останаа празни за да бидат во нив населени Турци-Анадолци. Бошко беше среќен, ги откупија неговите три деца и жената, ги спасија од пазариштата на робја на Крит и во Едрене, каде што сигурно ќе ги однесеа, зашто таму цените беа повисоки. Сега тие им беа десна рака на мајстор Пајко и на самарџијата Димо, татко ѝ на Калија, кој се свитка како ластегарка откако Калија замина да се закалуѓери во кожленскиот манастир Свети Никола. Тоа што џамијата почна да се гради забрзано по наредба на валијата, тоа само можеше да го затскрие планот на ибн Пајко. Наскоро се очекуваше визитата на султанот, па Мехмед-паша имаше намера да се пофали со делата на својата верност кон Падишахот. А и кулата за градскиот саат, која беше довршена и го доби на врвот саатот довлечкан од Сигет, ги крунисуваше тие дела за гордост и пофалба. Така работите навидум се редеа, ама настрана од нив, никакво ограбрување за честа што ќе му се поврати наскоро, не можеше да биде утеха за мирот на новиот Мурат-ага. Калија. Калија небаре беше гласник на сиот негов таксират. Колку што порано ја сакаше, сега триж по толку ја сакаше, а колку што опулот негов беше празен без нејзината убавина, толку душата му беше полна со меракот по неа, небаре меракот беше ѓум3 кој без престан се прелеваше под чепурот на севдата. Небаре нозете му беа сковани во окови, а срцето со свилен гајтан престегнато. Скитник со мислите, збунет како куршум што не знае каде да удри. Мехмед-паша му се загледуваше во лицето: „Што е Мурат-ага, гледаш ли дека сум задоволен од тебе. За многу чаршијлии ти си сега тепе4 што не се досега. Многумина ќе сакаат да станат како тебе". Го назначи тој Маркота за баш-аза5, прв граѓанин и челник на советот во беледието, ама и потоа Марко продолжи да белее и ликот да го тенчи. Саанот со јадењето остануваше недопрен пред него, иако Бошко само понекогаш ќе го намолеше да касне касај-два. Носот му се издолжи уште толку, очите му пропаднаа, небаре во кула без пенџериња. Вистина пак, откога стана баш-аза и работата со азите тргна на подобро, та само опак човек не ќе беше задоволен од тоа. Зулумите на силеџиите и башибозуците6 како да станаа поретки, а за новиот кадија Махмуд-бег и да не зборуваме, зашто тој му се покажа многу приврзан на баш-азата, та ја судеше поблаго рајата, и справедливо. Ама за ибн Пајко, сотрен од чемерот, во цела бавча со цвеќиња не можеше да се најде ни едно што со миризбата да го развесели. Му рече Мехмед-паша: „Пеки, Мурат-ага, каква е таа мака што те јаде? Работата е за жена, нели? Колку анами сакаш да ти наредам во сарајот?" Воздивна ибн Пајко: „Ни една." „Твојата си ја сакаш?" се потсмеа валијата. Пак воздивна ибн Пајко: „Мојата, вели пашо". „А бре, ти си биринџи7 човек, толку ќе си будала?" „Будала, вели пашо." „Чекај султанот да дојде и да замине, чабук8 ќе пратам во Кожле, во синџири да ти ја донесат. Арам да ми е ако не го сторам тоа." „Сак'н, вели пашо. Нејќам така. Манастирот е свето место." Валијата подзастана, па го погледа под око: „Ама еднаш си бил кај неа? Без мој изим9 и мое тескере10, така?" „Така, вели пашо." „И?" „Не ми дадоа калуѓерките да ја видам. И таа не сакала. Не познавам ниеден Турчин, рекла, нека си оди!" Се насмеа Мехмед-паша: „Кога ќе одиш по вторпат, ќе ти дадам еден гаваз, па да видиш како портите уште од далеку ќе ти ги отворат. Ако каданата нејќела со арно, насила ќе ја грабаме. Султанот би бил против, ама зар султанот ќе знае? Нека си ги гледа тој своите анами во харемот." Излегуваа со гавазот и Бошко од Скопје, а уште се слушаше викотницата што го поздравуваше заминувањето на султанот. „Јашасан Падишах!"11 „Султана чок јаша!"12 Но султанот не беше весел. Небаре имаше на ум дека е сега тепе на времето, ама дека од тепето секогаш мора да се слезе. Тој мавташе тромо со раката. Пред него и по него, коњицата на султанската гарда од јаничари ја корнеше белата калдрма на Скопје и го креваше правот што овде се таложел со векови. Тие беа во меки чизми, црвени бечви, зелени кошули и елеци, а преку рамо со црни везени џамадани. Носеа плитки, меки фесови со долги, црни пискули, а само најстариот меѓу нив фесот го имаше и зачалмено. Кај валијата, на султанот му потурија да се измие во биљурно коритце од сребрениот ибрик украсен со драги камења што го направил некојси Ибн Пајко, тогаш рисјанин, а сега само Мурат-ага, му рекоа. Султанот заниша глава: „Ашколсун", рече, „ама не сакам да го видам тој ќопук13. Дајте му сè што сака, ама бидете спремни со такви подлизурковци. Таквите се како бовчи: што сè немаат собрано внатре. Трудот околу нив е залуден, должници се на сè и сешто, а првин на себеси и животот им е ептен наопаку." Кога султанот си отиде и ги испофали валијата и сите големци за убавата саат-кула и за џамијата на тој Мурат-ага, која е вистина не многу голема, но дајбоже, нека биде долговечна, Мехмед-паша му даде, како што му вети на Марко, еден гаваз, и макар што овој се противеше, го убеди дека со него и со Бошко, полесно ќе се справат со калуѓерките на Свети Никола кожленски. Така појдоа: напред гавазот, па Марко, а по него Бошко, разнишан и недоумен дали да биде весел или тажен. Кога стасаа пред манастирот, ибн Пајко сјава и не ги пушти нив двајцата во манастирската авлија, туку влезе сам, не сакајќи да ја покажува својата накалемена сила. Во авлијата два вековни чинари фрлаа дебели сенки врз сметената калдрма, а црквата беше в чело, вдлабена во гранитната карпа. Десно и лево од неа имаше два не многу големи конаци, а пред едниот и една манастирска чешма со два чепура. Зад црквата стрчеа високи јаворови дрвја кои преминуваа во шумата на Кожле, на чиј почеток стоеше амбарот, секогаш полн. Знаеше ибн Пајко, манастирот беше богат, имаше добри приходи од своите ниви, лозјата, стадата овци, и од шумата. Изграден на реката Пчиња, а под тврдината на Кожле, пред стотина години, овој манастир му беше даден на доживотно уживање на серскиот митрополит Јаков, кој одамна не доаѓаше тука. Само што влезе во авлијата, една голема порта отстрана се отвори и пред Марко излезе игуманијата. „Дал бог добро", ја поздрави Марко. Таа само мрмна нешто и погледа во неговиот фес и турската облека. Со брз опул ги забележа и гавазот и Бошко надвор од авлијата, кои ги држеа уздите на коњите. „Пак сум дошол, мати, да се видам со жена ми Калија", рече Марко. „Еднаш се вратив без абер од неа. Ама јас имам нешто важно да ѝ кажам и морам да ја видам". „Ти реков и тогаш, таа сега е во молитва и не смее никого да гледа." „Мене мора. Јас сум ѝ маж." „Маж ѝ е сега Ристос, човеку. Нема таа друг маж." „Имам и гаваз со мене", без волја процеди Марко, засрамен од заканата. Игуманијата помисли, па рече: „Господ нека ти е на помош." И се прекрсти. „Како ти е сега името?" „Мурат-ага, ама тоа е привремено. Сакам да ѝ кажам на Калија дека е привремено и затоа морам да ја видам." „Ох! Мурат-ага, како откупникот на даноците за скопската нахија? Еј, тој голем зулумќар прилично бељи ни прави во крајов", рече игуманијата. „Не сум јас како него и нема да бидам. Јас сум баш-аза во беледието и наскоро пак ќе си бидам Марко." „Господ нека ти е на помош„, пак сожаливо се прекрсти игуманијата и влезе во конакот. Кога излезе, рече: „Калија вели да ѝ кажеш што сакаш преку мене. Очите не ѝ се гледаат од плачење на таа жена, залче не става в уста." Ибн Пајко се растрепери, божем самата Калија го допре. „Кажи ѝ, мати", рече со солзи, „кажи ѝ дека никогаш не сум мислел да ја заборавам. Таа е само моја и ниедна друга жена нема да ја дели постелата со мене. Нека се стрпи малку, јас пак ќе бидам рисјанин, ќе дојдам да си ја земам, и ќе отидеме да живееме некаде каде што никој не ќе нè пронајде." Игуманијата го погледа со недоверба. Такви огнени зборови и такво празно ветување одамна не беше чула. „Господ со тебе, што зборуваш?", му рече. „Тоа што чу, мати. Со попот Ставре го смисливме планот само за да го спасиме народот сургун да не оди. Сега сум спремен пак да си бидам тоа што бев порано. Сакам Калија тоа да го знае и да ме чека." Таа сега го гледаше како навистина изгубен и нетокму. Подобро да не се натега повеќе со него, си рече, туку со арно да го мавне од манастиров. „Ќе ѝ кажеш сè што реков?" настоја Марко. „Оди ми сега со здравје, Мурат-ага. Биди без гајле!" Марко се качи на коњот што му го доведе гавазот и тие тројцата почнаа да слегуваат по удолното патче под манастирот. Уште им се гледаа главите, кога од шумата излезе манастирскиот измеќар и дојде пред игуманијата со ловџиската пушка и со еден зајак метнат преку рамо. „Гости?" праша измеќарот, гледајќи го загрижениот израз на лицето од игуманијата. Таа воздивна, влегувајќи внатре: „Мурат-ага. Ќе имаме мака со него, како ми се чини." „Само со еден гаваз?" праша измеќарот и се подзамисли. „Со еден, де". Измеќарот остана здрвен, гледајќи по главите што слегуваа сè подолу по удолницата. Мурат ага, катилот? си рече тој. И само со еден гаваз? Може господ ни го прати таков, за да го куртулиме народот од него? Тројцата јавачи веќе ја одминуваа сенката што ја фрлаше кожленската тврдина, кога од шумата се слушна пукот на ловџиска пушка. „Што беше ова?" праша Бошко и се подзаврте, ама пред него врз коњот веќе се навалуваше погоденото тело на ибн Пајко. Пукотот повеќе не се повтори, но и немаше потреба, зашто Марко веќе испушташе душа. Веќе падна мракот додека гавазот и Бошко, со мртвото тело преку своето седло, се прибраа во градот, па валијата нареди покојникот да ја преседи ноќта во куќата, иако според муслиманските обичаи тој требаше што поскоро да биде закопан. Се растрчаа измеќарите, дојде и оџата од новата џамија на ибн Пајко, па го положија телото на еден душек, со главата кон исток. Неколкумина Турци се проврткаа, му ги врзаа вилиците и палците на нозете еден за друг, а рацете му ги положија на мевот, па откако прошепотија неколку џенази14 според коранот, се тргнаа во другите одаи да каснат нешто од тоа што го беа донесле комшиските жени, зашто во куќата на мртовецот не смееше да се готви. Прозорците ги затворија да не влезе некоја мачка. Оџата пак ги потсети присутните, доколку сакаат некое време да поседат крај мртовецот, никако да не му седат кај нозете. Ама, за неполн час крај главата на ибн Пајко остана само Бошко. Целата ноќ ја преседа тој сам, без солза да пушти. Срцето му беше скаменето од неверување. Како можеше најчесниот и најдобриот стопан на светот да испушти душа, за ништо, и можеби по грешка што е Турчин? Беше ли со ова накажан што ја смени верата? Беше ли награден, за да не се мачи повеќе неговиот ум под фесот што не го сакаше? Беше ли ова судбина за секој што скока од коњ на коњ и мисли нема да падне? Утредента рано, Бошко допушти како во сон, пред очи да му го земат телото на саканиот пријател и да го однесат во тукушто изградената џамија. Се влечкаше по нив наполно исшутен, со нозе тешки како туч и очи прегорени од огинот што го сушеше, со сува уста, со сув здив, со мисли посуви и од гламња. Му рекоа со „сељам алејкум" дека може да влезе во џамијата, иако не е Турчин, зашто не се благословени само оние што клањаат, туку и оние што ги гледаат клањањата. Но тој, се тргна од поворката и замајано тргна кон чаршијата, и сам не знаејќи што бара таму. Телото на ибн Пајко го внесоа во џамијата, во дел определен за бањање, и неколку мажи брзо го соблекоа и го избањаа, додека оџата за сето време читаше џеназе намази. Потоа го развиткаа кетинот, долгото бело платно кое секој муслиман, преку целиот живот си го носи во чалмата врз глава, и од него, луѓето одредени за овој обред, исекоа и направија, без шиење, три парчиња за главата и градите кои ги врзаа едно со друго, така приготвувајќи го покојникот за заминувањето од овој привремен свет. „Алах дедир олур"15, велеше оџата, и читајќи ајат16, се молеше Алах да му ги прости гревовите на умрениот. Потоа го донесоа табутот17 и телото го положија врз него, па го прекрија со покривка везена со зборови од коранот. Така подготвен, го изнесоа ибн Пајко пред џамијата и го ставија на одредениот трон „мусала", каде обично се ставаат сите покојници по бањањето. Оџата кој раководеше со молитвите, тогаш ги подреди луѓето во три реда пред телото на умрениот, за да се молат за неговото спасение. Кога заврши тоа, донесоа еден сандак од џамијата, го затворија телото во сандакот и на горниот дел, кај главата, ставија одозгора фес, колку да се знае дека покојникот е маж, а не жена. Потоа четворица Турци го кренаа сандакот на рамо и појдоа кон гробиштата. А бидејќи носењето на сандакот е добивка за секого, како што објасни оџата, мажите се сменуваа на секои десет чекори во носењето: ги сменуваа предните двајца, а тие се повлекуваа на местата од задните двајца. Поворката не помина по мостот за гробиштата во Каршијак, туку се упати крај пазариштето, пробивајќи го полека патот меѓу луѓето сеирџии18. Повеќе дуќани почнаа да се затвораат, дуќани на рисјани и дуќани на Турци, а оние што останаа отворени ги голтаа во својата длабока темнина главите на замолчаните дуќанџии. Тогаш, како што поворката поминуваше низ Балабан-баба маалото, се слушна некаква нејасна викотница што се приближуваше од страната на Јенитепе. Носачите на сандакот малку се поколебаа и подзапреа, зашто кон нив се тркалаше голема група народ, викајќи и пеејќи алилуја. Напред одеа попот Ставре и робот Бошко, а до нив самарџијата Димо и стариот Пајко, сите стискајќи се толку за раце, небаре некој се беше устремил да ги раздели. Поворката застана, застана и народот. А попот крена рака да ги смири гласовите. „Со поп е крстен, со поп и ќе го закопаме", рече мирно тој, ама се слушна дури и во другото маало. Мавна со раката за да го турне фесот од сандакот. „Тој е наш мртовец", додаде. „Сега веднаш овде ќе ни го дадете!" „Ја, ја, не бу ѓурултија? Чингенелер?"19, праша оџата, кој не дослуша добро. „Не Цигани, туку рисјани", се подлути попот. „Дајте ни го мртовецот и да се разотидеме." Тогаш низ поворката, одзади, се пробутка онбашијата Екрем-ага со двајца сејмени покрај себе. „Дурун орда!"20 извика тој кон Турците и се нафрли врз попот: „! Шејтанот21 со вас, ѓаури! Ајде назад, оти ќотек ќе изедете! Папазу, попе, прво за тебе, десет стапови по гол задник!" „Вур отурма!"22 викна некој. Некој се насмеа, некој опцу, ама попот Ставре му ја фати раката на сејменот што се беше устремил кон него. „Чекајте! Да не се правиме за срам и поруга!" свика тој. „Лесно е да се крене рака на голорак народ, сејмени. Канонот е на ваша страна, а и оружјето. Ама умрениов човек е наш и на нашиот господ, со душа и срце е наш, тоа ви го велиме сите ние овде собрани. Лесно е да се степаме. Дајте ни го со мир, да го отпееме и да го закопаме по рисјански." „Јанлаш23 пазар, ѓаури!" рече сега и оџата. „Ама јас како измеќар на Алах ќе речам, зар таков срам ќе сториме? Ибн Пајко беше чесен и храбар рисјанин, ама сега е Мурат-ага и сега е наш!" Онбашијата се фати за балчакот: „Море, ако ги извадиме сабјиве, веднаш ред ќе направиме, ѓаури!" Ама попот пак ја крена раката: „Не будали онбаши-ефенди! Заповедај да не се прави зулум! За зулум е лесно! Треба мудрост да покажеме. Господ е еден и за вас, и за нас. Ибн Пајко е и наш, и ваш. Ни служеше и нам, ви служеше и вам, колку што му одреди севишниот. Таков човек и на две вери да служи не е штета. Тој стана жртва за својот народ, ама и сведок за нашиве премрежија. Вие го отпеавте, дајте сега и ние да го отпееме и душата да му ја смириме." „Ама, доста бре, празни муабети!" свика онбашијата и луто ја истрга сабјата. „Мурат-ага беше чесен и храбар кавурин, ама сега е Турчин. И толку!" Народот се развреви и почна да натиска одзади. Попот се опна да ги задржи, се опнаа и самарџијата и татко му на ибн Пајко, ама тоа не помогна и Бошко, кој истрча пред попот Ставре, прв се нанижа на турското сечило. Додека тој паѓаше, а колежот и пискотите продолжија, капакот на испуштениот сандак се лизна и одвнатре се откри восочното лице на Марко. Завиткан во бело, тој личеше на некој ангел задреман на полпат. Околу главата му виореа ѕвезди, се пресегаа сечила, издишки и клетви круна му правеа како на светец. Ама тој не гледаше во тепачката. Гледаше во небото. 2. Додека ѕидарите, мајстор Хусеин и мајстор Абдула, го редеа скелето за минарето и патем се препираа за неговата височина, ибн Бајко веќе убаво се смести во чифликот на село Бразда, што му беше доделен. Господарската куќа не беше во кула, оти кулата допрва требаше да се гради, туку во најубавата куќа со чардаци, во која порано престојуваа митрополитот и игумените, кога ќе дојдеа тука на прошетка, или обиколка. Селото Бразда, сосе селаните, до пред ден-два, беше во атарот на Свети Ѓорѓија-Горг, а сега, откако манастирот беше затворен од Турците, имотите им беа разделени на заслужните воини од битките во Унгарија и Босна, а селаните, заедно со нивите, шумите и чаирите, без едно-две, станаа кулукчари и поданици на Падишахот, потурчени насила и дури со амин од игуменот, за да не се крене поголема врева и да не се исукаат јатаганите. Зашто, веќе и така се слушаше дека во Блатието се собирале некакви ајдути и дека турската коњица таму везден патролирала. Со сила добрина не бидува, беше рекол помирливо игуменот, и нашиот Исус Христос тоа го проповедал, а тој што е зулумќар во зулум и ќе си ја догори свеќата. Ама игуменот, откако го рече тоа, си ги собра црквените книги, петрахилите и кадилниците, и заедно со калуѓерите се стегна за Хилендар, а рајата остана сама, да се чуди што ја снајде. Се чудеше ден, се чудеше два, па продолжи да си се крсти пред своите стари икони и кандила да пали, криејќи го пламенчето од кодошки очи, ама кога требаше одеше и во џамијата и се клањаше петпати на ден. Имињата мораа да си ги сменат, та така Параскевите станаа Ѓулсиме, Калините - Атиџе, а Косарите - Ќатибе: Апостол стана Рамадан, Костадин - Абдула, а Перун - Рустем. Веќе не знаеја како да се викаат едни со други, па продолжија да си се викаат со своите рисјански имиња, само што пред Петрета, кој сега стана Музафер-ага, подзастануваа, се потпрашуваа како кој се вика и добро се чуваа да не згрешат. Тодора не се потурчи, но идеше во Бразда да си ги види децата, терајќи ја бесно чезата, опасно налегната, како корито под нејзината тежина. Ја следеа завидливи очи, испиени од ноќно бдеење, селани што би ја свалкале во калта и со сладост би ја нагнетиле. Таа се држеше исправена и горда, дури и кога двајца турски гавази ја беа претепале во ендекот близу Бразда, забранувајќи ѝ да му се меша во животот на Музафер-ага. Но таа божем не го слушна тоа. Си продолжи по свое. Само во петоците не доаѓаше, кога авлиите се полнеа со чези од турски гости од градот, кои идеа на чист воздух и на поседок. Душманите не ги рецкаше, а пред тие што ја трпеа се лизгаше како алва во саан. Душемето крцкаше под нејзините стапала, и кога Амдие, Разие и Селвие, трите нови жени на ибн Бајко, ќе го чуеја тој крцкот, само се тргаа во околните соби. Тие, и самите потурчени, беа посреќни што станаа жени на рисјанин, не на прав Турчин, па веднаш премолчано решија да ја сметаат за прва анама. Тодора донесе икончиња во куќата на Петрета и ги изнареди околу постелите на децата, ги учеше на молитви малечките и пред заспивање им читаше од Светото писмо. Петрета го одминуваше, небаре е проѕирен како неџефски џам. Не се плашеше од гавази, на кои Петре би можел да им се пожали и да побара заштита. Ако излезеше да се прошета крај куќарките на аргатите и чифчиите кои работеа на сегашниот имот од Петрета, одеше со кренат камшик, небаре мутесарифот Мехмед Фаик-паша дошол на обиколка, и на сите им се обраќаше со „Господот наш Исус Христос да ни е на помош", божем не знае каде се наоѓа. Околу господарската куќа се чуваше добитокот, понатаму беше гумното и сламата, бавчите и нивите, јазовите - детскиот рај за летно капење. Пред куќата, кај шадрванот, таа ниту подзастануваше, небаре не ја гледа таа убавина, а кога слушна дека ибн Бајко е задолжен да изгради и теќе, што ќе биде чувано од теќе-ефенди, таа толку силно се исмеа, што шумата се стресе, а потоците наоколу почнаа да подрипнуваат врз камчињата. Малку по малку и Тодора стана вистински газда на чифликот. Ја прашуваа само неа дали сето млеко од овците да се сири, или нешто да се извади во ѓумови за на пазар, и колку, па колку восок да се остави за свеќи, дали маслото во ќуповите ќе стаса или да се прикупи, дали од месото од свињите што мораа да ги испозаколат, зашто мухамеданците не јадат свинско, да ѝ остават некој черек за неа и за папуџијата Јосиф. Водарите не полнеа вода ако таа не наредеше, варџиите не ја гаснеа варта ако таа не го кренеше камшикот, а делкачите на каменот што се собираше за градење на џамијата, а што ќе преостане и за кулата и теќето, не работеа додека таа не поминеше и со опул не ги штрекнеше. Петре пак се најде во чудо: што да прави со оваа незгодна жена? Ако ѝ рече да си оди, таа ќе се врати, зашто и Амдие, Разие и Селвие трчаа по неа да ја прашаат што да прават со сланутокот, или дали е арно ралата, плуговите, дрвените лопати за веење, вилите, греблата и срповите да стојат на истите места како и порано. Ако ѝ рече да остане, божем за да имаат децата права мајка, таа ќе се напрчи уште толку, небаре женски чауш, и ќе почне да му го фрла фесот низ чардакот, или да му ја топи чалмата во шадрванот. Додуша, за зимоиштето ја биваше повеќе и од Амдие, Разие и Селвие, и тука ибн Бајко си ја голташе лутината. Ставаше во голема каца зелка, зелка што алтан не ѝ беше рамен, а во земјени ќупчиња и разни туршии и речели, направени со тикви, шира, дуњи и мушмули, а од свинското што не смееше да се продава по касапниците, зашто и касапите беа само Турци, Тодора нареди да се направат пастрма и суџуци, та кога скришум ги направија со неговите три жени, скришум и ги пренесоа есента со товарни добичиња од селото в град. Суџуците таа самата со голем мерак ги подготви за инает на новиот Музафер-ага, ги измеша со јунешко месо и со разни мирудии, и откога ги исуши им даваше на децата да грицкаат сув суџук, за да не ги издаде миризбата при пржењето. За малку да не го посрамоти Петрета. Што да правеше со неа? Како да ја иставеше од пред очи? Кога ѕидарите, Хусеин и Абдула, дојдоа еден ден на чифликот за да прашаат за висината на минарето и така да ја прекратат караницата, и тогаш сите, по навик, првин погледаа во Тодора. Вистина, новиот Музафер-ага се вдаде да отвори уста, но таа и во тоа го претече: Рече: „Минарето да биде пониско од другите минариња на скопските џамии". Мајстор Хусеин се зачуди: „Зошто?", праша. „И џамијата да биде помала од другите скопски џамии!", отсече пак Тодора. „Ама зошто?", се зачуди сега и ѕидарот Абдула. Тодора брзо размисли: „Па, за да се види дека им се прави чест на правите муслимани. А и да се види покорноста и понизноста на Музафер-ага, ефендии. Тоа му доаѓа како да клекнал на коленици и така му се моли на Алаха". Сите останаа без збор, а Турците си рекоа алал за оваа жена, која иако не беше Турчинка, знаеше да се стави на правото место. Само ибн Бајко ја знаеше вистинската причина. Таа сакаше и со ова да го столчи, пак и пак, а сето да остане забележано и врз малечката понизна џамија која низ народот и сеќавањето ќе го носи неговото име. По година, кога џамијата веќе беше готова, Амдие му роди син на ибн Бајко. „Овој ќе биде прав Турчин", си рече Петре, и почна да мисли какво име ќе му даде оџата во џамијата. Ама, тукушто влезе кај детето да му го види лицето и да си каже дали повеќе личи на него, или на Амдие, туку се стаписа кога виде дека и таму Тодора орото го води. Среде одајата, со спуштени пердиња, и во полутемното, беше ставено калаисано купелче со топла вода, а околу него се моткаше лично попот Никола од Ралин-Панта маалото, кого сигурно Тодора го беше донесла со чезата за да го крсти детето по рисјанските обичаи. Трите негови жени, вцрвенети и среќни, и пред сè незабулени пред него, трчкаа и му подаваа час крпи, час лончиња, додека не го видоа Петрета на прагот како ги оџагорил очите. „Што правите вие овде?", праша строго ибн Бајко, откако си го присобра здивот. „Сус, море!" го пресече Тодора и во собата завладеа таква тишина што и ибн Бајко мораше да се далдиса во тоа што го гледа. „Куме, одрицаешсја ли сја сатани и всех дела его?" праша попот Никола, завртувајќи се кон мажот што стоеше отстрана и за кој дури сега ибн Бајко стана сигурен дека е папуџијата Јосиф. „Одрицајусја", одговори овој, повторувајќи го тоа трипати. „Се одрече од сатаната?" „Се одреков". „Сјединаешсја ли сја Христу?" „Сјединајусја", пак трипати повтори татко ѝ на Тодора. Стариот Јосиф го зеде детето од рацете на возбудената Амдие и со него трипати се заврте околу купелот, пред да го брцне рулчето во водата. „Кажи го, куме, името", му се заврте попот Никола на Јосиф. „Дабижив", рече овој свечено. Попот тогаш запеа, крстејќи се: „Е па, на Дабижив господ нека му даде здравје и долг живот, нека на народот свој му биде поткрепа и јунак да стане, оче наш, иже јеси... на небеси..." Ибн Бајко излезе на половина од молитвата на попот. Нозете му се тресеа. Колкот силно го болеше. Цапаше ли пак во ѓолот1 што мислеше дека го прецапал и излегол на суво? Зошто водата сè погоре му растеше, небаре извираше од вечен извор, та му ги зафати колениците, колковите, па мевот и папокот, и му се качуваше кон брадата за да го удави? Што да направи и со кого, за да се смири најпосле и блажина да сети во своето срце? Како што чекореше тапо по чардакот, туку наеднаш му дојдоа едни познати зборови во умот. „Починете си ги очите од солзите, и умот од мислење." Тоа беа зборови што ги беше прочитал во еден напис зачуван меѓу книгите од манастирот Свети Ѓорѓија-Горг. Зборовите ги беше напишал некој Добре, писар. Умот од мислење. Очите од солзите. Може ова му беше казната од копјето на Свети Ѓорѓија, кое најпосле заслужено го стаса?, си рече. Не можеше да не го стаса, не. Боже, боженце, го молеше тој порано, та удри со тоа копје наместо по ламјата, по оваа бесна Тодора. Ама гледај што се случи. Него го прободе. Среде срце. Отиде ибн Бајко во својата одаја, седна омрцлавено на миндерот. Како беше напишал тој пусти Добре писарот, кои зборови последно откорна од себе? - пак си спомни. Татковината ми е гробот, а земјата мајка. Добре писар, недостоен роб на Христа бога, на огнот вечен роб. Тревата му беше прва одежда, црвјата вечни гости. Затоа, ако и згрешам негде, било со збор, или со дело, браќа мои, штом ќе го читате ова да пеете, а не да колнете. Од колнетите проколнат е, а од благословените благословен е. Починете ги рацете од работа, очите од солзите, а умот од мислење. Ја одвитка новиот Музафер-ага чалмата од глава и ја положи на коленици. Потоа, со острото чакииче2 што го извади од џебот на бечвите, направи две длабоки рецки на едната и на другата рака, веднаш над шаката каде што дамареа сините реки на неговиот живот. Чалмата ја поттури под крвта и таа брзо се натопи. Кога Тодора го најде таков, бел како изваден од варница каде несреќно се струполил, крвавата чалма веднаш не ја препозна: таа ѝ заличе на покровот Христов од манастирот Нерези, со кој пред векови му ги завиткаа светите рани на божјиот син. Уште првата ноќ по муслиманскиот погреб во новата џамија на ибн Бајко, Тодора викна двајца кулукчари и тие го откопаа од пресниот гроб телото на Петрета. Врз асурата во гробот го фрлија кетинот со кој беше завиткано телото, а врз нив ја нафрлаа тргнатата земја и го наместија гробниот камен. Голото тело го натоварија врз чезата од Тодора. Попот Никола ги чекаше врз ископаната дупка на рисјанските гробишта. Телото првин го измија од земјата со водата донесена во котле, потоа го легнаа во приготвениот дрвен сандак искован од груби штици, и сандакот го заковаа. Дури потоа попот го отпеа мртовецот, повеќе со шепот отколку со зборови, и откога тоа заврши, го спуштија сандакот во дупката, ја нафрлаа земјата, ставија крст, и на крстот напишаното име - Петре, син на Бајко. Кога во муграта, брзајќи веќе и со згаснат фенер на чезата, се враќаа тивко в град, попот Никола ја праша Тодора: „Јас знам зошто го направи ова, ќерко. Ама сакам од тебе да чујам, за да чуе и господ." Тодора се прекрсти кон исток и рече: „Не сакав моите деца да имаат татко Турчин. Затоа, мил оче". 3. Марин, небаре го прочита, му рече: „Сега мислиш дека си рамен со бегот? Дека си поблиску до Атиџе, затоа што си се потурчил и дека таа ќе знае зошто си го сторил тоа? Напротив, бегот има голем доказ за да те оцрни пред неа: ти си се оженил, човеку! Тоа сигурно ќе ѝ го каже на Атиџе и ќе го искористи најдобро што може." Сандри размислуваше пред него, занесено: „Што велиш, пак да му појдам? Сега без тебе. Како Турчин кај Турчин. Може тогаш и Атиџе ќе излезе да ме поздрави." Дубровчанецот ги собираше рамењата: „Појди. Но колку да видиш дека е вистина ова што ти го велам. Тебе те чека среќа, човеку, среќа и слава, така ти зборува хороскопот, но не можам да ти кажам кога тоа ќе настапи. Добро, добро, испробај ја судбината." Ибн Тајко, спротивно на она што беше и со тескере, поаѓајќи накај санџак-бегот ја зеде со себе и библијата што му ја продаде крај езерото Марин Крусиќ. Какви намери имаше тој со неа, толку непогодна, и за него во мигот беше нејасно, освен можеби пред ученоста и начитаноста на бегот да ја покаже и својата упатеност во нешта за него далечни. Ќе да беше второво. Веруваше ибн Тајко во изедначените места, па сакаше уште да ги направи и видливи. Санџак-бегот го прими воздржано, иако Сандри го поздрави по турски. Тоа овој го протолкува како извесно губење на дотогаш и така усилената присност, поради тоа што одамна не се беа виделе. Затоа, за разлика од бегот, тој побрза да ги расчисти утапканите траги, бидејќи и цвеќето што стоеше во вазната среде маса тоа му го одобруваше. Тоа беа неколку китки црвен божур, чии тешки глави ѕвонеа со бојата и пораките. Ти си решителен, му велеа тие, тоа што си го намислил е корисно и разумно. Ти лесно се приспособуваш и брзо ги освојуваш луѓето. Продолжи така. А во љубовта си многу среќен, но најмногу со тој што е сличен на дивиот трендафил. Само што љубомората е твојот најголем непријател." Дивиот трендафил? Нели бастунот на санџак-бегот беше направен од див трендафил? Синот на Тајко затрепери. Значеше ли тоа дека работите се редеа во негова полза? „Ти носам една чудна книга, вели бегу, рисјанска" рече ибн Тајко. „Таа мене повеќе не ми треба, доста ја гледав нејзината убавина без да ја разбирам. Не е ни на мојот, ни на твојот јазик, но бидејќи тоа е библијата, а бидејќи е и толку ретка и убава, мислев ќе те радува да ја имаш меѓу многуте други книги што ги чуваш кај себе. Чест ми е што можам да ти ја подарам. Верата не е важна, важно е она што го пишува внатре." „Ти сега ќе го проучуваш коранот," се насмеа бегот. „Слушнав, си се оженил со Турчинка, а и самиот си се потурчил." „Добро си чул, светол бегу. Сега сум Сафет-ефенди." „Машала, Сафет ефенди. Кај вас изгледа е лесно на верата да се гледа така. Читав за вашите богомили. И тие одрекувале многу работи од верата, и господа го признавале само во срцето. Всушност биле против власта на државата и на црквата. Ибн Тајко ништо не знаеше и за нив, па затоа побрза да рече: „Верата е едно, а книгите се друго. Тие и кога зборуваат за верата, не зборуваат само за неа." „Така е", рече бегот со воздишка. „Така е. Книгите се умот на сето глупаво човештво. Јас одамна размислувам како во градов да направиме една книжарница. Имаме писмен и учен свет, а треба да го имаме уште повеќе. Чумата ги коси луѓето одвреме навреме, ама книгите остануваат. Ми зборуваат за некој Кара-Трифун. Тој би бил подготвен да почне со таа работа. Ти си слушнал за него?" „Не, светол бегу". „Светот оди напред, а ние тапкаме во место. Господа, ни се чини, за брада го фаќаме, само кога ќе ја смениме верата." Бегот подолго ја проучуваше збунетата реакција на Сандри. „Ајде, кажи ми сега нешто за чифчиите што се околу тебе," го сврте разговорот, небаре сожалувајќи го рибарот. „Ми кажуваат, меѓу селаните се забележува сè поголем бес и дрско однесување со ќаите и агите. Вистина ли е тој милет1 толку пис2?" Што беше сега ова? Сакаше ли бегот од него да направи кодош, само затоа што доброволно се потурчил? Но сепак, носен врз брзиот бран што нејќеше да го запре, Сандри рече: „Можеби е и бесен тој милет, ама сега враќа, бегу ефенди. Тоа е многу сиромашен милет, не пис. Многу малку од нив имаат и по некое свое нивче. Главно ја користат трската од шамакот на блатото, за правење рогозки." „А со ќаите и агите, нели се безобразни?", бегот изгледаше нестрплив. „Не е ретко, вели бегу, по собирањето на годишниот бериќет, ќајата на чифчиите да им одзема и од оној дел што ним им припаѓа. Така остануваат да гладуваат и тие, и нивните деца. А уште почесто зема од чифчиите да работат по бавчите и двориштата на агите, а по извршената работа, ако си ја бараат платата, од ќајата добиваат само ќотек. Да не ти кажувам, вели бегу, за нивните жени. Тие се измеќарки, не мајки и домаќинки. Им аргатуваат од утро до вечер на каданите по куќите на агите. Затоа велам, овој милет не е толку пис, колку што сега враќа, вели бегу." Санџак-бегот молчеше. „Знаеш ли дека сега стана и кодош, Сафет- ефенди?" „Знаев и пред да почнам," рече прибрано ибн Тајко. „Зошто го правиш тоа?" праша бегот. „Ти не знаеш, бегу?" „Знам," рече бегот и воздивна. „Знам и дека тоа нема врска ни со вера, ни со кодошлак. Нашите срца се болни, Сафет-ефенди, и затоа грешиме. И моето, и твоето срце. Ама светот не го интересира тоа и затоа сакам да те прашам: ќе направиш една џамија во слава на Алах? Да се чудат рисјаните и да бараат да бидат како тебе." „Ако речеш ти, светол бегу, готов ќе бидам. Само со кои пари? Јас сум голтак." „Ќе бидеш богат. Ќе те назначам за ќаја. И тоа, колку што е награда, е и казна, знаеш? „Знам, светол бегу." „Оди сега. И аферим за книгата. А ако сакаш да ја видиш Атиџе, дојди по една недела во бањата на Каплан. Мојот еким Ибраим-ага вели дека ми е крајно време да одам таму. Водата била топла и многу лековита. Спахијата Каплан-паша има тимар таму и многу е богат. Мездрите во Зелениково, Беране и Ајдинче се негови. Ми прати абер дека ќе е среќен што ќе појдам во бањата. Ќе земам со мене и три жени, некои од нив одамна ми се жалат на виеж во коските." Ибн Сајко тогаш поголтна: „Ќе дојде и Атиџе?" „Без неа никаде не одам, таа ми е, знаеш, најмила. Ако ја поведеш и ти жена ти, тие двете заедно ќе се бањаат, ќе зборуваат и ќе се исповедаат по женскиот обичај, и жена ти може после да ти расправа сè што ќе ја прашаш за Атиџе." Со Ѓулсиме живееја добро. Како двајца несреќни брцнати во иста каца. Таа, иако многу помлада од него, прва забележа дека промената во нивниот живот не е промена само зашто тој се потурчил и се оженил за неа, или затоа што тие го смениле местото на живеењето. Сафет-ефенди сега живееше со неа како ќаја во една поголема куќа среде селото Ајдинци: беше благ ќаја, справедлив, но и во тоа не беше промената, дури ако се земе предвид дека и недоверчивите селани, ненаучени на такво однесување, ќајата што не ги искористуваше го сметаа за недоветен и глупав. Ѓулсиме погодуваше: промената беше длабоко во него, како некој затрупан ѓериз3. Надвор беше добар, внатре бесен и зол; надвор справедлив и трпелив, внатре подготвен за ѕверства. И пак не затоа зашто ја смени верата толку лесно. Или зашто џамијата одамна почна да му се гради и наскоро ќе беше готова, а нему во сон му се чинеше дека ги слуша клетвите на каурите, или прекорите на Влаинката и стариот Тајко. Сето тоа беше надвор од него, насетуваше Ѓулсиме со својата детинска чистота и женска проникливост. Порано беше понизен како човек што од мал е научен на гордост и понизноста ја сфаќа само како добро однесување. Сега беше понизен како скршена трска што не може да се исправи. Тивок беше и порано, дури молчалив - таа го беше видела таков и знаеше дека е тоа молчаливост на човек што сака да учи од другите. Сега молчаливоста му беше катинар, за да не излезе од него онаа смрдеа што го труеше. Ѓулсиме погодуваше дека тој сепак е обземен од нешто. Татко ѝ би рекол - и тој самиот не знае каква мака го мори. Да беше друга жена, тој сепак не ќе се оженеше со неа, размислуваше Ѓулсиме. Имаше право да се ожени уште со една, или уште со колку сака, ама тој тоа не го спомнуваше, иако околу него жени беа само нејзините сестри. Промената кај него беше толку длабока и суштинска, што и нему му требаше време за да се запознае, а бидејќи такво време немаше, се однесуваше како измрзнат туѓинец што тропа на усамена куќа за да се стопли. Тој се повлече уште повеќе во себе, особено откако пред една година ги вратија од бањата на Каплан. Го паметеше тоа убаво Ѓулсиме. Беа се кренале со полна чеза подароци што ќе ги разделат на присутните, од ќајата на Ајдинци - оној вид понизност што го отсликуваше наученото добро однесување. Ѓулсиме трепереше тогаш од возбуда, што ќе биде во друштво со толку познати анами, таа, која во Блатието плетеше само рогозки. Притоа беше и трудна, и баш сакаше да ги праша поискусните кадани дали таква смее да се потопува во жешката вода на бањата. Нејзиниот маж не ги слушаше советите на мајка ѝ која изроди толку ќерки, тој забрзано ја водеше и неа кон нешто што влече посилно од смрт, од погибел: небаре ја жртвуваше и неа покрај себе. Ѓулсиме тогаш не знаеше што е тоа, таа трескава напнатост што јури главечки и слепо. Премлада беше, и неискусна, за да ги знае мрачните страни на љубовта кои безмилосно го согоруваат срцето на вљубениот. Беа се растовариле на мегданите околу бањата, кои, како и секој петок попладне вриеја од чези, дотерани мажи и растрчани деца. Булите одеа полека и држејќи се под мишки една со друга. Тоа беа сигурно редовните гости на Каплан-паша, кои во петоците идеа овде на теферич и за да си ставаат жените ума и к'на, додека месата им се греат во топлите извори. Па сепак, и во таква врвулица чаушите ги видоа токму нив, и рекоа дека за нив не е дозволен влез во бањата. Сандри првин подзина, а потоа праша: „Санџак-бегот тука е?" „Тука", рече чаушот. „Со трите жени?" „Со трите жени." „Е па, гледаш ли дека знам? Оди, прашај ги, и Каплан-паша и санџак-бегот, дали не е поканет да дојде во бањава и ќајата од Ајдинци." Чаушот се врати: Санџак-бегот вели да си одиш! Имаш друга работа и овде не ти е местото!" Страшно ѝ беше на Ѓулсиме и да се сеќава на тоа: како потоа Сафет-ефенди се расправаше со чаушот. Тој викаше, тој мавташе со рацете како последен амал додека сите се завртија да го гледаат, а чаушот само мирно стоеше пред него и дури не посегна ни по пушката, за да го смири овој будалетинка. Никако не сакаше одново да се качи во својата преполна чеза Сафет-ефенди. Ја турна Ѓулсиме, го клоцна коњот. Излезе дека е коњот поразумен од него, зашто кога чаушот го фрсна, тој појде покорно, но подостоинствено од својот господар. Кога му се роди синот, промената си остана, и натаму повеќе внатрешна, отколку надворешна. Сафет-ефенди беше заборавил да се смее. Синот можеше да го поучи дека љубовта често наоѓа замена. Дека, ако се таи и расте како меур, таа умее и да преоѓа, и натаму да ги бара сите свои права. Не мораше таа само да разболува. Навистина, гаснејќи, таа се распаѓа како ѕвезда што паѓа, но и како гердан што се разнижува и ги растура наоколу светливите монистра. Одново синот на Тајко одеше во шамакот, со часови гледајќи во сонцето што заоѓа. Сè почесто остануваше таму, и сè повеќе, па се случи и со денови да не доаѓа во куќата во Ајдинци. Ѓулсиме престана да ја очекува неговата помош во домашните работи, и, како вистинска жена на ќаја, го избра поразумниот и утапкан пат, и почна да ги вика селските жени да ѝ работат низ куќи, да ѝ аргатуваат во бавчите, и да ѝ го чуваат детето. Таа почна да се разубавува и да се дотерува, градите ѝ станаа бели како млеко, кајмаклијата лице пак се научи да го употребува за изразот на задоволството што го немаше. Се надеваше Сафет-ефенди да го види ова, и ако машкиот чемер може да се брише со женска убавина, да посака тоа да го стори со неа. Но како тој не ја ни забележуваше, и таа лека-полека престана да копнее по него. Тогаш согледа дека и нејзиниот копнеж е само научен копнеж на жена што се подготвува за брак, не и вистински одраз на нејзините уплашени чувства. Кога скопскиот санџак-бег беше поставен за везир на источна Румелија, Сафет-ефенди се прибра сосема во куќичката крај шамакот. Турците му дотураа по некоја чинија грав или рибја чорба. Но бидејќи тој престана да се заблагодарува, тие се завртија кон напуштената Ѓулсиме, која всушност требаше и повеќе да биде сожалувана од него. По едно време Влаинката дојде пак да го посети, и тогаш го најде неговото здрвено тело врз ложникот во куќичката. Имаше раскината фанела на градите и целиот беше поцрнет од муви и други гадинки. Таа го задуши крикот и не појде кај Турците да им ја каже веста, туку веднаш се упати пешки кон градот, да го бара Марин Крусиќ, ако тој не е некаде со карванот по своите прелажни патишта. Имаше намера тој да ѝ помогне синот на Тајко да го погребаат по рисјански. Во градот, црквата и артиката на Свети Димитрија, беа полни со народ. Внатре чинодејствуваше митрополитот дојден од црквичето „Свети Јован Претеча", со уште двајца попови од скопските маала. Ковчегот со измиеното и променето тело на Сандри, беше поставен во средината на црквата, а околу него гореа свеќи во рацете на присутните. Митрополитот читаше од евангелието и зборуваше за земниот прав на секој човек што мора да се врати во земјата, но и за душата која полетува сега кон небесата, за да ја добие таму заслужената награда или казна. Откога пеењето заврши, врз сандакот го ставија капакот и шестмина селани од Ајдинци го кренаа на раце. Излегоа со сандакот во дворот, одвај пробуткувајќи се низ насобраниот народ, а потоа појдоа низ главниот сокак. Напред одеше селанец во празнична носија на Блатието и тој носеше дрвен крст со испишаното име - Сандри, син на Тајко. По него одеше еден момчак што носеше каленица со пченица, а по него врвеа ѓачиња, во рацете со издигнати херувими и серафими. Зад сите нив пак, свештениците во црковните одежди. По ковчегот со телото на покојникот, одеа Влаинката, забрадена во црна шамија, стариот Тајко и Марин Крусиќ. По нив се точкаше многубројниот народ. Никој не плачеше. Додека поворката се движеше по главниот сокак, одеднаш се чу пукот од пушка. Народот се развреви и застана, обѕрнувајќи се да види од каде доаѓа пукањето и затоа сандакот со носачите се издели напред, останувајќи сам. „Сакиин дурунус!"4, се слушна високиот глас на онбашијата, и вревата тојчас секна. „Пукањето што го чувте," викна тој, „не беше против вас, ниту против вашиот покојник. Ние му даваме почест и викаме жигити вур, ама акани јеме'!5 Затоа сега ќе ни го предадете покојниот Сафет-ефенди, за да го погребаме како што е ред и чест да биде погребан секој Турчин." Шестемина селани од Ајдинци мирно го спуштија ковчегот на земја, а шестмина гавази веднаш го позедоа и го однесоа во џамијата на ибн Тајко, каде што одново, само според други обичаи, требаше да се подготви телото за вонземскиот живот. Народот почна да се разотидува, уплашен од нереди. Дури и Влаинката, која, за да не се струполи, го фати под рака мажот си, па и Марин Крусиќ, - дури и тие, по мала недоумица, се упатија во спротивна насока преку мостот кон Каршијак, иако патот не им беше натаму. Небаре сакаа да се утешат со реката што мирно си течеше, како и пред векови, како и по векови. Никој не плачеше, ни од рисјаните, ни од Турците. Човекот што толку љубеше, се покажа дека не бил толку љубен од никого. За почуда само, со време, околу турскиот гроб на Сафет-ефенди никна босилек, и тоа многу го израдува Марин Крусиќ. Тој ѝ објасни на мајка му на Сандри дека босилекот е царев мирисен цвет, дека во рајот има најмногу босилек и дека на Богородица тој ѝ е најмилото цвеќе. Дури се кажува, рече Марин Крусиќ, дека босилекот најнапред никнал на Голгота, каде што Исус бил закован на крст, а потоа никнал сам и на Христовиот гроб. Се случи и друго: славата и задоцнетата среќа што му ја предвиде Марин Крусиќ на ибн Тајко, брзо се оствари. Уште не му беше ни распаднато телото на Сандри, а веќе за него се говореше, првин по градските маала и низ нахијата, а потоа и по цела Румелија.